„Досетливите луѓе читаат водичи за идиоти“ - тврди издавачката групација „Пингвин“, рекламирајќи ја својата популарна едиција „Водичи за идиоти“. Откако претставникот на ЕУ потврди дека „македонските граѓани не се глупави, тие се интелигентни“, некоја наша издавачка куќа час поскоро треба да објави „ЕУ - комплетен водич за идиоти“. Најверојатно, интелигентниот „Водич за идиоти“ нема да падне во рацете на нашите политичари, поради нивниот хроничен недостиг на проникливост и смисла за хумор. Затоа, решив да поработам на книга со наслов „ЕУ - комплетен водич за македонски политичари“! Којзнае, можеби нашите политичари ќе почнат да ги разбираат пораките од ЕУ ако им бидат упатени на јазик за нив поразбирлив. Така, наместо користење на неразбирливи термини како „аки“, „бенчмарк“, „супсидијарност“, одлучив да пишувам за „Десетте ЕУ-заповеди“. Оти, повеќето наши претставници во „храмот на демократијата“ претпочитаат поучување за „живот вечен“, наместо за вредностите на кои се темели ЕУ.
1. „Јас сум ЕУ, твојот врховен приоритет, да немаш никакви други политички приоритети освен мене“. Поглавје што се занимава со физичката, политичката и културната географија на ЕУ. Несомнено, нашите политичари се географски дезориентирани. Никако да сфатат дека граничиме со ЕУ на југ (Грција) и исток (Бугарија). Никако да сфатат дека на ЕУ-композицијата можеме географски да и' се приклучиме само преку грчкиот и бугарскиот вагон. Треба да им биде објаснето дека „Европа“ не е само шестата месечина на Јупитер, туку и божица од грчката митологија, според која е именувана ЕУ. Треба да им биде објаснето дека името „Европа“ метафорички се поврзува со зборовите „интелигентен“ или
„широкоумен“, а не со зборовите „тврдоглав“ и „малоумен“.
2. „Не почитувај ги лажните идоли, туку Копенхашките критериуми“. Да им влезе в глава на политичарите дека главна задача им е да градат демократски институции, а не цркви, музеи или споменици на Александар Велики, Скендербег, Крали Марко, Итар Пејо или Тарзан... Поклонувањето пред лажните идоли нема да не' приближи кон ЕУ, туку градењето систем во кој ќе владее правото, ќе се заштитуваат човековите права и во кој ќе функционира конкурентна пазарна економија без „патриотски“ фискални сметки.
3. „Не користи го напразно спорот за името со Грција“. Да научат политичарите дека ЕУ настанала како резултат на надминување на конфликтите и споровите меѓу најблиските соседи, и тоа по пат на преговори и меѓусебна соработка. Поентата на првичната заедница за јаглен и челик, според Роберт Шуман, била да се превенира идна војна помеѓу Франција и Германија. Оттаму, самото постоење на долгогодишен меѓународен спор помеѓу една земја кандидат за ЕУ и една земја членка на ЕУ е спротивно на духот и принципите врз кои е изградена Унијата.
4. „Работи на ЕУ-агендата шест дена во неделата, а седмиот ден не давај никакви националистички изјави“. Бездруго, следењето на ЕУ-агендата подразбира воздржување од какви и да е националистички или ксенофобични изјави. Идејата за унификација на Европа потекнува токму од насушната потреба за избегнување на екстремните форми на национализам, кои го разурнаа континентот во двете светски војни.
5. „Не убивај за време на избори, не кради гласови и не лажирај!“ Да се потсетат „свештениците“ од нашиот „храм на демократијата“ дека слободните и фер избори се нешто свето за ЕУ, многу посвето од рејтингот на политичарите. Идејата на „слободни и фер“ избори е неспоива со политички закани со насилство и политичка употреба на какво и да е насилство. На изборите се бројат гласовите на граѓаните, а не загинати и повредени граѓани, полнети и искршени гласачки кутии и број на испукани куршуми.
6. „Негувај ги политичкиот дијалог и консензус. Не врши бојкот на парламентот и политичка прељуба!“ Прво, политичарите треба да научат дека зборовите „политички“ и „дијалог“ се од грчко потекло и дека подразбираат заеднички разговор за општото добро. Второ, дека отфрлањето на дијалогот или бојкотирањето на парламентот и другите институции се симптоми на политичка незрелост. Трето, дека негувањето на духот на консензус и оставањето на тесно-партиските интереси настрана е предуслов за политички напредок кон ЕУ. Најпосле, и клучните одлуки на ЕУ, како што е одлуката за прием на нови членки, се донесуваат по пат на консензус.
7. „Не кради и не гази ги човековите права во борбата против крадците!“ Борбата против организираниот криминал и корупцијата не смее да биде оправдување за прекршување или ограничување на човековите права, кои се дел од копенхашките критериуми.
8. „Не сведочи лажно, особено не за напредокот кон ЕУ!“ Накусо, на лагата и' се кратки нозете, особено ако е кусо чергичето. Кога ЕУ тврди дека критериумите и стандардите не се исполнети, политичките тврдења дека сме изеле три-четвртини од питата бурек се обично јадење бурек.
9. „Не лакоми по историјата и не посакувај ја територијата на својот ближен!“ Кусата историја на ЕУ почнува од 1945 година наваму, со цел честите и крвави територијални војни помеѓу соседите да останат како дел од предисторијата. Ако сакаме да станеме дел од кусата историја на ЕУ, треба да ја оставиме зад нас долгата крвава предисторија.
10. „Љуби го ближниот сосед свој!“ ЕУ е резултат на макотрпна изградба на добрососедски односи, а не на политика на (екви)дистанцирање од соседите. Европската перспектива не се храни со поттикнување омраза, ниту со непријателска пропаганда кон кој и да е сосед. Накусо, ЕУ е симбол за надминување на меѓународната омраза и ривалство во Европа како основа за траен мир. Европската перспектива подразбира надминување на споровите со соседите врз основа на принципите и вредностите на ЕУ.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
6 коментари:
Браво Жаре!
Само искам да добавя, че това, което си написал се отнася и за БГ политиците
Жарко Траяноски, поздравления за чудесния текст, за някои неща важи и за България!
Фала за комплиментите. До читање, оти за гледање со вас уште ни требаат визи :)
Ти много добре си написал в поста, защо все още трябват визи...:(
Г-дине Трајановски Ви честитам на сите текстови објавени во „Дневник“! Ве охрабрувам да и понатаму ни ги давате тие порции на здрав разум и надеж дека во Република Македонија има критичка мисла.
Osobeno mi se dopagja 4 zapoved, bidejki vladata ni raboti ne 6 dena vo nedelata na "ispolnuvanjeto na kriteriumite na EU" tuku, neli, 7 dena, po 24 casa, i povtorno vekje dve godini sme na famoznite 75% odnosno tri cetvrtini od ispolnuvanjeto... Koga li ednas ke stigneme do 76%?
Објави коментар