Вицовите и идентитетот

5/29/2008

Еве и одговор на постот Bulgarian News Dissection - 3.

Како прво, велиш дека во бугарскиот фолклор нема такво нешто како вицови за Македонци. Признавам дека не сум добар познавач на бугарскиот фолклор, но сепак имам впечаток дека има посебна класа вицови за Македонци.

Търновец раскажа неколку такви вицови, лично имам чуено барем дваесетина вицови за Македонци додека бев пар месеци во Софија во 2002. И на бугарските сајтови можат да се прочитаат повеќе македонски вицови.

Како второ, твојот контра-аргумент „Има вицови и за Шопи, па оттаму не следува дека има посебна нација на Шопи“ е аналоген со аргументот „Има вицови за Блондинки, па оттаму не следува дека има посебна нација на русокоси“. Накусо, ја промашува метата. Мојата теза е дека кога Бугарите кажуваат вицови во кои најмногу се понижуваат и исмеваат Македонците тие не кажуваат вицови за Македонци-Бугари. Само запрашај се, дали кога Бугарите го кажуваат вицот „Луно, Луно земјо македонска“, или пак вицот „Двама македонци – дружина, трима македонци - дружина со предател“ ги исмеваат Македонците како Бугари или како нешто културно различно од себе?

Како трето, тврдиш дека фактот што „Дневник“ објавил цел напис за Македонски вицови покажува дека Македонците имаат проблем со нивниот идентитет, проблем кој трае речиси 20 години. Иако заклучокот е невалиден, се согласувам дека Македонците имаат проблем со нивниот идентитет, и тоа е проблем кој трае многу повеќе од 20 години. Повеќе пати сум пишувал на таа тема. Но, зарем Бугарите немале и немаат проблем со својот идентитет? Кажи ми една нација што немала и нема проблем со својот идентитет. Поимот „национален идентитет“ е проблематичен поим. Главниот проблем е тоа што Македонците почнаа да ги сфаќаат премногу сериозно идентитетските проблеми, не само поради секојдневните повреди на личното достоинство, туку и поради тоа што постојаното оспорување од страна на Грците и Бугарите станува основна препрека за интегрирање на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Замисли си ја само следнава хипотетична ситуација. Како би се почувствувал кога би дошол на гости во Скопје и би ти го кажал следниов виц: „Што ќе стане од Вени Марковски доколку се искапе во Охридско Езеро? – Чист Македонец, и едно корито нечиста вода.“ А вицови на тема „Ако се изкъпе един македонец, какво ще случи?“ морав да слушам секој втор ден во Софија. Денеска слушнав и една мошне сиптоматична исповед од една познаничка која не живее во Македонија: „Никогаш не сум се чувствувала толку Македонка како во Софија“. Потребата за изразување на националниот идентитет е правопропорционална со степенот на неговото оспорување.

Главниот проблем е во елементарното непочитување на човековото достоинство и правото на изразување на идентитетот, без разлика каков е. Вицовите се само симптом.

Македонски вицови

5/28/2008

Тазе колумна -

Македонски вицови


Грците го окупирале Солун!

5/27/2008

Прашањето Чив е Солун?, ме потсети на постот Боите на Македонија, на кој може да се погледне контроверзниот документарец на BBC за Македонија и за Солун.

Експертите тврдат дека во турско време Солун (Салоника бил космополитски град, „етнографски хаос“ во кој не може да се дознае кој е кој, меѓу другото, затоа што Турската империја не била заинтересирана за етничките идентитети, туку само за религиозните.

Во историската читанка „Балканските војни“ (приредиле Валери Колев и Христина Кулури) се објавени проценки за населението во покраината Солун во 1911 год.: 604780 Муслимани, 397795 Грци, 271359 Бугари, 62290 Евреи, 87 Ерменци и 11604 други (христијаните кои ја подржувале Вселенската патријаршија биле сметани за Грци, а оние кои ја подржувалеле Егзархијата за Бугари).

Според извештајот на Бугарскиот премиер, во Бугарија во 1914 г. имало околу 150.000 бегалци. По започнувањето на Втората валканска војна во градот Солун и околината имало 135 илјади муслимани – бегалци, принудени да ги напуштат своите огништа од грчката влада.

Во документарецот се тврди дека во 1913 една четвртина од населението на градот Солун биле Муслимани и дека градот бил речиси под опсада од грчките и бугарските војници. Најинтересен момент е кога Грчката историчарка ја објаснува следнава фотографија:

„Ова се критски војници, и тие припаѓаат на грчката армија која го окупираше Солун.“

Што сакате повеќе од признание на грчка историчарка која тврди дека грчката армија го окупирала Солун?

Населението на Солун драстично се менува под власт на Грците во следните неколку децении. Во период од една деценија, целокупното муслиманско население го снемува, а истото се случува и со еврејското население во наредните неколку децении – тврди историчарот Mark Mazower, автор на книгата Salonica, City of Ghosts: Christians, Muslims and Jews, 1430-1950.

Црква на плоштад: прле пред магаре?

5/23/2008

Еве тема за македонско филмско сценарио - Ктиторот против „ктиторот“:
„- Тој проект за црква на плоштад апсолутно се коси со ДУП-от и јас нема да го поддржам.
А доколку Владата сака да прави црква, темелите на "Св. Мина", веднаш до "Св. Богородица" се тука, ископани и нека повелат нека градат.“ (Вечер OnLine)

"Не дадовме согласност на планот што предвидува изградба на црква на Плоштад Македонија, бидејќи никој не одговори од каде потребата токму на Плоштадот да има ваков објект, ниту пак МПЦ се изјасни под која епархија ќе биде црквата. Им дадовме предлог, ако веќе сакаат да ја возобноват 'Св.Константин и Елена' тоа да го направат во Жена - парк, каде некогаш се наоѓала црквата, или пак да ја обноват црквата 'Света Мина', чии темели се веќе ископани", вели скопскиот градоначалник Трифун Костовски.” (Градот не дозволува да се гради црква на Плоштад Македонија)

Потсетување: Изградбата на црква на плоштад, најматно во јануари

Предизборни злоупотреби

Продолжува злоупотребата на Владините интернет страници за партиско-пропагандни изборни цели:

„Ставрески истакна дека Владата и во наредните четири години претежно ќе биде фокусирана на економијата...“ (Ставрески во посета на општините Струмица и Босилово ...)

Притворен поранешниот директор на ЕСМ Лазаров, осомничен за перење пари и злупотреба на службената положба ...

Наместо сообраќаен прекршок полицаец барал 10 гласови за политичка партија

И страницата на МВР во „ново руво“.

Како на времето Контевска-Костов, така сега Котевски-Јанкуловска.

Дали правилото „Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив...“ ќе важи и за партискиот упад и предизборната злоупотреба од страна на Јанкуловска?

Што значи да се биде Македонец?

5/22/2008

Ко за почеток, две интересни четива:

Top ten reasons for being Macedonian
1. You have to persue that your state exists.
2. You have to persue that your language is not Bulgarian or Serbian.
3. You have to persue that you are a descendant of Alexander the Great and piss off the Greeks.
4. You can sing Partisan songs about Tito and epic songs about Goce Delcev.
5. You get to be researched by foreign sociologists interested in your identity.
6. You don't have to work even when you have to work, because you don’t have a work.
7. You get to be cosmopolitan and spit on all the nationalists.
8. You can smuggle cigarettes to West Europe and live like a king.
9. You are the only country in the world with two names and two flags.
10. Your country has the best climate conditions for producing of tomatoes (and still your country imports tomatoes). (Macedonia Jokes)

Само би додал - Можеш да пишуваш на ужасен англиски, а ич да не ти е гајле.

Второто четиво е од Глобус - Зошто е добро да се биде Македонец?

И неколку интересни одговори:

- „како Македонец најбрзо се станува бугарски државјанин“

- „додека не почнеме да се заебаваме на сопствена сметка, од Македонче не станува Македонец!“

- „Само во Македонија од два милиона луѓе имаш два милиона теории за генезата на народот и никому не му е гајле за тоа.“

Ах, за малку ќе заборавев – Додека пишувам на (македонска) кирилица, постојам!

Зцхарко у „Еднооки“

5/21/2008

Еднооки реакции на колумната Краток курс по македонски:

„Након куп интелектуалци, мислиоци, експерти, колумнисти и остали плевел, Македонија доби још један што блебети. Е, на овој, му пречи пројект кирилица.“

Македонска патологија

Тазе колумна - Македонска патологија.

Суши лажи

5/15/2008

Македонија ти била земјата на митскиот јунак Крали Марко (за кого се плетат преданија слични на митовите за Херакле и Едип), а жителите на Македонија ти биле наследници на Ѕевс?!
Верувале или не, токму тука темпларите ги оставиле двете камени плочи на кои биле испишани Десетте божји заповеди, и токму на овој простор Златното руно било засолнето во една пештера кај Маркова Река во селото Сушица?!? Македонија - три во едно: ем античко-митолошка, ем библиска, ем средновековна земја! (повеќе во колумната
Суши лажи инспирирана од
Денови на Крале Марко)

Митот и реалноста

5/13/2008

Митот: Локомотивата на новата страница на ВМРО-ДПМНЕ.

Реалноста: Локомотива на Македонски железници на нивната страница.

Медиумите: Снимка на македонска локомотива од пред неколку години.

Потсетување: Македонски железници - наша тажна приказна

Блиски средби

5/11/2008

Денеска имав неколку блиски средби „од трет вид“.
Прво, соочување со една чудна животинка на тревка.


Потоа, со едни крупни црни очи и бушава фризура.

Денот беше прекрасен. Боите неверојатни.
Но, средбата со еден мртов гуштер ме восхити и расте
мели - истовремено.


Бездруго, диносауруси постојат - ако си мравка.

Огномет на суети - а дилемите остануваат!

5/09/2008

Почитувана блог-колешке Ванковска,

Прво, да си кажам дека ми е мило што комуницирам со човек што ем претпочита аргументи, ем не се плаши да се бори во јавноста за нив.

Се надевам дека нема да ги сфатиш премногу лично моите блог-коментари – најпосле, јавна сфера е можна само ако има директна размена на мислења и (контра)аргументи, а блоговиве се измислени за тоа.

Нејсе, малку вовед пред да продолжиме кај застанавме по повод „ПЛАТФОРМА“.

Во првиот параграф од твојот пост има една интересна интерпретација на текстот од „Глобус“, објавен ден пред да се одржи трибината. Забележуваш, „се наметнува дилемата дали е во прашање истиот „фронт““, конотирајќи на „неодамна одржаниот Форум на Институтот Отворено општество“. (Употребата на зборот „фронт“ е симптоматична – милитаристички израз!)

Но, ако беше присутна на трибината, ќе можеше и самата лично да се увериш не само дека не е истиот „фронт“ (истиот ден ФИОМ организираше друга трибина за осумте репери), туку и дека учесниците на „Платформа“ се оградија од тенденциозниот напис во „Глобус“ кој ги имаше измешано лончињата.

Во вториот параграф се обидуваш целата вина за неуспехот на Граѓанското движење во 2004-та да ја префрлиш на актуелниот градоначалник Трифун Костовски, а притоа да се амнестираш себеси. За пофалба е конечно да чуе човек како некој си ги признава сопствените грешки: „се уште чувствувам горчина - што така лесно дозволивме да ги прокоцкаме надежите на голем број граѓани, што „капитулиравме“ пред профитери кои со умисла влегоа и инвестираа во него, што дури и не им се извинивме на оние неколку илјади луѓе кои тогаш му пристапија...“ (симптоматичен е и милитристичкиот збор „капитулација“ – употребен во наводници).

Само, нешто не ми е јасно ова оправдување: „За мене е важно тоа што бев првата која си даде оставка од Движењето, во првиот момент кога почувствував дека некој сака да профитира политички на моето име и јавен кредибилитет, и дека Движењето се претвора во карикатура.“

Како прво, оставка се дава од функција или позиција. Бесмислено е да се даде оставка „од Движењето“ граѓанско. Како второ, сакаш да не убедиш дека си се фатила на исто политичко оро со Трифун и притоа си била толку наивна дека тој нема политички да профитира од твоето име и кредибилитет? Ако е така, тогаш навистина си била премногу наивна и за тоа не ти е крив профитерот Трифун. Лично, не верувам дека новите „интелектуалци на Трифун“ се толку наивни.

Потоа, исто така, наивно го прифаќаш дубиозното сценарио на „Глобус“ како вредно за коментар и почнуваш да изнесуваш контра-аргументи. Клучниот „контра-аргумент“ не е дека тезата за „демократура“ е неодржлива, туку дека нејзиниот застапник не е непристрасен! Значи – ad hominem аргумент.

Еве го и твојот заклучок:

„Оваа серија на т.н. трибини и расправи очигледно се вклопува во изборната кампања, а на страна на опозицијата. Уште појасно, ова е водење на кампања со перфидни средства, под превез на интелектуален бунт против сето постоечко и манипулација, дотолку повеќе што доаѓа од страна на лица кои сакаат да се амнестираат од сопстевниот удел во (како велат) „најтешката политичка криза во која се наоѓа државата).“

Од „аргументот“ за пристрасност, одеднаш се повикуваш на „очигледност“ и сите „платформаши“ ги претвораш во учесници во „кампања со перфидни средства“ и во „хор на интелектуалци“ на Шеќеринска. И тоа, со само еден реторички потег – ачили, бачили бу!

Нејсе, да продолжиме со „блогосферските кафеански муабети“. Во следниот параграф симпатично се повикуваш на полниот суверенитет на твојот блог, небаре станува збор за самостојна и независна држава во пред-глобализациската ера нападната од митскиот непријател! Најпосле, делумно и да се согласам со нешто – со твојата визија за „Европските интелектуалци“ – макар што лично го претпочитам изразот - критички мислители.

Твојата желба „да го разбуркаме овој општествен жабурник“ е симптоматично осакатена од „Глобус“ со фригидниот збор „жабјак“ - у наш сленг – „жабокречина“.

Но, дали ни треба нов хор жаби и нова жабокречина, или пак треба да се исчисти жабокречината, како во скопкиот парк, за да пловиме во побистра вода?

Во следниот параграф даваш нов аргумент. Сега веќе не им забележуваш на т.н. „Европски интелектуалци“ заради нивната непристрасност и необјективност, туку затоа што „не се барем толку доблесни да кажат која е таа страна“ што ја одбрале. Но, ако прифатиш таков „ачили, бачили бу“ начин на извлекување на заклучоци, тогаш на истиот некритички начин и тие можат да те обвинат: а) дека си станала дел од жабјиот „интелектуален“ хор на Груевски; б) дека си против НАТО како и Груевски (иако не сака да го признае тоа); в) дека си против ЕУ како и Груевски (кој ги користи името и идентитетот како одлично алиби за дистанцирање од ЕУ). Знам, не е фер да бидеш жртва на ваков вид обвинувања, да бидеш ставана во ист кош со „грујовистите“ Бранислав Саркањац и Панде Лазаревски, ама не е фер и да обвинуваш на истиот некритички начин, ставајќи ги сите учесници на трибината во ист СДСМ-овски кош.

Во последниот параграф, се согласуваш со противниците тврдејќи: „Да, Македонија е дефинитивно карикатура од демократија! Дефинитивно, живееме во демократура...“, со таа разлика што - „...но, во ваквите системски услови, тоа ни се случува ЦЕЛИ 20 години!“ Да беше на трибината, ќе чуеше дека дел од учесниците зборуваа против нелегалниот начин на донесување на одлуки од страна на т.н. „државен врв“ особено по 2001 (значи и во времето на СДСМ-овското владеење). Да беше на трибината, ќе чуеше дека дел од учесниците зборуваа против „племенскиот“ начин на донесување одлуки од страна на партиските водачи почнувајќи од осамостојувањето наваму!!! Практично, имаше учесници кои тврдеа дека „демократура“ ни се случува цели 17 години, значи и во времето на СДСМ! Но, ти не беше таму блог-колешке, и не ги чу. Затоа твојот обид да им најдеш „аргументирана“ маана навистина се сведува на „кафеанско озборување“ J

Е, сега да продолжиме кај што застанавме.

Ме обвинуваш:

„Не можам да сфатам како може некој да се нарекува борец за човекови права, а да се залага за милитаризација на сопствената држава, да бара спас во НАТО, да замижува само да не види дека живееме во Орвеловата 1984!“

Како прво, не се нареков „борец за човекови права“ (милитаристички термин кој се трудам што поретко да го употребувам), туку „активист за човекови права“.

Како второ, сакам да чујам аргументи каде тоа сум се залагал „за милитаризација на сопствената држава“, каде тоа сум барал „спас“ во НАТО, и каде тоа сум замижувал „само да не видам дека живееме во Орвеловата 1984“?

Со оглед на тоа дека ме стави на обвинителна клупа со толку тешки обвинувања, се надевам дека ќе ги поткрепиш и со валидни докази, почитувајќи го принципот на пресумпција на невиност. Во спротивно, ќе станеш иста како портпаролите на МВР (не само од актуелнава власт) кои јавно осудуваат користејќи ги медиумите, пред воопшто да се изнесат доказите, пред да се чуе одбраната и да се објави правосилната пресуда.

Истовремено, ја користам и приликата за „против-тужба“:

1) Во интервјуто за А1 Ванковска: Влегуваме во нов циклус на неизвесност , каде што предупредуваш на можен бран од дестабилизација, го изјави следново:

„Мислам дека ако НАТО и САД се навистина загрижени за безбедноста на регионот, нема толку да инсистираат Македонија да го промени своето име. Тоа е нашиот главен адут во битката за сочувување на името.“

Потенцијалната грижа на НАТО и САД ја толкуваш како „адут“ во „битката“. Кој е сега нашиот „главен адут во битката за сочувување на името“, знаејќи дека после Букурешт, НАТО и САД дефинитивно инсистираат Македонија да постигне компромис со Грција? Испадна дека НАТО и САД не се загрижени за безбедноста на регионов?

2) Еве уште две про-НАТО изјави: "Со членството во оваа организација само ќе добиеме поактивна позиција на меѓународната сцена и ќе се надеваме дека сме поблиску до ЕУ, како наша вистинска цел.” ; „...за влезот во НАТО, секако, ќе мора да платиме одредена цена - дали преку одреден компромис за името или преку внатрешно преуредување, како резултат на спроведување на мајскиот договор" (Глобус) Одеднаш, адутот не бил адут, туку ќе мора да платиме цена за влез во НАТО?!?

3) Пред Букурешт, погрешна експертска проценка во која не се спомнува никакво „плаќање цена“: „Мислам дека тие ќе го избоксираат решението, кое може да оди под привремената референца. Мојата прогноза е дека ние на еден или на друг начин ќе добиеме покана за влез во НАТО“, смета Ванковска. (Македонија пред нови притисоци за името)

4) После Букурешт, откако не „избоксуваа“, повторно симптоматична изјава: „-Најпогубно за Македонија ќе биде ако неуспехот на НАТО се префрли на домашен терен и почнат меѓусебни обвинувања и барање на виновникот. Земјава е морален победник и државното раководство треба да биде гордо, ова е пораз на Алијансата, вели Ванковска.“ (Вечер OnLine) Демек, не бил неуспех на нашиот боксер, туку неуспех на нашиот главен адут во борбата за името – НАТО?!?

Е, сега малку да применам дел од твојот некритички „арсенал“ – чисто да видиш како е кога се „пука“ со таква „муниција“: Зошто не сте барем толку доблесни отворено да кажете која страна ја застапувате? Не ли е очебијно дека е тоа страната на „државното раководство“ кое „треба да биде гордо“ што попи нокаут?

5) Да ги потсетиме читателите како размислувала Ванковска во 2003 г.:

„Во однос на приемот во ЕУ и НАТО, иако многумина би рекле дека сум јас "анти - НАТО" - оти многумина обично ми ставаат таква етикета што не е вистина, сметам дека вакви какви што сме не заслужуваме да бидеме примени.“ (ВЕСТ)

Значи, во 2003 г. има експлицитна изјава од Ванковска дека не е вистина дека била "анти - НАТО"!!! Што се случи во меѓувреме?

Во истото интервју, има уште една апла погрешна проценка: „Во 2006 година, бидејќи еве ова јавно го кажувам можеби ќе се навратиме на тоа, НАТО нема да биде овој НАТО што е затоа што во него ќе се најдат сите преостанати држави што бараат членство, значи и Албанија и Македонија и другите, без оглед на некои си критериуми. Што значи ние трчаме една трка што е истрчана.“

Ете, се навраќаме, и гледаме – голем гаф. После вакви експертски гафови, можеби треба да се размислува и за експертска оставка! J

На крајот, би сакал да ја цитирам Ванковска од 2003 како дел од мојата одбрана:

„За мене приоритет во овој момент не е влезот во НАТО! Лично, повеќе ја преферирам ЕУ и би била многу посреќна кога прво би ја добила поканата за влез во Унијата...“

Дали и како е тоа сега можно, откако компромисот со Грците стана услов и за ЕУ-поканата, ја повикувам Ванковска да ми биде сведок и адвокат истовремено!

Ете, ова беше само една мала вежба од критичко мислење. Способност која не смееме да ја загубиме во овие „орвеловски“ мигови на неизвесност.


Европска Македонија?

5/08/2008

Говорот на Груевски на изборната конвенција на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ завршува со паролата:

„Да живее Европска Македонија!“

Интересно, придавката „Европска“ е напишана со голема буква.

Во македонскиот јазик, придавките „македонска“, „европска“ не се пишуваат со големи букви. Со големи букви се пишуваат имиња.

Дали ова е обид за суптилно промовирање на името „Европска Македонија“ или пак од ВМРО-ДПМНЕ не ја познаваат добро граматиката на македонскиот јазик?

Потсетување - Пак за името: Европска Република Македонија?


Македонски во ЕУ

5/07/2008

Краток курс по македонски

Го препорачувам и написот ЕУ ја брише придавката „македонски“ од документите.

E, ќе има многу за бришење:

Macedonian (language)

Macedonian (population)

Macedonian Government (Interview: Franco Frattini)

Macedonian civil society

Macedonian President

Macedonian officials

Macedonian authorities

Macedonian application for EU membership

Macedonian stock exchange

Macedonian Airlines (MAT)

Macedonian denar (MKD)

Macedonian minority in Greece

Предизборен силогизам

5/06/2008

Македонија има сила.

Македонија знае.

Знаењето е сила, знаењето е моќ.

Моќта корумпира.

Македонија е корумпирана.


Нов „Мајски манифест“?

5/05/2008

Искрено, мене зборот „интелектуалец“ ништо не ми значи. Го претпочитам поскромниот идентитет „критички промислувач“ на баналното секојдневие.

Познавам и премногу „интелектуалци“ кои се скарани со критичкото мислење: вешти манипулатори; мајстори за лажни дилеми и исклучителни дисјункции; цитатотоксични робови на авторитети; софистички жонглери со реторички фигури, псевдо-дистинкции, ad hominem аргументи и лажни генерализации.

Една од последните манипулации на нашите „интелектуалци“ е обидот да се наметне лажната дистинкција помеѓу некаков си „европски“ и некаков си „патриотски“ политички блок. Божемната дистинкција сугерира лажна дилема и невалидни заклучоци: „Ако си про-европски настроен, тогаш не си патриот“, „Ако си патриот, тогаш не си про-европски настроен.“

Накусо, дистинкцијата помеѓу „европски“ и „патриотски“ политичари (или „интелектуалци“) е дистинкција помеѓу баби и жаби. Таа го содржи себе-колонизирачкиот концепт „европски“, културно монополизиран од ЕУ и некритички присвоен од „интелектулците“ кои не ја вреднуваат македонската култура како дел од европската. Лажната дистинкција се крепи и на редуцирана и извитоперена претстава за тоа што значи да се биде „патриот“. Колку за потсетување, испадна дека многу од „најголемите македонски патриоти“ по осамостојувањето, наместо за својата нација и држава, всушност се залагале за поделба на државава и за интересите на нивните резервни татковини.

Со други зборови, можам да бидам и „европски“ и „патриотски“ настроен, можам да бидам и Македонец и Европјанин истовремено, а влакно да не му фали на мојот идентитет, исто како што не им фали на Грците и на Бугарите. Токму затоа, искрено се надевам дека нашите политичари ќе изнајдат натпартиска платформа за да не губиме повеќе време и енергија во бесплодни препирки кој е поголем македонски патриот, а кој е поголем „Европјанин“.

Мај е одлична прилика да добиеме нов „Мајски манифест“ кој ќе ги обедини „десницата“ и „левицата“ во заедничка платформа за Македонија во ЕУ. Не е ли токму идејата за Македонија во ЕУ (заедно со Грција, Бугарија и другите балкански држави) современа варијација на идејата од „Мајскиот манифест“ (1924) за обединување на раскинатите делови на Македонија во една Балканска федерација?


P.S. Текстов е објавен во денешен „Глобус“. Како што може да се види и од содржината на текстот, тој сосема излегува од рамката на „Глобус“. Немав абер во кое друштво ќе се најдам и дека платформата за која пишувам ќе коинцидира со некоја друга „Платформа“ .


Ветувања

5/02/2008

„...се ветува дека до 2012 година во Македонија ќе пристигнат две милијарди евра директни странски инвестиции...“ (Груевски: Одиме кон историска победа)

На времето, Циле ветуваше милијарда.

Сега Грујо ветува две милијарди. Дали не очекува некоја нова „Тајванска“ авантура?

Дефинитивно, некои Македонци се трговци – ама со лажни надежи.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week