Додека армијата од „карирани“ шкотски килтови ги исцрпуваше алкохолните залихи на нашиот главен град, армијата од македонски обожавателки почна да си го поставува глобалното прашање во врска со „Хајлендерите“: што се крие под карираните „сукњи“? Пред да се обидеме да дадеме каков и да е одговор, не е лошо да предупредиме: Љубопитноста ја убива мачката, независно од тоа колку животи и преостанале!
Доколку прашањето се постави за шкотските војници, одговорот е недвосмислен. Под килтовите на шкотските војници не се крие ништо, затоа што војничките правила строго забрануваат носење на било што друго под килтот. Впрочем, за тоа сведочи и легендарната фотографија од 2004 г., проследена со наслови „Кралицата открива што има под килтот“. Кога во улога на командант на вооружените сили британската кралица се фотографира со добитниците на медали од Ирак, полковникот кој седи веднаш до неа дава очебиен одговор на прашањето со „ненамерно“ подигнување на неговиот килт.
Според едно научно истражување, 69 проценти од неуниформираните килтоносци одговориле дека не носат ништо под килтот. Дали бројката 69 е случајна или не, е прашање на кое треба да даде одговор некое идно истражување за сексуалните афинитети на Шкотите. Како и да е, „Тартаните“ и „килтовите“ сигурно немало да бидат толку популарни во Шкотска, доколку нивното носење не било најстрого забрането од страна на Англичаните во далечната 1746 година. Наместо да го уништи бунтовничкиот национален дух на „Хајлендерите“, и да ги асимилира со „Низинците“, иритирачката забрана само го интензивирала нивното чувство на посебност проследено со гордиот чин на носење на „машките сукњи“. Сепак, килтот станува симбол на националниот (а со време и на сексуалниот идентитет) на сите Шкоти дури во 19 век, особено откако кралицата Викторија почнува да ги облекува своите деца во килтови.
Пред да го му го поставите прашањето „Што носиш под твојот килт?“ на некој „Тартанец“, треба да знаете дека прашањето е родово-чувствително. Според шкотските традиции, ако прашањето го постави некоја девојка, може да ги добие следниве одговори од расположените Шкоти: „Колку ти се топли дланките?“, „Мојата шкотска гордост“, „Кога денот е добар, кармин“ или пак - „Добрите девојки не прашуваат, ама лошите девојки откриваат сами!“ Ако прашањето го постави машко, може да чуе: „Исто како и ти, само поголем“, „Гајди, сакаш да дуваш?“ или „Карминот на сестра ти“.
За жал, Македонците слабо ги познаваат своите вековни традиции. Тоа може да се види и од еден веб-коментар на фамозниот повик на Шеќеринска до Груевски, за време на изборната кампања: „Биди јунак, како што велиш дека си, немој да бегаш од женски фустан“. Еден збунет читател забележува: „Како да има „машки фустан“, па му појаснува да не бега од „женски“.“
Ете колку не си ги познаваме традициите и идентитетот. Набраното здолниште – фустан, од бело ткаено волнено платно, е дел од машката народна носија. Ако не ми верувате мене, прочитајте што велат етнолозите за носиите од Кавадарци и Прилепско: „Карактеристичен облековен елемент на машката летна носија е ткаена волнена скутина украсена со прави, хоризонтални шарки, која се носи само кога се работи во поле“; „Специфичност на носијата од овој регион е употребата на скутина - унечка, како составен дел на машката носија.“ Според една сомнителна прилепска легенда, скутина-унечка почнала да се носи од времето на Крале Марко, кој налутен од неактивноста во војувањата на своите војници, на сите им дал по една скутина, зошто се бореле како жени. Меѓутоа, повеќето од претставите за Александар Велики и за славните војници од неговата фаланга укажуваат дека тие храбро се бореле токму во своите машки фустанчиња.
Така, иако ја добивме битката со Шкотите на фудбалските терени, битката на културен план целосно ја изгубивме. Шкотските килтови, тартани и гајди на градскиот плоштад ни одржаа вистинска лекција како се чува и брани националниот и сексуалниот идентитет. Македонските машки фустани, народни везови и гајди никаде ги немаше да си ги „одмерат“ силите со шкотските.
Да се надеваме дека „Агенцијата за млади и спорт“ ќе ја поправи грешката на нашето гостување во Шкотска, и дека правилно ќе ги воспита навивачите гордо да носат машки мини фустанчиња и да свират на гајда, негувајќи го традиционалниот македонски идентитет. Да се надеваме дека навивачите од „Комити“ и „Фаланга“ исто толку гордо ќе не претстават во земјата на килтовите и гајдите, како што тоа го направија Шкотите во Скопје. Којзнае, можеби и тамошните девојки ќе почнат да се прашуваат „Што носат Македонците под нивните мини фустанчиња?“
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
4 коментари:
Па не е дека немаше ниеден македонски килт, сепак ова може да биде урнек за гостувањето во Шкотска.
Во друштво на шкотските навивачи, кои приредија одлично шоу на кеј, еден другар од Скопје гордо носеше традиционална македонската машка сукња помеѓу сите тие килтови. Другиот дел од моето друштво тој ден се увери во вистинитоста на тоа дека под килт не се носи ништо. Иако имаа намера да ја трампаат сукњата и неколку традиционални елечиња за килтови, тоа не им успеа.
ха... ме предухитрија! :-)
Новица, си ни обелил образ, чоече :)
Објави коментар