Веќе се отвори и блог „дебата“ за Македонија – пред и по Букурешт.
На кајмакуваниот пост на Оги Синко се надоврза „потентниот мислител“ - Нервирањето и плашливоста на невладините ташаци.
Стигна и одговор на прашањето „Кој се плаши од дебата?“:
„Сега тука е интересен превратот што го направија некои сомнителни активисти, секако, по нарачка и за да им се додворат на своите господари. Слушам, тие што учествувале во дебатата биле предавници!? Е како тоа? Баш не ми е јасно. Мене ми се чини дека тие што бегаат од дебата се тоа. Имено, уредно беа поканети повеќе претставници на цела една структура, ама не дојдоа. Нивни проблем. Јас дојдов. И кажав мое мислење. (...)
Секој ангажиран поединец, патриот, има сериозна обврска да го стори тоа. Да не бега од дебата. Наместо тоа, се прогласуваат предавници и патриоти.“ (Патриоти и предавници)
7 коментари:
Еве, да ја отворам и/или поттикнам дебатата, ако можам... Јас бев една/еден од поканетите учесници на Форумот, кој не се појави. На организаторот љубезно му заблагодарив и се извинив со обврски на факултет, но сосема искрено - да сакав, ќе најдев начин да ги презакажам часовите и да дојдам. Што ме декуражираше воопшто и да се обидам да се појавам? Неколку работи: прво, листата на учесници се состоеше токму од оние исти ликови кои доминираа во јавниот и медиусмки дискурс изминатиот период, за кои знаев што ќе кажат уште пред да зинат; второ, составот на спикерите беше сосема индикативен, а ако на тоа се надоврзаат „тезите за расправа“ - не беше тешко да се предвиди какви аргументи ќе се изложат (значи, ми наликуваше на еден добро познат хор, на кој не сакав ни да му се приклучам, ни да му дадам доза на демократичност со моите поинакви ставови.). Трето, „правилата на дебатата“ ми покажаа дека за учесниците (50-тина се очекуваа) беа предвидени „цели“ две минути да кажат што мислат. Простете, но тоа е несериозно за воопшто и да се отвори разговор кој има амбиција да биде дебата!? Четврто, бидејќи ми е сосема јасно дека припаѓам на една минијатурна група која не е за НАТО, се чинеше дека треба да изигрувам „кловн„, „радикал“ и така да ја збогатам демократичноста на собирот. Сепак, отпосле со внимание го отслушав аудио-записот и тој само ми потврди дека ништо не сум пропуштила. Можеби само единствената слика на „луѓето за отстрел“ седнати заедно... Сепак, ми пречи за маченици да се претставуваат луѓе кои нималку не се наивни, кои сите изминати години биле на позиции (на кои можеле да одлучуваат и бараат решенија за спорот со името), кои „запалено“ одработуваат агенди видливи од Марс во „своите“ медиуми, за кои се водат судски спорови (со сиот респект за презумпцијата на невиност) и сл. Конечно, уморна сум од дебати во 12:05, со актери кои биле моќни и останале моќни. Јас ја имам само можноста да го кажам сопственото мислење, но на посуштински начин од она што ќе ми го дадеа 2-те минути на Форумот. Поздрав, Билјана Ванковска
Благодарам за коментарот.
Како прво, не стануваше збор за никакви „тези за расправа“, туку за дилеми во форма на отворени прашања како поттик за аргументирана расправа.
Второ, не стануваше збор за никакви „правила на дебата“, затоа што тоа не беше дебата во врска со стриктно определено прашање, туку трибина на која се разгледуваа комплекс прашања.
Велите: „бидејќи ми е сосема јасно дека припаѓам на една минијатурна група која не е за НАТО, се чинеше дека треба да изигрувам „кловн„, „радикал“ и така да ја збогатам демократичноста на собирот.“ За жал, веројатно слично размислуваа и други поканети анти-Нато активисти, па затоа и воопшто не се слушнаа никакви аргументи против НАТО. И каква врска има вашето (не)присуство со демократичноста?
Но, затоа, предвидениот тајминг од две минути (сосема доволно време за изложување на структуриран аргумент) има врска со демократичноста, се разбира, доколку сакате да чуете повеќе различни мислења.
Она што боде очи во вашиот коментар е обидот да ги дискредитирате сите присутни со ad hominem аргументи и со избрзани генерализации.
Во кратки црти, се обидувате со реторички средства да го наметнете вашиот авторитет на „демократ со поинакви ставови“, но без аргументи, туку со дискредитирање на говорниците кои ја прифатиле поканата.
На крај, со употребата на изразот „со сиот респект за презумпцијата на невиност“ всушност покажувате дека немате никаков респект кон принципот на пресумпција на невиност. Дали и како активист за човекови права одбивавте да седнете на иста маса со обвинети против кои се водеа судски спорови?
Велите, „уморна сум од дебати во 12.05“, но, и самиот ваш опсежен коментар покажува дека не сте уморна, туку жедна за дебата.
Најпосле, зошто самите не сте организирале дебата во „пет до 12“, ако сте знаеле дека е толку часот?
Ви благодарам за изразувањето на вашето мислење, но во иднина очекувам покритички ad rem пристап, а не проѕирни ad hominem дисквалификации кои ја промашуваат темата.
Да потсетам, клучното прашањето од постот беше: „Ќе се отвори ли конечно критичка и аргументирана блог дебата за иднината на Република Македонија?“
Значи, да се држиме за темата.
И честито нов блог, се надевам не е во 12.05 :)
Со оглед на одзивот, изгледа дека ние двајца ќе си дебатираме, но нејсе... Најнапред, мојот коментар се заснова не само на добрата информираност за ставовите на спикерите (кои буквално не бомбардираа во изминатиот период, односно го запоседнаа јавниот простор), туку и на внимателно преслушаната дебата на аудио-записот. Можеби „тезите за расправа“ не беа наречени тези, туку некои отворени прашања, но зарем не е вистина дека во (сугестивните) прашања имаше цитати најмногу од Груевски и Милошоски? Мене тоа ми изгледаше дека треба да дебатираме за ставовите на владата и тоа во време кога таа е техничка и не знаеме ни дали ќе остане на власт? Значи, не беа поставени објективно, ослободено од партиската сенка на „другиот“ (патриотскиот блок, претпоставувам). „Правила за дебата“ постоеја и нив ги добив експлицитно со поканата - тоа барем вие добро го знаете. Значи не говорам невистина. Трето, ниту едно име не споменав, а тоа што се препознатливи - не е моја вина! И конечно, зошто и да не бидам жедна за расправа, во една тивка држава, во која постои и цензура и автоцензура? Поздрав
Ваистина, во прашањата имаше цитати најмногу од Груевски и Милошоски кои како претставници на извршната власт даваа официјални изјави во јавноста.
Но, можна ли е критичка расправа без почитување на принципот „Question authority“?
И, каков е тој аргумент дека не треба јавно да се расправа за ставовите на владата, и тоа токму во моментите кога Собранието беше распуштено токму со намера да се оневозможи парламентарната дебата за нетранспарентните владини одлуки пред и по Букурешт?
И што сега - не смееме јавно да расправаме за тоа што ни се случи во Букурешт оти што и да кажеме ќе биде протолкувано како дел од предизборната кампања?
Мило ми е што сеуште има жедни за расправа - трибината беше организирана токму за жедните.
А што се однесува до блогерскиот одѕив, тука не важи дијалектичкиот „закон“ за премин од квантитет во квалитет.
Како што не важеше ни на трибината :)
Можам само да се сложам дека во еден круцијален момент, кога на целата јавност и беа нужни информации, политичарите занемеа, ги снема, се служеа со празни фрази - што остави неисполнет простор за шпекулации, лицитирања и мудрувања на новинари, експерти, интелектуалци, бивши министри и сл. Се сложувам и дека прашањето со името не е затворено и не смее да биде затворено (иако се плашам дека ќе биде злоупотребено во изборната кампања). Од друга страна, прашањето за НАТО е затворено, во смисла дека се прифати ТИНА принципот (There Is No Alternative) и дека ова општество ќе нема капацитет ни да размислува за евентуален референдум за прифаќање на поканата за НАТО. Тоа е за мене застрашувачки податок, и затоа не ме чуди што Хрватите во се се понапред од нас - барем собраа 200,000 потписи за иницијативата за референдум. И конечно имам етички проблем кога судбината на мојата земја (намерно не велам држава затоа што ми е доста од колективистички пароли) е врзана за влезот во една воена алијанса. Мислам дека ќе се сложиш дека на трибината, меѓу спикерите, ќе беше во најмала рака добар гест да се поканеше некој од анти-НАТО кампот (не мислам на себе, јас ионака бев/сум премногу експонирана), но тука беа и Најчевска и Цуцуловски, на пример.
Велиш - "И конечно имам етички проблем кога судбината на мојата земја ... е врзана за влезот во една воена алијанса."
Врската „нашата судбина - НАТО иднина“ беше воспоставена токму од страна на цитираните властодржци, кои беа првенствено фокусирани на НАТО реформите, а ги пренебрегнуваа ЕУ-реформите. Логично е да се постави прашањето за одговорноста на политичарите кои застапуваат контрадикторни принципи - ТИНА за НАТО, но ТИНА и за името, кога компромисот за името веќе стана услов за прием во НАТО.
Јас на пример, не сум сигурен дека после Букурешт Груевски ќе се држи до ТИНА принципот, ако воопшто и се држел некогаш до него (алтернативите може и да се непознати за обичните смртни граѓани). Но, тоа е веќе прашање за пофокусирана расправа.
Патем, од „анти-НАТО кампот“ беше поканет, ако не се лажам, и Ивица Антески, кој исто така не дојде на трибината.
Колку што се сеќавам, НАТО бил рефрен за сите властодршци во изминатите десетина години. Можеби едните говореле за судбина, ама другите зборуваа за јато (а интересно, низ устата на истиот човек :-) Сите до еден наметнаа лажна теза дека во ЕУ не се може без да се влезе во НАТО. Инаку, за актуелниве се сложувам само дека направија катастрофални потези (кои не ги врзувам само со НАТО/ЕУ) во смисла на враќање кон минатото, со целиот циркус со споменици, музеи, скуплтури, преименување на аеродроми, празници... Во една колумна од пред година дена напишав нешто слично за сите влади и нивната реторика: за едните имаме славна историја, за другите не чека сјајна иднина - ама никој не гледа во сегашноста, во реалните проблеми на ова општество. Јас тоа го нарекувам трансцендирање на реалноста! А за името, се сложувам: и јас би се обложила дека по изборите (ако победат) најмакедонциве глатко ќе прифатат алтернатива.
Објави коментар