МВР дезинформира

6/05/2006

Ризикувајќи да бидам здодевен, уште еднаш укажувам на дезинформации на МВР со кои се стигматизираат корисниците на дрога:
„СВР-Прилеп поднесе кривична пријава против М.И. (19) од Прилеп, за сторено кривично дело »употреба на наркотични дроги, психотрони супстанци и прекурсори«.“ (05.06.2006)
„Психотрони“ супстанци е сигурно печатна грешка.
Но, информацијата дека »употреба на наркотични дроги, психотрони супстанци и прекурсори« е кривично дело, е дезинформација која го зацврстува негативното предубедување кај јавноста дека корисниците на дрога (во случајов - марихуана) се криминалци, а не прекршители.

Во поднасловот на информацијата се укажува дека таа е наменета „за натамошно проследување во медиумите“.
Ќе поднесе ли некој најпосле одговорност за систематското дезинформирање на јавноста во врска со корисниците на дрога?

Изјава на неделата

„Во литературата се пишува за вештерките од 17 век. Појќе ме интересираат сексуалните работнички покрај МРТВ од 21 век.“
(
Букаро во Шамарење на музичките идоли)
Со такви структури како Венко ли „Македонија напред, а не назад“?
П.С. Јавно признавам дека со последните три раскази Букарски мошне пријатно ме изненади. Претенциозноста и препотентноста ослабуваат, и Букарски полека станува Писател со големо П.

Оаза на мирот и љубовта?

6/04/2006

Да не прочитав у весник, немаше да знам дека сум ти бил „латентен хомосексуалец“. Над мојот текст „Со љубов против омразата и насилството“ објавен во „Неделно Време“ стои уреднички наднаслов „ХОМОСЕКСУАЛЦИТЕ КОНТРА МПЦ“.
Сега знам што да очекувам за следниот пат кога ќе пишувам за правата на зависниците од дрога, за правата на сексуалните работнички, за правата на жените, за правата на затворениците, за првата на болните во психијатриските установи...
Еве и дел од коментарите на читателите:
„...за тие изроди треба само куршум (или депортација во некоја исламска земја)“ (Јас, Македонец)
„... навистина би било убаво еден ден некој да ти бркне во дебелото црево за прилично добар хонорар.“ (никој и ништо)
„па добро бе педери, нормално ли е или природно што се ебете? погледајте во природата, ниту мајмуните не го прават тоа. да ви дадат право на брак, утре ќе побараат педофилите, некрофилите, итн... скријте се во некое дувло и доста за тоа.“ (робинхуд)
За жал, слично размислуваат и некои наши универзитетски кадри и познати јавни личности кои отворено шират хомофобија во своите училници и при јавните настапи.
Ако промовираш насилство, можеш да добиеш и место во парламентот.
Ако промовираш поинаква љубов, можеш да очекуваш куршум, ќотек или депортација.

Машките бастиони паѓаат!

Ќерка ми почна да тренира шах пред неколку месеци и деновиве играше на својот прв турнир.
Иако мнозинството учесници беа машки, на шаховското отворено првенство на клубот „Гамбит“, што се одржа викендов, во категоријата до 10 години убедливо победи едно девојче од Белград!
Ај да ги чујам сега оние што тврдат дека машките се поинтелигентни од девојчињата?
Исто така, да потсетам и дека наградата за предвидување на фудбалски натпревари за минатата година (бесплатно патување на финалето на лигата на европски шампиони) ја освои една колешка од Истражувачкиот центар за родови студии.
Како е можно тоа, па нели машките се најдобри познавачи на фудбалот?

50 најлажни ветувања?

6/03/2006

Ги прочитав 50-те „најважни ветувања“ на СДСМ и прво што забележав е дека владејачката партија воопшто не ветува дека ќе се бори против корупцијата.
Толку ли се искрени од СДСМ - не ветуваат намалување на корупцијата затоа што немаат намера ни да исполнат такво ветување?
Ќе ми каже ли некој како без искоренување на корупцијата ќе успеат да ги исполнат болдираните ветувања „Започнување и успешно завршување на преговорите за членство во ЕУ“ и „Македонија членка на НАТО“?
И врапчињата на покривите знаат дека после толку скандали („Ел-Масри“, „Бачило“, шверцот со цигари...) Македонија има само теоретски шанси да ги започне, но нема никакви шанси и успешно да ги заврши преговорите за членство во ЕУ до 2010 година.
Наместо да вети борба против корупцијата, наместо да вети демократизација, владеење на правото и почитување на човековите права, владејачката партија излегува со популистички ветувања кон неколку целни групи гласачи: „Раст на пензиите 10%“, „Зголемување на платите во администрацијата и безбедносните сили за 12 %“, „Бесплатни учебници и здравствена заштита за децата од семејствата кои примаат социјална помош“, „Интегрирање на 60.000 земјоделски семејства во пензискиот систем...
Каков заклучок ви се наметнува кога во 50-те најважни ветувања на СДСМ нема да прочитате ни Д од демократизација, ни Ч од човекови права; кога ќе сфатите дека воопшто нема никакво споменување на трите наши најголеми проблеми - сиромаштијата, невработеноста и корупцијата?
Политичките аутисти од СДСМ очигледно не живеат во истата земја во која живееме и ние. Тие си живеат во нивното потемкиново „Водно“.

Wild Justice?

Еве што прочитав во написот „Маниjак напаѓа жени во лифтови“:
„Кога сосетката ја отворила вратата за да влезе во зградата, и манијакот ја искористил шансата, па влегол со неа. Дишел тешко, не ја кревал главата и изгледал сомнително, но сосетката не можела да претпостави што ја чека“, велат станарите. Кога видел дека жената оди на петтиот кат, манијакот го притиснал копчето за едно од погорните катови. На третиот се обидел да ги испразни своите фрустрации, но се изненадил кога жената почнала да вреска. Соседите веднаш притрчале напомош, по што манијакот ја отворил вратата од лифтот и избегал по скалите. Додека бегал, луѓето го удирале по главата и телото. Едвај спасил жива глава.“
Жити се, а на кој начин тоа „се обидел да ги испразни своите фрустрации“? Или, тоа не е за во весници пошто е „жива срамота“?
Без овие важни детали, почна да се буди скептикот во мене и да си поставува вакви прашања: Што ако жената претходно го читала блогот на
Би, па добила напад на ирационална параноја? Што ако дечкото дишел тешко затоа што претходно изгубил баскет од Вуна, па брзал да го фати лифтот? Како тоа изгледал сомнително - имал брадичка ко Анти, пирсинг на увото, или носел маичка со Мерилин Менсон? А што ако бил несреќна жртва на синдромот „Удри јако по манијакот!“?
Пардон, пардон - дури откако го прочитав текстот сосем случајно видов дека под фотографијата (дел од ходник пред два лифта - каква илустрација за закана!) е испечатено следново: „Напад: Манијакот најпрво ги соблекол панталоните, а откако жената почнала да вреска, ја фатил за гушата, обидувајќи се да ја задави“.
И пак не ми е јасно за што всушност станува збор - за обид за силување, за задоволување полови страсти пред друг, или пак за обид за убиство?
Или тоа за новинарот воопшто не било битно, најбитно е дека насилникот бил „манијак“ и дека „Едвај спасил жива глава“.
Сакате наравоучение?

Додека новинарите фабрикуваат вести за „манијаци“, на луѓето им е преку глава од „ефикасната“ полиција и „независното“ судство и почнуваат да ја земаат правдата во сопствените раце.

Bodyfucking или mindfucking?

6/02/2006

Некои психоаналитичари советуваат: Следете ја сопствената желба!
Но, што ако телото сака едно, а умот нешто сосема друго?
Во случај на разидување помеѓу физичката и менталната желба, која желба ќе ја претпочитате?
Ако сте во состојба да бирате, што ќе изберете: објектот на физичката желба или субјектот на менталната желба?
Bodyfucking или mindfucking?

Тоталитарен менталитет

Дали нашите судии судат според Уставот и законите?
Или пак судат самоволно, по сопствен ќеф?
Еве што известува
Време за сослушувањето на еден од клучните сведоци во случајот „Југ“:
„Тој на судењето беше опоменат за недолично однесување бидејќи на Судот му се доближи џвакајќи мастика, по што му беше наредено да најде канта за отпадоци и да ја фрли мастиката.“
Дали некаде во Уставот и нашите закони пишува дека е забрането џвакање мастика? Меѓутоа, во Уставот убаво си пишува дека „Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането“.
Ако ниту во законите нема таква забранувачка одредба, ако ниту во судницата нема закачено „куќен ред“ во кој експлицитно се забранува џвакање мастика од страна на сите присутни, тогаш станува збор за самоволно ограничување на слободата од страна на судијата.
Што има недолично во џвакањето мастики?
Гордо си џвакам мастики секојдневно, во различни ситуации.
Од каде Судот има надлежност да и се заканува на мојата лична слобода со тоа што ќе изрекува самоволни и сосем бесмислени забрани, спротивни на Уставот и законите?
Џвакањето мастики насекаде е израз на мојата лична слобода.
Забраната за џвакање мастики е израз на тоталитарен менталитет.

Одбрана со молчење?

6/01/2006

Во постот „Жртва на полициска бруталност?!“, Вуна изрази оправдан сомнеж дека случајот „Беќиров“ најверојатно ќе биде предизборно заташкан.
Како што знаете, на малолетникот Трајан Беќиров прво мистериозно му се загуби трагата по блискиот контакт од трет вид со нашите „Алфи“, а по неколку седмици неговото тело беше пронајдено на брегот на Вардар близу Трубарево.
Еве што коментирав тогаш на постот на Вуна, непосредно по откривањето на телото: „Да ги почекаме резултатите од обдукцијата, и да видиме кое ќе биде официјалното полициско образложение, кој бил основ за полициското постапување (биле или не биле фатени in flagranti при кражба) и зошто акцијата исходувала со смрт на осомничениот. Значи, фино би било отворено да поставуваме прашања и да бараме официјални одговори кои би ни помогнале да го реконструираме случајот. Дури потоа ќе можеме да донесуваме заклучоци дали „Алфите“ ги пречекориле овластувањата или не. Инаку, има индиции за неправилности, ама да се стрпиме и да видиме дали МВР има капацитет да го истражи и расветли овој контроверзен случај. Многу прашина се крена околу „Алфите“ ама не би прејудицирал зашто има многу нерасветлени околности.“
Во меѓувреме, се случија дури две обдукции кои, да се надеваме, ќе расветлат барем дел од околностите. По независната обдукција на телото на момчето што со крајни напори ја обезбеди Хелсиншкиот комитет (извршена од експерт од Бугарија), „
Дневник“ известува дека според првичните наоди, експертот утврдил „контрадикторна ситуација со телото на Беќиров“: „Експертот пронашол ларви стари 10 дена, со што ја побива тезата дека телото на Трајан било во вода цели 18 дена.“
Алексеј Дума - директор на Институтот за судска медицина, тврди дека според неофицијални наоди „немало елементи на употреба на сила“ и дека „телото се наоѓало во вода“ 18 дена. Тој го обвинува Хелсиншкиот комитет дека од позиција на меѓународна институција (иако станува збор за домашна невладина организација) се обидува да го наруши угледот на неговата државна институција. (Пладневен дневник на Радио Скопје). Алексеј Дума (чија институција побара 10.000 евра за користење на просториите за независна обдукција) јавно изрази сомнеж во стручноста и независноста на експертот кој ја извршил втората обдукција.
„Ако не го знае човекот, тогаш врз основа на што го оспорува?“ - му реплицира Сашко Тодоровски, член на бордот на Хелсиншкиот комитет (во изјавата за А1). Тој укажува дека нивниот форенсичар ќе се потпише и ќе застане зад резултатите на обдукцијата.
И Мирјана Најчевска, претседателка на Хелсиншкиот комитет, изразува сомнеж во стручноста на нашите експерти: „Нашето сомневање е дека експертите или немаат доволни знаења или не ги употребуваат знаењата“ кога станува збор за случаи на употреба на тортура. (Пладневен дневник на Радио Скопје).
Со нетрпение ги чекаме официјалните резултати од двете обдукции, и со уште поголемо нетрпение ги чекаме идните потези на МВР и обвинителството.
Дали МВР има капацитет да го расветли овој случај и да ги преземе сите неопходни чекори за утврдување на кривичната одговорност на сите службени лица инволвирани во случајот „Беќиров“ (како на лицата кои учествувале во полициската акција, така и на лицата кои ја попречувале истрагата)?
Случајот „Беќиров“ се заканува сериозно да ја разниша и онака кревката доверба во полицијата од страна на граѓаните на Република Македонија.

Фактот дека МВР не прави никакви конкретни чекори за расчистување на шпекулациите во врска со овој случај, и за враќање на довербата кон полицијата, остава простор за дополнителен сомнеж дека МВР всушност „се брани со молчење“.
А станува збор за навистина сериозни обвинувања - смрт на осомничен малолетник како резултат на полициска тортура!

Трилема на денот

„Македонија има сила“, „Македонија има кила“, или „Македонија дила“?

P.S. А го знаете ли слоганот на МАНАПО (Македонски „наркомански“ покрет)?
- „Во соединението е силата!“

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week