Кој е најлошиот кошмар за родителите? Шегаџиите велат, најлошиот кошмар е да го пронајдат следново писмо во детската соба на нивната ќерка: „Драги мамо и тато, жал ми е што морам да ви соопштам дека пред малку киднав со мојот нов истетовиран дечко на неговиот супербрз мотор. Кога му кажав дека сум трудна воодушевено ме покани да живееме во неговата дрвена куќичка покрај шумата каде што на раат ќе можеме да си ги одгледуваме дечињата, а и некои интересни тревки што се прекрасни за пушење. Не грижете се за пари, мојот иден маж вети дека добро ќе заработувам глумејќи во филмовите што тој и неговите другари ги снимаат во подрумот. Ќе заработувам минимум 50 евра од сцена, и плус 50 евра бонус ако има повеќе од тројца актери во сцената. Немојте ич да берете гајле, сега имам 15 години и знам како да се грижам за себе“.
Најлошиот кошмар за еден мачо-љубовник, тврдат шегаџиите, е кога неговата љубовница ќе му соопшти дека портретот на маж во нејзината спална соба не бил на нејзиниот сопруг, туку лично нејзин портрет - пред да си го промени полот. А кој е најлошиот кошмар за еден колумнист? Најлошиот кошмар го имав ноќеска. Сонував дека сум русокоса новинарка среде интервју со нашиот нов претседател. Дозволете ми да поделам со вас дел од кошмарот.
„Господине претседател, што станува со преродбата?“, го поставив првото прашање малку подисплашено, местејќи си ја мини-сукњата.Претседателот арогантно миодговори небаре сум студентка на испит по преродбеничка политика: „Преродбата е преродба. Не можам да ви објаснувам, сфатете ја. Веројатно како новинарка треба да знаете за што станува збор во „Преродбата од 100 чекори“. Јас не можам да ви објаснувам сега“.А што станува со борбата за уставното име? - се обидов нежно да ја сменам темата. Претседателот не се збуни, туку професорски ми одржа уште една лекција: „Борбата за уставното име е борба за уставното име. Ве молам проучете ја малку борбата што ја водиме со Република Грција и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањето“.
А што станува со „кичмата“, господине претседател? Дури тогаш претседателот самоуверено се насмевна и џентлменски ми одговори: „Кичмата си е кичма. За кичмата, космодиск му е мајката. За да користиш космодиск треба да имаш кичма, а сами признаа дека немаат кичма, мора да ја свиткаме кичмата. На некого може шашаво му изгледа, но функционира.“Дали „космодискот“ ни е потребен за полесно да ја свиткаме кичмата господине претседател? Е, тука претседателот се зацрвене и ми плесна в лице: „Јас не можам да ви објаснувам сега. Видете, не збориме за виткање на ‘кичмата’. Ве молам проучете го упатството за користење космодиск и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањето“.
Како експерт за цивилно општество, што ќе кажете за насилниците на скопскиот плоштад? „Ги осудија сите, и јас ги осудувам, такво нешто не е дозволиво во Македонија. Сега сме во еден заглавен лифт, блокирани сме. Тука е сега големата опасност, бидејќи сами знаете кога ќе заглавите во лифт во даден момент почнува ксенофобија, почнува страв и почнува меѓусебно пресметување.“
Се спомнуваа дури и некакви „крвави лопати“... „Веројатно како новинарка треба да знаете за што станува збор. Да потсетам што кажав во Могила: Тие што зло мислат, зло прават - наш народ вели - зло ги снаоѓа. Кога тогаш. Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи.“А како е можно, господине претседател, група униформирани „полицајци“ од Косово да ограбат банка во центарот на Скопје сред бел ден и никој да не ги уапси?
„Видете, тука беше на сцена глобализмот, кој ја наметнува стратегијата на моќта на парите. Уште еднаш е пробиен Коридорот 8 од криминалните структури, кои по смирувањето на состојбите во Србија и Косово се префрлаат во Македонија. Тука минуваат правците за трговија со дрога, бели робје, оружје и 100 милијарди марки валкан капитал.“Да се вратиме на домашни теми. Како е можно вашиот противкандидат, кого го нарековте „буреконосач“, да освои баш толку гласови на изборите колку што е потребно за да се достигне цензусот? „Па, видете. Ги замолив сите мои студенти да му помогнат, бидејќи човекот е сепак поранешен политичар, и на што ќе личеше тоа да не собере барем 250 илјади гласа, да го исмејуваат.“
Господине претседател, а како ќе ви помогне вашето досегашно политичко искуство на идната средба со Папулјас? „Па, видете, искуството е искуство. Прашајте ги моите комшии, тие ќе ви кажат дека уште како ерген ги поправав музичките инструменти на нашата група ‘Апсаздан’. Со оваа група дури и запеав во селото Пирава, каде што го имав првиот концерт.“
Каква врска има сега ова со проблемот со името и трендот на антиквизација?
„Антиквизацијата е антиквизација. Таа е за луѓето што пијат ‘антика’ во кафеана. Дедо ми, Бог да го прости, велеше луѓето кога ќе се напијат, песни пеат. А наш народ вели: Кој пее зло не мисли.“
Извинете, нешто слабо ве разбирам. Дали е ова дел од вашата стратегија за постигнување брзо решение за проблемот со името?
„Проблемот со името е проблем со името. Мислете на добро и правете добри дела. Кога мисли човек на добро и добро му доаѓа. Така и граѓаните треба да мислат дека ќе дојде решението. Кога тогаш. Ако не сега, до седмо колено.“
Ете, за среќа, токму тогаш ме стегна коленото и се разбудив од кошмарот.
П.С. Шегата со најлошиот кошмар за родителите е измислена приказна. На крајот од писмото, ќерката го напишала следниов П.С.: „Тато, ништо не е вистина, јас сум кај соседите. Сакав само да ви укажам дека има многу полоши работи во животот од мало гребење на колата. Извини што ти ја изгребав“.И мојот најлош кошмар е измислена приказна. Затоа, немојте ич да берете гајле. Сега Македонија има 18 години и знае како да се грижи за себе.
Чипирање - чипиани идиоти ...
-
Пеоцесот на чипирање е одамна започнат. На чипирање сме осудени кога вадиме
било кој личен документ кој мора да го носиме со себе - лична карта, пасош,
к...
Пред 3 години
4 коментари:
Генијално :)
И во контекст на темава, новиот предлог за кој има интерес и од двете страни :P
http://mojon.blog.com.mk/node/222705
Жаре, ако речам мастерпис, ќе претерам, бидејќи од тебе се очекува ова што гом прочитав. Ама, стварно многу добро. Честитам!
Zare, kako sto rekov, apsolutno roman~icno i genijalno
„Разумен компромис“ е плеоназам на Црвенковски.
„Разумен компромис е разумен компромис“ е тавтологија од плеоназам на Иванов.
Идниот претседател требаше да одговори: Прашајте го сегашниот претседател што подразбира под разумен компромис, бидејќи тоа го презедовме од него.
Или требаше да ги повтори неговите зборови: да се гарантира дека името на македонскиот народ е македонски, јазикот е македонски и името на државата е Македонија.
Геро, ако сега се обидеме да организираме фронт за одбрана на уставното име, пак ќе бидеме прогласени за предавници :)
Објави коментар