Дури преку 20% возрасни жители на ЕУ (62 милиони) пробале канабис (повеќе).
Бараме во Уставот на ЕУ да се воведат „рамковни“ одредби за „правична застапеност“ на корисници на канабис во администрацијата на ЕУ и во сите општествени сфери!
„Рамковна“ застапеност на „траваџии“
2/28/2006во 15:14 7 коментари
Правен водич за „траваџии“
Бидејќи се шират доста полуинформации, не е лошо да укажеме каков е правниот однос на земјите членки на ЕУ во однос на најпопуларната дрога во ЕУ - канабисот: „...некои земји или региони толерираат извесни форми на поседување и консумирање; други земји применуваат административни санкции или глобa; додека некои други применуваат казнени санкции“ (уште)
Каков е заедничкиот тренд: „...развој на алтернативни мерки наместо кривичното прогонување во случаите на употреба и поседување на мали количества на канабис за сопствена употреба доколку нема отежнителни околности...“ Општо земено, правните санкции во однос на употребата и/или поседувањето дрога се делат на санкции кои што вклучуваат лишување од слобода, и санкции кои што не вклучуваат (повеќе)
На пример, во Луксембург за прекршоците во врска со канабис се плаќа глоба од 250 евра, до 2500 евра. Меѓутоа, за употреба пред малолетник, пред школо или на работно место може да се добие и затворска казна од 8 дена до 6 месеци.
Во Холандија истрагата и прогонувањето за поседување на канабис за сопствена употреба (до 5 грама), има најмал судски приоритет; продажбата до 5 грама во кафулиња обично не се истражува.
Во Шведска, иако постои и затворска казна, во практика корисниците добиваат парична казна, која што може да се замени со советување врз доброволна основа.
Исто така, треба да се има предвид дека во неколку земји членки на ЕУ употребата на било каква дрога правно не се казнува (Данска, Германија, Италија, Австрија), во некои е само делумно забранета или декриминализирана, а во некои се санкционира како кривично дело (Грција, Франција, Финска, Шведска).
Што се однесува до илегалното поседување дрога, во принцип, „Поседувањето на дроги за лична употреба (во смисла на поседување за неовластени цели) експлицитно е забрането во сите земји на ЕУ“. Но, во практиката среќаваме најразновидни решенија - на пример, во некои земји тренд е да не се гонат и казнуваат оние што поседуваат незначителна количина канабис за сопствена употреба - на пример, до 3 грама (Белгија) или до 5 грама (Холандија) или пак да се изрекуваат само парични казни (без лишување од слобода).
Канабисот се смета за „наркотична дрога со мали-до-средни особини на зависност“ (поскоро психолошка, отколку физичка). Свеста за терапевтските особини расте, и медицинската употреба на канабис се смета за значајна тема во Европските политики за дрога. Меѓутоа, поарно да не ви треба канабис за медицинска употреба - се препорачува за ослободување од хронична болка како резултат на „мултипл склероза“, СИДА, хемотерапија, и при смртно болни случаи.
Сите линкови се од Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дроги (EMCDDA).
Ај, толку засега!
во 15:10 4 коментари
Достоинствено, професоре - нема што!
2/27/2006Што вели, во последната колумна За времето, парите и - ороспиите пензионираниот професор по кривично право Ѓорѓи Марјановиќ:
„Значи, ако можат велеучени доктори на науки, универзитетски професори, академици да се проституираат, зошто да не и новинарите? Тоа е едно! Друго е: ороспијата си е ороспија! Без оглед на титулата, звањето и занимањето. И ако ја фатат и ако никогаш не ја фатат. Само едно да знаете: ни на ноторна ороспија не смее да и кажете дека е ороспија. Ако ве тужи (однапред да ви кажам), ќе бидете огласени за виновни и казнети. Така вели законот! И ороспиите имале човечко достоинство! (Не знам само дали ова значи и: колку што некој е поголема ороспија, толку му е поголемо - и повредно - човечкото достоинство?)“
Ете како нашиот доајен по право стручно го промовира достоинството на човекот, кое е во основа на модерниот концепт за човекови права! (Или сексуалните работнички не треба да ги сметаме за луѓе?)
Ете зошто студентите од скопскиот правен се греотка за човекови права: треба да го преживеат понижувачкиот третман на Марјановиќ, Фрчковски, Климовски, Камбовски...
Сексуално образование
2/26/2006Колку години треба да имаш наполнето за правно да се признава твојата согласност за стапување во сексуални односи?
Секоја земја си има „age of consent“ ама Македонија ја нема на листата на земји во табелата за „доба на согласување“ во Wikipedia.
На една друга табела за „age of consent“, кај Македонија стои погрешна информација 16 години.
Во еден извештај за Македонија правилно е забележано дека „сексуален однос помеѓу возрасен и малолетник помеѓу 14-18 години не е забранет и казнив“ (Извештајот во сенка на ЕСЕ, за CEDAW).
И покрај тоа, најголем дел од младите се доведени во заблуда дека стапувањето во сексуални односи е правно дозволено со полнолетството.
Не е ли време, наместо религиозно, да се воведе сексуално образование?
во 04:20 8 коментари
Дали сме секуларна држава?
Прашањево се почесто си го поставувам поради
1) мешањето на државата во религиозните спорови
2) небулозните судски одлуки со кои се брани идејата за една Македонска православна црква
3) сомнителната иницијатива за воведување нови наставни содржини во кои ќе се изучуваат религиите
Што велат колумнистите на МПЦ за последнава иницијатива: „Веронауката не смее да се сведе на серија сувопарни методски единици од квазирелигиозна социологија (или плуралистички марксизам)...“ - извадок од колумната на Епископ велички Методиј, во „Неделно Време“.
Да потсетиме, со цел да го разгориме конфликтот:
Уставниот суд, во 2000 год., донесе одлука за поништување на актот со кој се пропишуваше одржување на верски благослов во основните и средните училишта.
Во 2003 год., Уставниот суд го укина решението за донесување наставна програма во основното образование по веронаука.
Според УСУД, граѓанинот има можност да се запознае со некоја религија „во рамките на верските заедници и религиозни групи и надвор од нив, според амандманот VII точка 2 , но не и во рамките на државните органи или државните училишта како јавни институции.“
Дали новиот состав на Уставниот суд ќе подлегне на притисоците на Владата и религиозните организации и ќе го смени своето секуларно стојалиште доколку биде оспорена одлуката за воведување нови наставни содржини за запознавање со религиите?
Отворам кладилница по ова прашање! (на зборот „дебата“ и онака никој веќе не се пали)
во 03:20 8 коментари
Жива срамота!
2/25/2006Зошто никој не ни го ебе јазикот? Ами, зашто после толку години „Говорете македонски“ државниот Институт за македонски јазик сеуште не успеа да изготви толковен речник. (Крсте Мисирков се превртува во гробот, и пишуе „За македонцките работи“ - II том).
А без толковен речник, немаме ни култура на комуникација, како што сугерира нашиот „државник“ на промоцијата на вториот том:
„Доброто познавање на мајчиниот јазик, умешноста на соодветен начин да ја пренесеме мислата преку зборот до другите, е основата за изградбата на културата на комуникацијата. Толковниот речник на македонскиот јазик, овој II том што го имаме пред нас денес, ни предочува за едно богатство кога еден македонски збор го толкуваме со други македонски зборови.“ (уште)
Ш'о збориш бе, батка?
Не сум го видел вториот том, ама првиот том не го признавам, зашто го нема зборот „ебе“! Го признавам само новиот толковен речник на Мургоски, во кој конечно заслужено место си најдоа клучните зборови што не ги признаваше Конески: „кур“ и „пичка“!
Dirty Shame, што би рекол Џон Вотерс!
Што му фали на Уставот?
Некои едноставни прашања заслужуваат едноставни одговори.
Еден од повеќето точни одговори на прашањето што му фали на нашиот Устав може да се изрази мошне едноставно: Основниот правен акт на нашата држава не овозможува ефективни механизми за заштита на сите човекови права за сите.
Токму затоа, постојниот Устав претставува кочница на нашиот пат кон ЕУ, каде што ефективната заштита на човековите права од страна на стабилни институции претставува нужен предуслов за едно демократско општество.
(дел од колумната што не ми ја објавија во Дневник. Уште се чудам зошто: дал з'ш го критикувам светиот ни Устав, дал з'ш го спомнувам „случајот Јован“, дал з'ш не сум политичар, партиски и владин советник во предизборие, дал з'ш сум почнал да тресам глупости од мал мозок?)
во 14:20 9 коментари
Транспарентност
2/22/2006Внимавајте луѓе, да не бидете многу транспарентни во својата несреќа, оти може „Алфите“ да почнат да ви го „усреќуваат“ животот!
Еве што што одговара МВР на „шегобијните“ напади на Хелсиншкиот комитет дека наместо да гонат дилери, „Алфите“ прогонуваат корисници на дрога: "...конзументите на дрога за разлика од дилерите се, за жал, потранспаренти во својата несреќа..."
Кутрите дилери, затоа ли се заштитени од МВР! Да не е случајно „Гази Бејб“ веќе претворена во бесцаринска зона?
Анти убаво му порачуе на Џанго - "Удри по самарот друже Џанго!". Браво за Анти!
Луѓе, насмевнете се и бидете среќни кога ќе видите човек во униформа!
Идат избори, забрането е да се биде транспарентен во сопствената несреќа!
Чуму ГЛБТ-права?
2/21/2006Зошто воопшто да зборуваме за геј-лезбејски-бисексуални-трансексуални права, кога знаеме дека концептот за човековите права, отелотворен во бројни меѓународни документи, подразбира сите човекови права да им припаѓаат на сите луѓе, и тоа насекаде? Зошто не-хетеросексуалците продолжуваат да се борат за GLBT-правата, кога човековите права се признаваат и штитат со бројни меѓународни документи кои не прават никакво разграничување врз основа на сексуална ориентација?
Мара, Мара, не се дава!
2/19/2006Мораме да правиме разлики помеѓу декриминализација, депенализација, и легализација. Што се однесува до поседувањето и користењето марихуана, бесмислено е да се бара декриминализирање на нешто што не е криминал (кривично дело). Оттаму, промашен е поднасловот на текстот „Страв од дување“ - Декриминализација на марихуаната во Македонија? (Форум Плус, 18.02.2006), освен ако не инсистира на декриминализирање на производството или овозможувањето на употреба (тоа се веќе кривични дела).
Значи, ако зборуваме за „регулација на користењето на марихуаната“ (во таа смисла Алаѓозовски зборува за „легализација“), тогаш е посоодветно да зборуваме за „депенализација“ отколку за „декриминализација“, затоа што користењето марихуана („оддавањето на уживање“) кај нас е казнено дело (прекршок), а не кривично дело. Прекршок е и поседувањето на било какво количество марихуана, и прашањето за регулирањето на поседувањето на марихуана не смее да се пренебрегне, кога зборуваме за „легализација“ во погоренаведената смисла. Неовластеното производство на било какво количество на марихуана (заради продажба) е кривично дело.
Ако успееме да воведеме концепт на „сопствена употреба“, и го регулираме поседувањето на марихуана (издвоена од останатите поштетни дроги) дефинирајќи горна граница на количество марихуана „за сопствена употреба“, тогаш може да ни се постави следнава дилема: дали поседувањето на марихуана „за сопствена употреба“ ќе остане прекршок (кој ќе се казнува само со парична казна како и преминувањето улица на црвено) или ќе престане да биде прекршок (ќе се „депенализира“), што значи, парично ќе се казнува само поседувањето на марихуана над горната граница?
Ако се депенализира поседувањето марихуана за сопствена употреба, тогаш практично ќе се легализира и домашното производство на марихуана (до одредена количина) кое не е наменето за пуштање во промет, туку за сопствена употреба.
Кога ќе иницирате некои законски измени, имајте предвид дека некој треба нив и да ги изгласа во Собранието. Затоа воопшто не би ја потценувал политиката „чекор по чекор“.
во 10:26 7 коментари
Чекајќи го 8-ми март!
2/18/2006За жал, ниедна од нашите женски невладини организации досега не реагираше на сексистичките испади во медиумите. Можеби чекаат некој повторно да ни го признае уставното име на државата, за повторно да организираат прослава на плоштадот. Или чекаат да дојде 8-ми Март? (повеќе)
Непристојниот „предлог“ на Венко
Зошто предлогот на Венко е морално непристоен?
Идејата „сите автори-писатели кои годинава добиле средства од Министерството за објавување книга, да изделат определен процент за да основаат фонд при ДПМ за поддршка на млади автори, особено дебитанти“ укажува дека:
1) критериумите на издавачката политика на Министерството за култура не водат сметка за младите автори;
2) таа неправда не треба да ја исправи Министерството за култура со менување на критериумите и обезбедување дополнителни средства за поддршка на млади автори;
3) таа неправда треба да ја исправат автори кои добиле пари од Министерството за култура, „со пари од свој џеб“ (како што вели Венко).
Венко до вчера „од ракав“ ги делеше парите на Министерството за култура, и не предложи никакви релевантни измени на критериумите (доколку такви критериуми воопшто има).
Значи, Венко е одговорен (соучесник) за неправдата, а неправдата не мисли да ја отстранува со креирање нови критериуми туку „со пари од свој џеб“. А како дошле тие пари во неговиот џеб? Венко ги „заработил“ токму од буџетските средства што Министерството на култура ги распределува според неправедните критериуми.
Ете, токму затоа предлогот на Венко е морално непристоен.
„Енде", како што вели нашиот филолог, толку чувствителен на србизми, а толку отворен за германизми, англицизми, латинизми, грцизми...
Пофалби за Претседателот!
2/17/2006Еве, да не речете дека само ја критикувам власта. Пред месец и половина, во текстот „Македонија - „Рамковна етнократија“?, укажав на грубиот фалсификат во официјалните англиски преводи на Уставот, објавени на интернет страницата на Претседателот на Републиката, и на Собранието.
Претседателот имаше доблест да ја признае грешката (или фалсификатот?), и наместо комплетно преземање на текстот од „Рамковниот договор“ сега се преведени уставните амандмани од 2001 год.
На пример: „Any other language spoken by at least 20 percent of the citizens is also an official language, written using its alphabet, as specified in this Article“ е превод на соодветниот дел од Амандманот V: „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.“
За жал, на собраниската страница сеуште стои овој официјален англиски превод: „Any other language spoken by at least 20 percent of the population is also an official language, written using its alphabet, as specified below. “ - текст на „Рамковниот договор“ (Anex A, Article 7) кој не е изгласан од страна на Собранието. Се разбира, македонскиот превод на овој дел од „Framework Agreement“ не соодветствува со соодветниот дел од Уставот (Амандман V): „Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението исто така е службен јазик, и неговото писмо, како што е подолу специфицирано.“.
Така, сега имаме два официјални англиски преводи на Уставот кои значително се разликуваат и ги доведуваат странците во забуна (или заблуда).
Симптоматично, ама и англиската интернет страница на Владата - „Факти за Република Македонија“ - е со години „under construction“! На официјалната страница на македонски јазик, „Рамковниот“ е самоволно прогласен за глава X на Уставот!
За што станува збор: за ненамерни грешки, нестручни „преведувачи“, или за намерно газење по Уставот?
во 09:54 3 коментари
Зомбичиња и манкурти
2/14/2006„Битно е, значи, да не помниме селективно и да не бидеме зомбичиња на кои секој режим им вели дека вчера почнал светот. Да не бидеме манкурти! (Постои една стара казашка легенда, која ја спомнува Џингиз Ајматов во романот „И подолго од векот трае денот“; постоело племе на сурови воини кои безмилосно ги мачеле заробениците со ремен од камилска кожа и ги претворале во манкурти - весели робови, луѓе без сеќавање.) Секоја идеологија на некој начин врши манкуртизација врз луѓето, па и веселата идеологија на капитализмот кој не меле последниве години.“ (Никола Гелевски, „Светот на сништата и на катастрофите“, Утрински весник, 14 февруари, 2006)
Мал прилог a propos нашата зомбифицираност!
Честитка за „Свети Валентин“
Најнов сексистички испад на поранешниот министер, уставотворец, актуелен професор по човекови права, и наш претставник во Европската комисија за борба против расизмот и нетолеранцијата (ECRI):
„Имено, помалку се заморивме, драги мои од главно трите групи-типа на другарки-госпожи во политиката: невротични кучки; истоштени квази-исусовки (кои ќе ја спасувале Македонија која заслужувала подобра власт) и девојки од работните акции т.н.community girls.“ (Дневник, 14 февруари, 2006)
Инаку, ECRI издава Европски пасош против нетолеранцијата каде што нетолеранција е: расизам, ксенофобија, антисемитизам, сексизам, хомофобија... Според ECRI, „сексизмот е една од најраширените форми на нетолеранција“.
Наместо да се бори против сексизмот кај нас, како наш претставник во ECRI, Љубомир Д. Фрчкоски отворено шири сексизам.
Предлагам иницирање на уште една петиција, овој пат до Владата на РМ, со барање да поведе постапка за разрешување на Љубомир Д. Фрчкоски од оваа функција, затоа што личноста именувана од страна на Владата на Република Македонија не го исполнува критериумот „висок морален авторитет“ што се бара од членовите на ECRI.
Се надевам дека Македонското женско лоби, СОЖМ, и Министерот за труд и социјална политика (кој неодамна толку „успешно“ ги претстави нашите достигања на полето на човековите права на жените) нема повторно да се оглушат, и дека остро ќе реагираат на вакви јавни сексистички испади.
МКЦ
2/13/2006Малку да „воскреснеме“ една подзаборавена идеја.
Анти, предлагам конечно да се организираме, и што побрзо да формираме „Македонска Комунистичка Црква“ (МКЦ)!
Поради немање никаква толеранција кон атеистите у државава, редно е и ние да ги збиеме нашите пролетерски редови, и да си основаме наша црква, ем македонска, ем комунистичка. (Основачкото собрание може да ни биде у МКЦ.)
Го предлагам за наш заштитник, пророкот на „Светата комунистичка црква“, „понтифархот“ John Goodwyn Barmby, еден од првите проповедници на комунизмот во Англија.
Стар завет да ни биде „Капиталот“, а нов завет да ни биде „Комунистичкиот манифест“!
Предлагам, една од светите пораки на нашата македонска црква да биде „Религијата е опиум за народот“. Опиумот (макот) е заштитен знак на Македонија, и затоа државниот грб предлагам да ни биде и црковен симбол.
Тебе, Анти, ти оставам да ги предложиш 10-те наши заповеди, а кои да бидат 12-те апостол(к)и наши, за тоа отворам јавна расправа. Името на нашиот месија, кој ни го вети „царството“ комунистичко, не сакам да го споменувам залудно.
Не треба дури ни да ја регистрираме, Анти, за да ги вршиме нашите верски работи и верски обреди. Уште во 1998 година, Светиот Уставен суд ја укина неверничката законска одредба дека верски работи и верски обреди кај нас можат да вршат само регистрирани верски заедници или религиозни групи. Уставниот суд убаво си кажа дека со таквата одредба „се ограничува и навлегува во личните и интимни чувства и верски определби на поединецот како негова уставна гаранција за слободата на вероисповеста...“
Без заебанција, пријателе, оти ако некој после почне да ни мрчи против нашата комунистичка вероисповест, ќе му поднесеме кривична пријава за поттикнување на верска омраза и нетрпеливост, па има да ја лежи ко Вранишковски! Се надевам дека МКЦ ќе добие благослов и од МПЦ, како што им дадоа благослов на Исламската верска заедница, по повод навредите кон нивниот пророк.
Ако се обиде некој да го осудува или навредува комунизмот, ќе го осудиме и ние за верска нетолеранција и светогрдие, и ќе бараме заштита од државата оти сите вери се еднакви пред Уставот и законите.
Ајде, да ве видам сега „неверници“, нека се осмели некој да каже нешто против нашиот месија Карл Маркс!
Возот за Кочабамба!
2/11/2006Развојот на слободата на мислење и изразување доживува кај нас таков невиден „бум“ што дури и кафеаните почнаа редовно да издаваат свои вечерни весници. И тоа со слогани „Пиј и уживај слободно“! Така, во седмиот број од една скопска кафеанска новина, покрај излитените машко-шовинистички „бисери на мудроста“ од типот „Зошто пивото е подобро од жената?“ ги прочитав и следниве „паметни мисли од пијани глави“: „Животот е премногу кус за да пиеме евтини пијачки“ и „Алкохолот им помага и на грдите луѓе да имаат секс“!Како шлаг на се, во рубриката „направи си сам коктел“, промовиран е коктелот „очајна домаќинка“: „...Нарачајте водка и џин. Додајте го џусот. Добро промешајте. Додајте три диазепами и два кафетини. Уште еднаш добро помешајте.“Овој напис нема намера да ги поттикнува сите навредени жени, а посебно „очајните домаќинки“, да се организираат и да го искажуваат својот бес пред скопските кафеани поради шовинистичката злоупотреба на навредливиот хумор во комерцијални цели. Намерата ми е сосем поинаква - ако може, да го проблематизирам правото на слободно изразување кое некои поборници на слободата на печатот деновиве избрзано го прогласија за неприкосновено.Имено, ако ова право го прогласиме за „недопирливо“, како ќе постапуваме кога на некој прониклив трговец од Гази Баба ќе му падне на памет и тој да си го промовира бизнисот издавајќи своја вечерна новина со мотото „Дрогирај се и уживај слободно“? Што ако и самиот почне да промовира „бисери на мудроста“ од типот „Зошто хероинот е подобар од жената“, инспириран од начелата на слободната пазарна економија и од скопските кафеански новини? Односно, што ако и тој во своето „журналче“ почне да цитира „паметни мисли од надувани глави“: „Животот е премногу кус за да користиме евтини дроги“ или „Дрогата им помага и на грдите луѓе да имаат секс“? Најпосле, што да се прави ако и трговецот од „Гази Бејб“ одлучи да ја промовира слободата на печатот препорачувајќи халуциногени предизборни коктели за „очајни политичари“, зачинети со неколку дијазепами и кафетини? (повеќе, во саботен дневник)
Критична маса
2/09/2006(До другар ми Коља и блогер(к)ите)
За да се предизвика верижна реакција, потребно е прво да се создаде критична маса. Колку сакаш купчи „интелектуални“ кре-кре елементи од типот а ла Венко, Фрчко, Марјановиќ, Ѓунер, Орданоски, Героски, па и „Букарски“, „Вуна“... - останува истата квази-интелектуална жабокречина во која безнадежно тонеме. Тоа ти е галерија ликови што лесно газат по достоинството на другиот и продаваат сопствена душа за повеќе читаност/посетеност - естрадни задоволувачи на сеирџиските „фолклорни“ потреби. За да се создаде критична маса за верижна реакција која ќе ја разбуричка нашата застоена жабо-кре-кре-чина, потребни се урбани критички елементи од типот на Анти, Алаѓоз, Боцевски, Развигор, Комуникации...
Паметиш, некогаш живеевме во осмо(ро)собен стан, а сега се гушиме во смрдлива гарсоњера со спуштени завеси. Ниту сонце да не грејне, пријателе, ниту свеж водух да не понесе, од пустите ни зраци на Вергина и од загушливиот „вентилатор“ на нашето знаме. Почнавме да си „ги мериме“ со знамиња... Тоа ти е нашата јавна сфера. Завесите се спуштени за да не гледаме како новите капиталисти (во спрега со корумпираните политичари) купчат пари, од маката на тутунарите, стечајците, социјалците, бегалците, внатрешно раселените, зависниците од дрога, исчезнатите, загинатите...
Како да ги подигнеме спуштените завеси пријателе, ете тоа се обидуваме ние тука, а и ти богами, ако добро те читам со години. Со аргументи, наместо со лични навреди, со критичко мислење, наместо со „конспирации“, со рационален дискурс, наместо со говор на омраза...
Но, Коља, каков ти е тој аргумент – лаам 10 години против власта? Па, не сме ние село без кучиња. И Фрчко лае откако го развластија, и Марјановиќ лавка, и Хелсиншки (ко watchdog) само лае, Николче нема престанато да џавка, а и Орданоски едно време глумеше божем лае, па никому ништо, карванот си врвеше и си врви... Научија со време СДСМ-ДУИ-ВМРО-ДПА дека кучињата што лаат не касаат. Можеби затоа и никој не го есапи „Контра-бандаш“, пријателе.
Наместо лаење у ветер, потребни ни се конкретни иницијативи, пријателе – претставки, петиции, предлог закони, судски тужби, граѓански иницијативи, референдуми, протести, демонстрации... - малку да ја разиграме „демократијата“...
И отворање нови медиуми, разбира се. Убаво е што почнавме да иницираме некакви мини „форуми“ (нешто што не успеа „Маргина“, на времето), ама потребно е да ја фокусираме енергијата, да не ја трошиме во јалови меѓусебни пресметки и, како што велиш, да дефинираме приоритети...
Ако не се лажам, во нашава локална блогосфера има елементи од кои може да се создаде критична маса за барем две www списанија - за литература и теорија, и за критичко промислување на политичките ни состојби.
Не треба тука многу пари пријателе, туку обединување на позитивните енергии. Убеди го Анти да покрене барем едно списание, дај му малку потпора, со задоволство би се приклучил на таква иницијатива.
Петиција до Претседателот на Република Македонија (предлог)
2/08/2006Барање за помилување на лицето Јован Вранишковски
Почитуван Претседателу,
Имајќи го предвид чл. 11 од Законот за помилување, според кој Претседателот на Републиката може да даде помилување „кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“, ја поднесуваме следнава петиција за помилување на лицето Јован Вранишковски (осуден за Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост) и бришење на осудата.
Сметаме дека помилување на лицето Јован Вранишковски е од интерес за Република Македонија, со оглед на тоа што во судскиот процес против него не се отстранија сите разумни сомнежи во однос на неговата вина. Критичка оценка на повеќе организации за заштита на човековите права и слободи, домашни и меѓународни, како и на многу независни интелектуалци и познавачи на религијата, правото и човековите права, е дека судот изрече осудителна пресуда и покрај тоа што обвинителството не изнесе несомнени докази за кривичното дело за кое Вранишковски беше обвинет. Во интерес на Република Македонија е да биде помилувано лице за кое меѓународната критичка јавност воопшто не е убедена дека му било почитувано правото на фер судење, и дека е осудено со отстранување на сите разумни сомнежи во однос на неговата вина.
Посебна околност што се однесува на личноста која е осудена е дека станува збор за религиозен водач кој, независно од религиозните идеи што ги застапува, беше подложен (заедно со неговите следбеници) на понижувачки третман од страна на јавноста, медиумите, некои државни органи, што остави меѓународен впечаток за Република Македонија како религиозно нетолерантна земја, кога станува збор за различни толкувања на христијанството.
Исто така, посебна околност што се однесува до кривичното дело за кое што е осуден, е тоа што за истото кривично дело не беа покренати постапки против лицата кои предизвикуваа омраза, раздор и нетрпеливост кон верата што ја проповедаше Јован Вранишковски, и покрај тоа што со чл. 19 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на вероисповеста и на изразувањето на верата, како и еднаквоста пред законот на сите верски заедници и религиозни групи. Непокренувањето постапки против лицата кои предизвикуваа омраза, раздор и нетрпеливост (иако поради тие дела доаѓаше и дo безредија и насилства кон следбениците на Вранишковски, како и до имотна штета - отежнителни околности за кривичното дело за кое е осуден Вранишковски) создаде впечаток кај меѓународната јавност дека сите верски заедници и религиозни групи не се еднакви пред законот и одвоени од државата.
Со уверување дека наведените разлози се доволно оправдани за помилување на лицето Јован Вранишковски, и со надеж дека таквиот чин ќе претставува исчекор кон промовирањето на религиозната слобода и толеранција, ние долупотпишаните ја поднесуваме оваа петиција.
Скопје
__ __ 2006 год.
Потписи
Хипокризија
2/07/2006Поранешниот советник на Претседателот на Републиката г-дин Љубомир Д. Фрчкоски, му потшепнува на поранешниот „другар“ Црвенковски (во ООН и ЕУ познат како претседател на „Поранешната Југословенска Република Македонија“) дека е згодно време да ги замоли за прошка „луѓето што трпеле неправда поради идеолошки предрасуди“.
Од поранешниот Министер за секакви работи (внатрешни и надворешни), дознаваме дека ова прашање било намерно „покривано“: "Во меѓувреме поради покривањето на ова прашање во Македонија се намножи една сива зона на гадинки, во умот исти со злосторниците од име на комунистичката кауза, кои ги чинеа малите гадости до крајот на стариот систем, до 1990 година." (повеќе)
„Хуманистичката идеја“ на поранешниот министер Фрчковски (нашиот „калиф наместо калифот“), инаку соучесник во досегашното „покривање“, е со еден политички гест на замолување прошка да се депласира отворениот процес на барање на конкретни виновници за покриените злодела на еднопартискиот социјалистички режим, а богами и после 1990-та.
Ако Претседателот на Републиката сака да направи некаков политички потег во насока на помирување и исправање на неправдите, тогаш под итно треба да го помилува Јован Вранишковски (независно од неговите верски убедувања), кој не беше само жртва на не-фер судење, туку и на верска нетолеранција и говор на омраза.
Да се потсетиме малку кој беше во првите редови на сејачите на „говор на омраза“ кон Вранишковски:
„... овие конспирации се сенишни обиди. Тоа се кули од карти! Исто како што е "Јовановата српска црква" кула од карти, пепел и пепел ќе остане.“ (повеќе)
Г-дине Фрчковски, како прво ти треба да молиш за прошка поради сеење верска нетолеранција и говор на омраза! И ако остана малку чувство за одговорност во тебе, под итно да си поднесеш оставка од функцијата претставник во Европскиот комитет за расизам и нетолеранција!
во 17:40 6 коментари
Кое право е појако?
2/06/2006Може ли да се зборува за „прекумерна употреба“ на некое право? Од МПЦ велат дека може:
„Верските чувства како подлабок елемент на човековото битие имаат приоритет над правото на слободно изразување и оттаму секоја прекумерна употреба на ова право насочена против нив ги поткопува темелите на верска толеранција и мултиетнички и религиозен соживот на модерното општество што го градиме.“ (повеќе)
И според Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), регулирањето на „говорот на омраза“ не ги повредува вредностите што лежат во основата на заштитата на слободата на изразување.
Поконкретно, „изразите што настојуваат да шират, предизвикуваат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и религиозна нетолеранција, не ја уживаат заштитата на Член 10 од Конвенцијата“ - (слободата на изразување) (повеќе).
Но, според некои пресуди на ЕСЧП, шеријатот е инкомпатибилен со почитувањето на демократијата и човековите права (повеќе). Како и да е, самиот факт на бранење на шеријатот не претставува „говор на омраза“ во отсуство на повикување на насилно воспоставување на шеријатот.
Имајте предвид дека „говорот на омраза“ не е само говор, туку дека ги опфаќа сите форми на изразување омраза. (повеќе) Значи, за да се ограничи правото на објавување на контоверзните карикатури, треба да се докаже дека истите претставуваат „говор на омраза“.
Но, дали во случајот „карикатури“ навистина станува збор за намерна јавна навреда на група лица врз основа на нивната религија? Одговорот - „Некои луѓе навистина немаат смисла за хумор“ не проаѓа, затоа што во некои случаи навредливиот хумор не подлежи на заштита на правото на слобода на изразување.
Останува да се тужат издавачите на карикатурите, па да видиме што ќе одлучи судот.
Случајно некој да не го има календарчето на Јован, да го објавиме, за да видат луѓето за што се оди кај нас у затвор? Или ви прпа?
во 03:14 4 коментари
Сексизми
2/05/2006„Невозможно е „плавушата“ [Име Презиме], зафатена од термините за на фризер, сама да ги организира протестите, да ги организира колегите по раскрсници и со тоа да ја преземе одговорноста за тоталниот хаос што владее во главниот град.“ (Форум, 04.02.2006, стр. 25, текст потпишан од В.Ј. и С.В.)
Тука не станува збор само за навредлив хумор, туку и за шовинистичко верување дека жените со одредена боја на коса не се способни за политичка акција, кое се пласира како силен „аргумент“. Не станува збор само за расудување врз основа на негативни стереотипи за жените, туку и за дискриминација врз основа на пол и изглед, и за поттикнување на мизогинија (омраза кон жените).
Дали слободата на изразувањето треба да се штити и во вакви случаи?
Соочување со сегашноста
2/04/2006Една мала провокација: „...ако сакаме демократијата и човековите права да бидат нешто повеќе од идеолошки флоскули, треба да инсистираме на разликата помеѓу комунизмот како идеологија и комунистичките режими, како и на други битни разлики. Во спротивно, ќе дојдеме до тоа да ги обвинуваме и осудуваме демократијата и човековите права, зашто од нивно име се изведувале или се изведуваат воено-полициски операции во кои секојдневно гинат стотици безимени жртви секаде во светот.“ (повеќе)
Убаво е да си праиме муабет за човекови права, ама што конкретно можеме да сториме за жртвите на режимот, и против „сите нивни џелати“, прашање е сега! Без конкретни предлози, иницијативи, покажуење со прст, и отворање судски процеси говорот за човековите права се претвора во идеолошка реторика.
Визентал не јадеше бурек против нацизмот, туку трагаше по конкретни виновници, и собираше докази за на суд.
во 17:14 1 коментари
Слобода и на говорот на омраза?
Британците го ослободија лидерот на една партија од обвинувањата за поттикнување расна омраза. Во екот на политичката кампања тој го нарекол Исламот "wicked vicious faith", а азилантите ги опишал како "a little bit like cockroaches". (повеќе)
Кај нас, во текот на 2001 год. стандардна практика на некои весници беше да објавуваат писма на граѓани во кои Албанците беа нарекувани „Шиптари“. Македонските форуми се сеуште полни со етно-шовинистички изрази. За употребата на „педер“ и разните видови сексизми, ич да не зборуваме.
Македонските колумнисти се посебна приказна.
Героски практично повикува на војна во 2001: „Албанските терористи ни објавија тотална војна... Тие крволоци не сакаат мир. ... Дојде крајот на сите наши надежи шестмесечната воена криза да заврши мирно, разумно, со политички договор. ... Нема веќе за што да се разговара и да се преговара... Бараме врховниот командант Борис Трајковски веднаш да облече маскирна униформа и да се нацрта кај своите војници во Тетово. Бараме лидерот на социјалдемократите Бранко Црвенковски да му се придружи, бидејќи тој рече дека Македонија се брани во Тетово... Бараме луѓето што ги избиравме, што ги плаќавме и ги храневме за да не водат во добро и во зло, да изберат да не поведат во битка за правда, мир и слобода.“
Фрчкоски, уште еден милитант од 2001, во една прилика вели: „Потоа треба да ги идентифицираме КВИСЛИНЗИТЕ во нашите редови и да им ја е.. м..“. Општо земено, стилот му е препознатлив токму по навредлив и сексистички хумор („национал-плачи п...“, “една мошне курентна дама”, „Политички пи.... димови“, „...се згадувам од она медиумско пренемагање на "онаја госпожа"...“). Препознатлив е и по нетолеранција кон различното мислење, а човекот ни е државен претставник во Европската комисија против расизам и нетолеранција! Таму треба да се залага токму против нетолеранцијата, сексизмот, навредливиот хумор, говорот на омраза... (повеќе). Парадоксално, нели?
Пироман - пеки, цртач - јок!
Ете, уште еден повод лицето Бранко Ц. да го тужи неделникот „Фокус“ - за навредливиот стрип.
А „Бушавата“ администрација демек балансира:
„Главна цел на надворешната политика на администрацијата е промоција на демократијата и човековите права, вклучително и слободата на говорот, во земјите каде што ги нема.“
Каде бе тоа промовирате демократија и човекови права? У Гуантанамо, у тајните затвори во Кабул, у Ирак можеби? И каков е тој нов демократски бран: „Friendly fire“ демократија?
„Но, клучната мисија на јавната дипломатија е да ја нагласува почитта кон исламот, после војните во Ирак и Авганистан“.
Наравоучение: Американското знаме може да се пали, ама Мухамед не смее да се црта. Машала!
А што ако сега излезат на улица сатанистите и почнат да дигаат џева зошто Сатаната толку лошо се претставува во христијанските карикатури?
Шегата настрана, ама Јован ќе си одлежи кај нас поради календарчето православно, заради поттикнување верска нетрпеливост.
Затоа, берете памет блог-тротери!
во 04:49 3 коментари
Мојот список со блогови
-
Чипирање - чипиани идиоти ... - Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош, к...Пред 3 години
-
Поддршката за СЈО не значи приврзаност кон идоли, туку кон идеали - Држава е збир од институции, а секоја институција е многу повеќе од збирот на поединците што работат во нив. Можеби авторитарните личности на кои им е стра...Пред 5 години
-
РЕШЕРИЕТО И ЖРЛБРТР- Во прилог е решението Ñ Ð¾ кое Ñ Ðµ Ð¿Ñ€Ð¾Ð³Ð»Ð°Ñ ÑƒÐ²Ð°Ð¼ за виновна за Ñ Ñ‚Ð¾Ñ€ÐµÐ½ прекршок и мојата жа...Пред 5 години
-
-
-
Изјава за BBC - Додека странските дипломати навистина можат да извршат влијание врз домашните политичари, не смее да се заборават неколку работи: прво, дека тие се водат п...Пред 13 години
-
Музика со леден швепс и со лимон - Некои бендови се осудени да прават одлична поп-музика, но никогаш да не станат суперѕвезди. Сепак, тоа не значи дека не свират супермузика, дека немаат су...Пред 15 години
-
-
-
-
-
-
-
>> <<
Text
Archive
Етикети
- веронаука (1)
- демократија (1)
- Европска конвенција за човекови права (1)
- Закон за лустрација (1)
- лустрација (1)
- Македонија (1)
- човекови права (3)
Recent Post
Category
- веронаука (1)
- демократија (1)
- Европска конвенција за човекови права (1)
- Закон за лустрација (1)
- лустрација (1)
- Македонија (1)
- човекови права (3)
Архива на блогот
-
▼
2006
(466)
-
▼
февруари
(25)
- „Рамковна“ застапеност на „траваџии“
- Правен водич за „траваџии“
- Достоинствено, професоре - нема што!
- Сексуално образование
- Дали сме секуларна држава?
- Жива срамота!
- Што му фали на Уставот?
- Транспарентност
- Чуму ГЛБТ-права?
- Мара, Мара, не се дава!
- Чекајќи го 8-ми март!
- Непристојниот „предлог“ на Венко
- Пофалби за Претседателот!
- Зомбичиња и манкурти
- Честитка за „Свети Валентин“
- МКЦ
- Возот за Кочабамба!
- Критична маса
- Петиција до Претседателот на Република Македонија ...
- Хипокризија
- Кое право е појако?
- Сексизми
- Соочување со сегашноста
- Слобода и на говорот на омраза?
- Пироман - пеки, цртач - јок!
-
▼
февруари
(25)
Footer Widget 1
Footer Widget 3
Blogger Tricks
Blogger Themes
Catwidget4
Comments
topads
Footer Widget 2
Популарни објави
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
Популарни објави
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
Popular Posts this month
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...
Popular Posts this week
-
Еве, по осми пат имам прилика да учествувам на повеќепартиски парламентарни избори. На сите претходни избори имав дилеми дали да гласам и ...
-
Експертскиот извештај нарачан од ЕК отвора повеќе прашања од јавен интерес во врска со постојната криза во Република Македонија: Кои се п...
-
Демократијата изгуби на конкурс , вклучително и на конкурсот на Министерството за култура. Еве што изјавува еден од одлучувачите: „ Дали...
-
Со статијата ФИРОМ за НАТО , и „Вест“ се вклучува во про-грчката кампања во Македонија за популаризирање на грчката измислица „FYROM“ , нам...
-
Што е финтава? Демек, ако сакаме у НАТО, мора да си го смениме името: „Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ Нимиц посочува дека желб...
-
(Изјава на Васил Зафирчев во „Теа модерна“) Дека филмот е моќен медиум, покажа и Васил Зафирчев чиј филм за Рацин секојдневно предизвикува к...
-
Три години пред да дипломира се вработил како референт за извршување и правни работи во Јавно претпријатие. Во 2009 дипломирал и веднаш с...
-
Однапред се извинувам што повторно им одземам време на моите читатели со цитати од колумнистот Венко Андоновски, ама овојпат станува збор за...
-
Да се пофалам, си извадив чичка нов пасош. Вадењето нов документ за идентификација не би требало да остава никакви последици по личниот иден...
-
(До Коља and Co. Unlimited) Значи така, темите што ги мигрираше ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија...