Огномет на суети - а дилемите остануваат!

5/09/2008

Почитувана блог-колешке Ванковска,

Прво, да си кажам дека ми е мило што комуницирам со човек што ем претпочита аргументи, ем не се плаши да се бори во јавноста за нив.

Се надевам дека нема да ги сфатиш премногу лично моите блог-коментари – најпосле, јавна сфера е можна само ако има директна размена на мислења и (контра)аргументи, а блоговиве се измислени за тоа.

Нејсе, малку вовед пред да продолжиме кај застанавме по повод „ПЛАТФОРМА“.

Во првиот параграф од твојот пост има една интересна интерпретација на текстот од „Глобус“, објавен ден пред да се одржи трибината. Забележуваш, „се наметнува дилемата дали е во прашање истиот „фронт““, конотирајќи на „неодамна одржаниот Форум на Институтот Отворено општество“. (Употребата на зборот „фронт“ е симптоматична – милитаристички израз!)

Но, ако беше присутна на трибината, ќе можеше и самата лично да се увериш не само дека не е истиот „фронт“ (истиот ден ФИОМ организираше друга трибина за осумте репери), туку и дека учесниците на „Платформа“ се оградија од тенденциозниот напис во „Глобус“ кој ги имаше измешано лончињата.

Во вториот параграф се обидуваш целата вина за неуспехот на Граѓанското движење во 2004-та да ја префрлиш на актуелниот градоначалник Трифун Костовски, а притоа да се амнестираш себеси. За пофалба е конечно да чуе човек како некој си ги признава сопствените грешки: „се уште чувствувам горчина - што така лесно дозволивме да ги прокоцкаме надежите на голем број граѓани, што „капитулиравме“ пред профитери кои со умисла влегоа и инвестираа во него, што дури и не им се извинивме на оние неколку илјади луѓе кои тогаш му пристапија...“ (симптоматичен е и милитристичкиот збор „капитулација“ – употребен во наводници).

Само, нешто не ми е јасно ова оправдување: „За мене е важно тоа што бев првата која си даде оставка од Движењето, во првиот момент кога почувствував дека некој сака да профитира политички на моето име и јавен кредибилитет, и дека Движењето се претвора во карикатура.“

Како прво, оставка се дава од функција или позиција. Бесмислено е да се даде оставка „од Движењето“ граѓанско. Како второ, сакаш да не убедиш дека си се фатила на исто политичко оро со Трифун и притоа си била толку наивна дека тој нема политички да профитира од твоето име и кредибилитет? Ако е така, тогаш навистина си била премногу наивна и за тоа не ти е крив профитерот Трифун. Лично, не верувам дека новите „интелектуалци на Трифун“ се толку наивни.

Потоа, исто така, наивно го прифаќаш дубиозното сценарио на „Глобус“ како вредно за коментар и почнуваш да изнесуваш контра-аргументи. Клучниот „контра-аргумент“ не е дека тезата за „демократура“ е неодржлива, туку дека нејзиниот застапник не е непристрасен! Значи – ad hominem аргумент.

Еве го и твојот заклучок:

„Оваа серија на т.н. трибини и расправи очигледно се вклопува во изборната кампања, а на страна на опозицијата. Уште појасно, ова е водење на кампања со перфидни средства, под превез на интелектуален бунт против сето постоечко и манипулација, дотолку повеќе што доаѓа од страна на лица кои сакаат да се амнестираат од сопстевниот удел во (како велат) „најтешката политичка криза во која се наоѓа државата).“

Од „аргументот“ за пристрасност, одеднаш се повикуваш на „очигледност“ и сите „платформаши“ ги претвораш во учесници во „кампања со перфидни средства“ и во „хор на интелектуалци“ на Шеќеринска. И тоа, со само еден реторички потег – ачили, бачили бу!

Нејсе, да продолжиме со „блогосферските кафеански муабети“. Во следниот параграф симпатично се повикуваш на полниот суверенитет на твојот блог, небаре станува збор за самостојна и независна држава во пред-глобализациската ера нападната од митскиот непријател! Најпосле, делумно и да се согласам со нешто – со твојата визија за „Европските интелектуалци“ – макар што лично го претпочитам изразот - критички мислители.

Твојата желба „да го разбуркаме овој општествен жабурник“ е симптоматично осакатена од „Глобус“ со фригидниот збор „жабјак“ - у наш сленг – „жабокречина“.

Но, дали ни треба нов хор жаби и нова жабокречина, или пак треба да се исчисти жабокречината, како во скопкиот парк, за да пловиме во побистра вода?

Во следниот параграф даваш нов аргумент. Сега веќе не им забележуваш на т.н. „Европски интелектуалци“ заради нивната непристрасност и необјективност, туку затоа што „не се барем толку доблесни да кажат која е таа страна“ што ја одбрале. Но, ако прифатиш таков „ачили, бачили бу“ начин на извлекување на заклучоци, тогаш на истиот некритички начин и тие можат да те обвинат: а) дека си станала дел од жабјиот „интелектуален“ хор на Груевски; б) дека си против НАТО како и Груевски (иако не сака да го признае тоа); в) дека си против ЕУ како и Груевски (кој ги користи името и идентитетот како одлично алиби за дистанцирање од ЕУ). Знам, не е фер да бидеш жртва на ваков вид обвинувања, да бидеш ставана во ист кош со „грујовистите“ Бранислав Саркањац и Панде Лазаревски, ама не е фер и да обвинуваш на истиот некритички начин, ставајќи ги сите учесници на трибината во ист СДСМ-овски кош.

Во последниот параграф, се согласуваш со противниците тврдејќи: „Да, Македонија е дефинитивно карикатура од демократија! Дефинитивно, живееме во демократура...“, со таа разлика што - „...но, во ваквите системски услови, тоа ни се случува ЦЕЛИ 20 години!“ Да беше на трибината, ќе чуеше дека дел од учесниците зборуваа против нелегалниот начин на донесување на одлуки од страна на т.н. „државен врв“ особено по 2001 (значи и во времето на СДСМ-овското владеење). Да беше на трибината, ќе чуеше дека дел од учесниците зборуваа против „племенскиот“ начин на донесување одлуки од страна на партиските водачи почнувајќи од осамостојувањето наваму!!! Практично, имаше учесници кои тврдеа дека „демократура“ ни се случува цели 17 години, значи и во времето на СДСМ! Но, ти не беше таму блог-колешке, и не ги чу. Затоа твојот обид да им најдеш „аргументирана“ маана навистина се сведува на „кафеанско озборување“ J

Е, сега да продолжиме кај што застанавме.

Ме обвинуваш:

„Не можам да сфатам како може некој да се нарекува борец за човекови права, а да се залага за милитаризација на сопствената држава, да бара спас во НАТО, да замижува само да не види дека живееме во Орвеловата 1984!“

Како прво, не се нареков „борец за човекови права“ (милитаристички термин кој се трудам што поретко да го употребувам), туку „активист за човекови права“.

Како второ, сакам да чујам аргументи каде тоа сум се залагал „за милитаризација на сопствената држава“, каде тоа сум барал „спас“ во НАТО, и каде тоа сум замижувал „само да не видам дека живееме во Орвеловата 1984“?

Со оглед на тоа дека ме стави на обвинителна клупа со толку тешки обвинувања, се надевам дека ќе ги поткрепиш и со валидни докази, почитувајќи го принципот на пресумпција на невиност. Во спротивно, ќе станеш иста како портпаролите на МВР (не само од актуелнава власт) кои јавно осудуваат користејќи ги медиумите, пред воопшто да се изнесат доказите, пред да се чуе одбраната и да се објави правосилната пресуда.

Истовремено, ја користам и приликата за „против-тужба“:

1) Во интервјуто за А1 Ванковска: Влегуваме во нов циклус на неизвесност , каде што предупредуваш на можен бран од дестабилизација, го изјави следново:

„Мислам дека ако НАТО и САД се навистина загрижени за безбедноста на регионот, нема толку да инсистираат Македонија да го промени своето име. Тоа е нашиот главен адут во битката за сочувување на името.“

Потенцијалната грижа на НАТО и САД ја толкуваш како „адут“ во „битката“. Кој е сега нашиот „главен адут во битката за сочувување на името“, знаејќи дека после Букурешт, НАТО и САД дефинитивно инсистираат Македонија да постигне компромис со Грција? Испадна дека НАТО и САД не се загрижени за безбедноста на регионов?

2) Еве уште две про-НАТО изјави: "Со членството во оваа организација само ќе добиеме поактивна позиција на меѓународната сцена и ќе се надеваме дека сме поблиску до ЕУ, како наша вистинска цел.” ; „...за влезот во НАТО, секако, ќе мора да платиме одредена цена - дали преку одреден компромис за името или преку внатрешно преуредување, како резултат на спроведување на мајскиот договор" (Глобус) Одеднаш, адутот не бил адут, туку ќе мора да платиме цена за влез во НАТО?!?

3) Пред Букурешт, погрешна експертска проценка во која не се спомнува никакво „плаќање цена“: „Мислам дека тие ќе го избоксираат решението, кое може да оди под привремената референца. Мојата прогноза е дека ние на еден или на друг начин ќе добиеме покана за влез во НАТО“, смета Ванковска. (Македонија пред нови притисоци за името)

4) После Букурешт, откако не „избоксуваа“, повторно симптоматична изјава: „-Најпогубно за Македонија ќе биде ако неуспехот на НАТО се префрли на домашен терен и почнат меѓусебни обвинувања и барање на виновникот. Земјава е морален победник и државното раководство треба да биде гордо, ова е пораз на Алијансата, вели Ванковска.“ (Вечер OnLine) Демек, не бил неуспех на нашиот боксер, туку неуспех на нашиот главен адут во борбата за името – НАТО?!?

Е, сега малку да применам дел од твојот некритички „арсенал“ – чисто да видиш како е кога се „пука“ со таква „муниција“: Зошто не сте барем толку доблесни отворено да кажете која страна ја застапувате? Не ли е очебијно дека е тоа страната на „државното раководство“ кое „треба да биде гордо“ што попи нокаут?

5) Да ги потсетиме читателите како размислувала Ванковска во 2003 г.:

„Во однос на приемот во ЕУ и НАТО, иако многумина би рекле дека сум јас "анти - НАТО" - оти многумина обично ми ставаат таква етикета што не е вистина, сметам дека вакви какви што сме не заслужуваме да бидеме примени.“ (ВЕСТ)

Значи, во 2003 г. има експлицитна изјава од Ванковска дека не е вистина дека била "анти - НАТО"!!! Што се случи во меѓувреме?

Во истото интервју, има уште една апла погрешна проценка: „Во 2006 година, бидејќи еве ова јавно го кажувам можеби ќе се навратиме на тоа, НАТО нема да биде овој НАТО што е затоа што во него ќе се најдат сите преостанати држави што бараат членство, значи и Албанија и Македонија и другите, без оглед на некои си критериуми. Што значи ние трчаме една трка што е истрчана.“

Ете, се навраќаме, и гледаме – голем гаф. После вакви експертски гафови, можеби треба да се размислува и за експертска оставка! J

На крајот, би сакал да ја цитирам Ванковска од 2003 како дел од мојата одбрана:

„За мене приоритет во овој момент не е влезот во НАТО! Лично, повеќе ја преферирам ЕУ и би била многу посреќна кога прво би ја добила поканата за влез во Унијата...“

Дали и како е тоа сега можно, откако компромисот со Грците стана услов и за ЕУ-поканата, ја повикувам Ванковска да ми биде сведок и адвокат истовремено!

Ете, ова беше само една мала вежба од критичко мислење. Способност која не смееме да ја загубиме во овие „орвеловски“ мигови на неизвесност.


6 коментари:

Анонимен рече...

Жарко, и мојот поопсежен одгповор се наоѓа на мојот блог, како посебен пост. Па повели... Се надевам дека не ти го разочарав спортскиот дух, но се обидов да ти одговорам колку ми дозволува времето. Поздрав и се надевам се наспа :-)

Анонимен рече...

свака част, иако некои работи не ми се јасни, што се разбира не значи дека треба било кој да ми ги објаснува. :)
нејсе, сепак ме интересира каде и како учесниците на Платформа се оградиле од написот на Глобус ? Тоа изгледа сум го пропуштила.

Кога зборуваш за трибината за осумте репери, мислиш на benchmarks нели?

Во посочениот текст од Ванковска не најдов каде таа те обвинува за контрадикцијата помеѓу твојот активизам на полето на човековите права наспроти твојот про-НАТО став. Во твоја одбрана, ако тоа навистина го изјавила (а не дека нужно ти е потребна  ) би додала дека ниту влезот во НАТО значи милитаризација на македонското држава, а уште помалку општество, ниту дека човековите права и борбата за нив се апсолутен НАТО антоним. Само да се потсетиме на критериумите за членство.

И мала забелешка, која ја очекував од тебе :) - во четвртиот пасус од текстот на проф. Ванковска таа бара од “интелектуалците“ , доколку сметаат дека опозицијата е права опција – “машки“ да застанат на нејзината страна. Живо ме занима како на пример јас, или професорката да го сториме тоа- јас “машки“ скоро ништо не умеам да направам. А ако застанам “женски“ да речеме, дали тоа ќе се смета за помалку или повеќе успешно? На крају краева, зошто атрибутот “машки“ е ставен во наводници ? :)

За референца :

http://schizochronia.blog.com.mk/node/140380

:)

Анонимен рече...

Пардон, го најдов тој коментар на Ванковска.

Анонимен рече...

Не сум сигурна дека некој воопшто треба да се впушта во разговор со Ванковска.
Мислам дека на тој начин и се дава значење кое го нема, а и човек лесно навлегува на нејзина територија (а тоа значи кал до колена).
Од друга страна, таа толку брзо и лесно ги менува мислењата, ставовите и тврдењата (нешто слично на Циле, ама со додаток на злоба и малициозност), што не можеш да докажеш ниту една идеја, а помалку едуцираниот аудиториум да не помисли дека ја напаѓаш без причина.
Тука се разбира е и личниот момент (кој ја прави посебно опасен противник), а тоа е талентот за деструкција на секоја група во која што ќе влезе (присети се на Граѓанското движење кое го уништи во зародиш, на Хелсиншкиот комитет, кој го уништи во неговиот најголем подем), а и да не зборуваме за Филозофскиот факултет (кој од неа се спасува само со нејзино потполно изолирање).

Во однос на вакви луѓе (како Ванковска) јас се држам до правилото: не дирај говно да не смрди.

Јассумјас

Анонимен рече...

Заборавив во претходниот текст,
се плашам дека му дојде крај на блогерајот во Македонија :)

јассумјас

Развигор рече...

Еве го и линкот до одговорот од Ванковска до Трајановски.

Како услуга за јавноста. И во обата случаи.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week