Што се случило со Баба Мразулка, ако воопшто некогаш и ја имало?
За да ја разрешиме мистеријата за Дедо Мраз и Баба Мразулка прашањава им ги поставивме на неколку познати експерти и експертки од нашиот невладиниот сектор.
Еве што ни одговорија тие.
Една активистка од "Сојузот на дезорганизирани жени" ни појасни дека идејата за Дедо Мраз е патријархална завера против жените:
"Ликот на Дедо Мраз испраќа многу негативна патријархална порака: среќа и подароци можат да носат само мажите - жените се синоним за "баксуз" и тие можат да ви донесат само несреќа".
Но, феминистките се препираат во однос на тоа дали Дедо Мраз имал некогаш сопруга: "Баба Мразулка никогаш ја немало затоа што Дедо Мраз е закоравен женомрзец и импотентен пијаница" - ни изјавија од здружението на жени "Очајни домаќинки".
Здружението "Оџачарка" вели дека Баба Мразулка го напуштила Дедо Мраз со оџачарот затоа што не и носел доволно среќа: "Баба Мразулка е првата жена оџачарка што почнала да им носи среќа на другите" - гордо тврдат либералните феминистки.
2. Хомофобични конспирации
Еден активист од "Здружението за хетеросексуални права" не убедуваше дека идејата за Дедо Мраз е хомосексуална завера против хетеросексуалците: "Дедо Мраз не е женомрзец, туку едноставно не ги сака жените. Баба Мразулка никогаш и ја немало затоа што Дедо Мраз е геј!"
Според "Здружението на радикалните хомофоби", Дедо Мраз треба да се забрани со закон заради лошото влијание врз децата: "Ликот на Дедо Мраз е поголема геј закана од ликот на телетабисот Тинки Винки".
За ова здружение сомнително е и тоа што градот Скопје годинава одлучи да избере само двајца Дедо Мразовци: "Се сомневаме дека зад таквата одлука стои смислено сценарио за популаризација на геј заедниците" - тврдат експерти од здружението.
3. Перверзни сценарија
Активистите од "Здружението за хетеросексуално здравје" предупредуваат дека идејата за Дедо Мраз е завера на сексуално перверзните против нормалните: "Дедо Мраз е сексуално настрана и перверзна личност. Тој не е ниту женомрзец, ниту геј, туку е зоофил. Не е ли крајно сомнително тоа што Дедо Мраз е секогаш во друштво со згодни елени, наместо со згодни жени?"
Активистите од "Друштвото за заштита на елените - Ловец" бараат елените да не се злоупотребуваат во телевизиските реклами со Дедо Мраз: "Чиста инсинуација е тврдењето дека помеѓу Дедо Мраз и елените постои заемна сексуална наклонетост. Елените немаат никаква врска со сексуалните перверзии на Дедо Мраз" - ни демантираа од здружението.
4. "Прикаски" за мали деца
"Коалицијата за заштита на детските права" најостро ја осудува идејата за "Дедо Мраз" како чиста манипулација насочена против правата на децата: "Дедо Мраз е симбол на лагата. Крајно време е да престанеме да ги лажеме нашите деца. Тие не треба да добиваат подароци само за Нова година, туку барем еднаш во седмицата."
Од здружението "Несреќно детство" бараат на Дедо Мраз да му се забрани влез во училиштата: "Стравуваме дека многумина педофили маскирани како Дедо Мраз повторно ќе ја искористат Новата Година".
5. Дедо Мраз - секс симбол?
За можноста од најразновидни злоупотреби на ликот и делото на Дедо Мраз предупреди и "Здружението на чесни Дедо Мразовци": "Оваа година, нашето здружение ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги оневозможи обидите за злоупотреба на ликот на Дедо Мраз. Во заедничка акција со полицијата нашите активисти ќе ги ловат сите крадци, травестити, манијаци и проститутки кои ќе се обидат да ја искористат униформата на Дедо Мраз за нивните криминални и неморални дејанија."
Од "Здружението на сексуалните работнички" демантираат дека ја користат униформата на Дедо Мраз за криминални дејанија: "Во многу ретки случаи, некои клиенти бараат од сексуалните работници да бидат облечени како Дедо Мраз, но тогаш униформата се користи исклучиво за да се задоволат сексуалните потреби на клиентот" - ни појаснија од здружението. Сексуалните работнички и работници не кријат дека нафатираните Дедо Мразовци им се омилена клиентела за време на новогодишните празници.
Владата мошне сериозно ги сфати предупредувањата и пораките на невладиниот сектор: "Прашањето дали покрај Дедо Мраз треба да има и Баба Мразулка која ќе им дели подароци на децата ќе го решиме со организирање на референдум" - изјави Владиниот портпарол.
Додека граѓаните не се изјаснат за Дедо Мраз и Баба Мразулка, новогодишни пакетчиња во семејствата кои имаат повеќе од три деца ќе делат лично Премиерот и Министерката за внатрешни работи.
6 коментари:
Честита Нова година:-)
Жарко, знам, че не съм те питал за разрешение, но се надявам, че нямаш нищо против да кача текста в http://komitata.blogspot.com ?
Навистина деликатна тема, од аспект на половата дискриминација во областа на овие имагинарни ликови.
Покрај баба Мразулка, зош нема ни Дедо Рога? А? Зош на децата им се создава илузија за среќа со дедо, а се заплашуваат со баба?
:)
п.с.Ако се анализираат детските приказни - во 90% случаи негативните ликови се жени (вештерки, маќеи) а спасителите скоро секогаш мажи (принцови, мудреци,супер херои). Жртвите скоро секогаш се девојки. Има многу материјал за една обемна анализа на половата дискриминација во светот на бајките, ако не ме примрзи (мрзливка су станала, бе) ќе пишам ;) :)
"зош нема ни Дедо Рога? А? Зош на децата им се создава илузија за среќа со дедо, а се заплашуваат со баба?"
Баш така.
Дури, во една од македонските народни приказни, мажот ја крши метлата од жената!
Стојчо, слободно качи го :)
Јас сепак не би претерувала. Како прво, родовата еднаквост воопшто не значи и истоветност (јас дефинитивно не сакам да бидам машко, сосема сум задоволна со ова што сум). Неистоветноста значи дека во различни моменти мажите и жените вршат различни работи. Од друга страна, животот не е составен само од прозорци (отворени кон иднината) туку и од огледала кои ја отсликуваат моменталната положба. Мислам дека и едните и другитре се важни, а многу сум против преработки на бајките. Може за нив да разговараме, ама не сакам да се менуваат.
супер но, имам само една нејаснотија ако може да ми појасните: „згодни елени" - какви се тие животни и кај ги има, дали можат во Скопје да се видат/погледнат? :)
мојот коментар во подолниот пост беше чиста грешка.
Објави коментар