Политички „пролетери“

4/08/2009

Најпосле, изборната пропаганда заврши. Да се надеваме дека следната пролет нема да бидеме повторно под пропагандна диктатура на нашиот политички „пролетеријат“. Честитки до Ѓорге Иванов, новиот „легитимен“ претседател на Република Македонија избран од дури 25,3 отсто од регистрираните гласачи. Честитки и до граѓаните на Република Македонија, кои за влакно се спасија од нова изборна агонија - благодарение на фантастичниот излез на гласачите од Росоман (85,05 отсто), Дојран (84,82 отсто), Лозово (82,17 отсто), Берово (81,56 отсто) и десетина други општини во кои одѕивот во вториот круг беше над 70 отсто. Уште еднаш честитки за победата на кандидатот „еден за сите“ кој доби „сенародна“ поддршка на мирните избори и во Желино (1,61 отсто), во Липково (2,97 отсто), во Осломеј (3,21отсто), како и во цели 27 општини во кои излезноста беше под цензусот од 40 отсто!

Откако политичките „пролетери“ Иванов и Фрчкоски добија максимални 40,07 отсто од важечките гласови, секако би било неумесно да се поставуваат прашања за легалноста и легитимноста на новиот претседател „еден за сите“. Тоа што на повеќе места граѓаните биле „советувани“ да гласаат и за локални и за претседателски избори (затоа што избирачките одбори барале да бидат потпишани и двата списока), сигурно не влијаело на одвај достигнатиот цензус од 42,61 отсто. Бездруго, на одѕивот на избирачите не влијаело ниту прекршувањето на изборниот молк од „фантомски невладини организации“, регистрирано од „Мост“. Навистина, каква врска со легалноста и легитимноста на новиот претседател имаат „традиционалното“ семејно и групно гласање, гласањето без употреба на УВ-ламба и безбоен спреј и неадекватната идентификација на гласачите? Каква врска имаат заканите и заплашувањата помеѓу двата изборни круга, регистрирани токму во некои од местата на кои имаше фантастичен одѕив над 80 отсто? Има ли смисла да се доведува под прашање легалноста и легитимноста на нашиот нов претседател (промовиран како „писмен“ човек), затоа што ненадејно се зголемил бројот на „неписмени“ гласачи во урбаните средини што морале да побараат помош од друг за да го остварат своето гласачко право?

Нема никаква потреба да се себезалажуваме. Се' додека не се дадат одговори во која мерка горенаведените проблеми влијаеле на одѕивот од 42,61отсто, ќе постојат и основи за сомневање не само во легитимноста, туку и во легалноста на избраниот претседател. Што се однесува до преодната меѓународна оценка за значителното подобрување на процесот на гласање, не треба да заборавиме дека напредокот беше оценуван во споредба со катастрофалните парламентарни избори од 2008. Во споредба со ланската „касапана“, заклучокот на Граѓанската асоцијација „Мост“ дека „граѓаните не беа во можност самостојно да одлучат за кого ќе го дадат својот глас“ изгледа прилично охрабрувачки.

Што ни покажаа последните избори? Изборите од 2009 недвосмислено покажаа дека не постои никаква реална основа за бетонирање на лажната дилема „или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“! Ако изборното тело на Република Македонија го симплифицираме на 20 гласачи, изборните резултати ни укажуваат дека само 5 од нив гласале за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а 3 од нив за кандидатот на СДСМ. Ако 12 од 20 гласачи не гласале ниту за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ниту за кандидатот на СДСМ, тогаш со кое право двете „стожерни“ партии продолжуваат да наметнуваат атмосфера „или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“? Изборните резултати недвосмислено покажуваат дека двете најголеми политички партии немаат веќе моќ да го мобилизираат мнозинството од гласачкото тело и дека реално растат можностите за појавување на трета или на четврта политичка опција.

Изборите од 2009 недвосмислено покажаа дека тешко може да се зборува за демократска зрелост без аргументирана критичка дебата, без елементарна политичка култура, без демократски дијалог помеѓу претендентите за претседателската функција. Кој е виновен што повторно немавме форматирана критичка дебата на последниот ден од претседателската кампања на најгледаната македонска телевизија? По карикатурата од „ТВ-дуели“ на овие избори, неопходно е да се пристапи кон идните претседателски дебати на многу посериозен начин. Неопходно е тие да бидат спонзорирани и продуцирани од некоја независна институција. Можеби не е лошо да се побара помош и од Комисијата за претседателски дебати во САД, која нуди техничка помош на новите демократии. Оваа комисија ги спонзорираше и продуцираше јавните дебати на претседателските и потпретседателските кандидати на САД. Минатата година дебатите беа одржани на неколку универзитети, со однапред познати правила на игра прифатени од кандидатите. Прашањата за дебатата никој не ги знае однапред, освен модераторот. Кога веќе самите не знаеме да си организираме пристојна дебата, можеби е поарно да побараме помош од други.

Најпосле, неизвесноста и сомнежите околу исполнетиот цензус се недвосмислен показател дека без ажуриран избирачки список тешко може да се зборува за демократски спроведени избори. Снижениот цензус од 40 отсто за претседател беше постигнат благодарение и на значително зголемениот број неважечки гласови (45,513) во споредба со претходните претседателски избори (29,793). Несомнено, извесен дел од тие гласови му припаѓаат и на Чак Норис, кој ненајавено се вклучи како трет претседателски кандидат со симпатичната кампања „Чак за Македонија“. Следствено, Ѓорге Иванов не треба да му заблагодарува само на својот колега Љубомир Фрчкоски за постигнатиот цензус и победа, туку треба јавно да му се заблагодари и на Чак Норис кој мотивираше дел од избирачите да излезат на гласање. Ако Ниче е во право дека Бог е мртов, тогаш - само Чак Норис може да и' биде на помош на Македонија!

4 коментари:

Анонимен рече...

Жарко, ти благодарам на одговорот на моето прашање (пред 2-3 теми), но би те запрашал нешто додатно во врска со твоите одговор. Имено, зошто ние мораме да одлучуваме за нашето именување, зашто не важи за нас истото правило што важи и на пример за Германија (сите се германци), Италија (сите се италијани), Франција (сите се французи) итн. Тоа се се по ред демократии, не етнократии (барем колку што знам јас). Граѓаните на Франција се французи а не „граѓани на република Франција“, така? Зошто тоа да не важи и за нас? Не гледам зошто треба да се компликува една ваква сосема едноставна тема која државите со многу подолга демократска историја ги апсолвирале уште многу одамна.

Анонимен рече...

Е ајде де, камо реакција? :)

Unknown рече...

„Зошто тоа да не важи и за нас?“
Е, зошто де?
Мојот одговор е - поради тиранијата на исклучиви етнички идентитети, кои се користат како доминантно средство за политичка мобилизација.
Кај нас не се гради инклузивна политичка заедница и инклузивен национален над-етнички идентитет.

Анонимен рече...

Баш би сакал да знам како би изреагирал некој германец ако му кажеш дека он всушност не е етнички германец туку над-етнички германец :) Исто и за останатите.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week