Клупите во Вардар

6/01/2007

Еве колку се грижиме за Вардар, за клупите, за екологијата:

И после се прашуваме: Зошто странските туристи доаѓаат само еднаш?

Повторно нападнати од Косово?

5/31/2007

„Сега се наоѓаме во една голема игра. Сите можности се отворени.“
(Бодријар, преземено од постот
Бодријар - привидот на еден симулакрум)

На "Александар Велики": Волците и Тигрите разбија терористичка група.

А неколку километри потака, и неколку дена претходно:

Во Танушевци специјалците влетале во заседа на командант Хоџа.

Што е реалност, а што симулакрум?

Ако е вистина дека „Полицајците успеале да се повлечат непосредно пред да стигне засилувањето на криминалната група од соседното село Дебалде во Косово“, тогаш ние сме повторно во војна со Косово.

Само што овојпат, симулираме борба против „терористи“, а реално се пушкараме со „криминални групи“.

Државата пасивно го „попуши“ од тутунската мафија?

Пред некој ден, купував нешто во една трафика во центарот на Скопје. Бев сведок како една млада и симпатична девојка го убедуваше недоверливиот сопственик дека ич не е забрането да се ставаат светлечки реклами на цигари. Упаднав во разговорот, и го предупредив сопственикот дека според законот е забрането не само рекламирањето со паноа, табли, и светлечки реклами, туку и индиректното рекламирање на цигари.

Тогаш добив неочекуван одговор, од кој сфатив дека најверојатно доаѓа од рекламна агентка за цигари – „Дури и ако ние ја платиме казната?“

Според законот, казните воопшто не се ниски, и се движат од 100.000 до 250.000 денари за претпријатија, или од 20.000 до 45.000 за правни лица.

Е, сега, прашање е колку се спроведува законот, затоа што видливо е дека налепници за рекламирање на цигари и рекламни паноа има насекаде низ градот.

Ако им проаѓа таа финта на рекламните агенти, и ако тие стварно се подготвени да рекламираат и по цена да ги плаќаат високите казни, тогаш станува збор или за софистицирано изигрување на законот или пак за пасивно „попушување“ на државата. Корупцијата не ја исклучувам како можност.

Предлог акции по повод Светски ден на непушење:

- Пријави ги до државната пазаришна инспекција сите трафики на кои има налепници за цигари и реклами. (телефон 3220547) ;

- Пријавување на сите таксисти кои пушат во своите возила.

- Рушење со динамит на огромните реклами закачени на Тутунскиот комбинат – Скопје, со оглед на тоа што се видливи од јавно место.

Нудистичка или порно плажа?

Неверојатна злоупотреба на идејата за Нудистички плажи во Македонија:

„Плажата веќе ја крстивме 'Валијант бич'. На отворањето музика ќе пушта унгарската порно актерка Ники Белучи која од пред неколку години стана и позната диџејка, а гостите ќе ги загрева и атрактивната Вилма Вилок од Скопје", вели Горан Милиќ.
Тој најавува и богата летна програма со познати порно глумици кои секоја недела ќе доаѓаат со туристички тури во Охрид.“ (Нудистичка плажа на Градиште)

Каква врска има нудизмот со порно индустријата?

„Нудизмот не е порнографија“, е едно од основните начела на натуризмот.

Бил ли Македонецот – словен Ченто, марксист и атеист?

5/30/2007


Во својата автобиографија, Ченто раскажува како дошол во судир со црквата во однос на правото да живееш во невенчан брак:

„Летото 1929 година, кога бев во посета кај мојата свршеница Василка, кај поп Атанас дојде еден помлад поп Јован Грдановиќ, кој во разговорот ми префрли дека се занимавам со политика и тоа со погрешна марксистичка политика, која ја негира црквата...“
„Извесно време пред тоа читав дека во Војводина се склучува и граѓански брак пред општински матичар, а не во црква. Затоа на попот му реков дека луѓето можат да живеат во брак и без да бидат венчани во црква од попови, кои што проповедаат еднаквост, а најмалку прават неа да ја има, проповедаат да не се греши, а први грешат... Кога ми се закани дека ќе размислат дали да ме венчаат, му одговорив да не размислуваат, оти решив да склучам граѓански брак, а не да се венчавам во црква.“ (Ченто, Зборник на документи, стр. 498-499)

И така, Ченто склучил граѓански брак (со внука од поп!) во Нови Сад на 25 март 1930 год., ама веднаш бил казнет (заедно со жена му) од страна на полицијата со 20 дена затвор поради вонбрачен живот.

Ченто повел судски спор, и откако го добил (поради ненадлежност на полицијата), црквата продолжила да го прогонува и анатемисува. Цели 6 години му биле потребни на Ченто за да им докаже на судовите и на црквата дека неговиот брак бил полноважен.

Покрај неговиот отпор кон црквата, Ченто е познат и по својот отпор кон бугаризирањето и де-словенизирањето на Македонците. Еве што пишува за неговата посета на Софија во 1935 со соколското друштво:

„Бевме многу срдечно пречекани и уверувани дека ние сме Бугари. За тоа кусо време се уверив дека како што се разликуваме од Србите, така се разликуваме и од Бугарите и дека сме нешто посебно – Македонци, и тоа Македонци – Славјани. Пред тоа, честопати некој не поврзуваше како потомци на Александар Македонски, што е разбирливо, затоа што немаше историја напишана објективно, а вистината повеќе се прераскажуваше и притоа се правеа грешки. Верувајќи и неверувајќи на такви прераскажувања, во 1934 година, отидов во Грција – Солун и Атина и наполно се уверив дека нашите прадедовци немаат никаква врска со Александар Македонски.“

Еден ден пред да стапи во црковен брак, побожниот Груевски отиде да положи цвеќе на споменикот на Ченто и истиот ден ја величаше Македонија како библиска земја. За време на неговото „владеење“, скопскиот аеродром беше прво преименуван во „Александар Македонски“, па во „Александар Велики“, а се најавува и изградба на огромен споменик на Ацета среде плоштадот во Скопје.

Зошто имам впечаток дека Ченто се превртува во гроб?

Бил ли Ченто некогаш комунист?

Во коментарот на мојот пост „Водици во Скопје“, во кој поентирав со прашањето „Кој тоа не лажеше дека комунистите биле неверници?“, еден анонимен коментатор ми укажа „Ченто не бил комунист“.

Тогаш малку гуглав, па наидов на еден текст од Илија А. Ченто, во кој реагира на поднасловот „Без разлика колку го сакал или мразел комунистичкиот режим, секој Македонец треба да знае дека македонската држава ја создале комунисти“. Синот на Ченто смета дека „Насловот на тој напис е голема навреда за личноста и делото на Методија Андонов-Ченто“ и укажува: „Догмата дека македонската држава ја создадоа само комунистите е и причина и повод некои отстрана и некои сожители да тврдат дека македонски народ не постои и дека е вештачка творба на југословенските комунисти.“

Ваквиот пристап тогаш ми го зацврсти впечатокот дека Ченто не бил комунист.

И во зборникот „Ченто“ на Архивот на Македонија се тврди истото:

„Методија Андонов – Ченто никогаш не припаѓал на комунистичката опција, иако секогаш ги симпатизирал и ги помагал напредните и револуционерни идеи во борбата за самостојна и независна Македонија. Но, токму од новата државна власт и од органите на партијата, тој ќе доживее најголем удар и ќе се најде во немилост само заради тоа што ги штитеше македонските национални интереси.“ (стр. 9).

Меѓутоа, пред некое време наидов на книгата од Крсте Црвенковски и Славко Милосавлески „Нашиот поглед за времето на Колишевски“ во која се тврди дека Ченто како член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ сепак бил примен во КПМ!

Оценката на овие комунисти е дека „неговиот приод кон низа практични прашања се покажува повеќе како либерално-граѓански отколку како ортодоксно-комунистички...“ (стр. 76).

Кому да веруваме сега?

Не сме окупатори во Ирак под команда на НАТО!

И Груевски манипулира на тема Ирак – НАТО. И оваа Влада продолжува со окупаторската политика одговорна за стотици илјади животи во Ирак:

„Денес македонските војници заедно со војниците од другите земји учествуваат во мисиите во Авганистан и Ирак во заедничката борба на Алијансата против глобалните безбедносни закани и во зачувување на светскиот мир и безбедност.“ (Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Никола Груевски, на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Португалија ...)

Ужас невиден. Против кои „ глобалните безбедносни закани“, и за каков „светски мир и безбедност“, кога политиката на САД е “We don’t do body counts” (освен на нивните „херои“, разбира се).

Да се знае - македонските војници во Ирак не се дел од никакви трупи по барање на НАТО, туку „ по барање на Владата на Соединетите Американски Држави и врз основа на ратификуваните СОФА договори на Република Македонија со Кувајт и Катар“ (Предлог-одлука за испраќање на единици на АРМ за учество во мировната мисија во Ирак)

Уште еднаш повторувам, македонските војници не се во состав на НАТО, туку „во состав на американскиот контингент во мисијата “Слобода за Ирак” “, и тоа како „полу-платеници“: „Трошоците за транспорт, сместување, исхрана и итна медицинска помош за учесниците во мировната операција ги обезбедува САД, а останатиот дел од трошоците ги обезбедува Република Македонија. “

На овие манипулации укажав и во постовите Министер за напад?, Соучесници во злосторот и во Светската брука.

Бранко „коцкица“?

5/29/2007

Демек, еве што ги интересирало децата за институциите на државата:

“Која ви беше првата училишна љубов, како се викаше вашиот најдобар другар во основно, кои детски игри најмногу ги игравте, како и беше името на вашата учителка…”- ова беа дел од прашањата што љубопитните првооделенци од О.У.”11 октомври” од Скопје денеска му ги поставија на Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски. (Во рамките на наставната програма каде што децата учат за институциите на државата, учениците од ОУ “11 Октомври” од Скопје го посетија и Претседателот Бранко Црвенковски)

Убаво си знаат децата кои теми се најрелевантни за „државникот“.

А каде се одговорите г-не Претседателе? Или, и за децата важи дека некои прашања не заслужуваат одговор?

И од самите прашања, а и од режираната фотографија, очигледно е дека првооделенците се искористени за подигање на лошиот имиџ на претседателот.

Но, ако толку добро му оди на Бане со децата, зошто тогаш не даде оставка од државната функција и не ја воскресне емисијата „Бранко коцкица“?

И така во царството на Бранко (додека тој беше премиер), царуваше само другарство, куќите беа од чоколадо, прозорите од мармалад, и секој си го работеше она што го сакаше.

Владата не (дез)информира

„Владата на Република Македонија на минатата седница ги утврди измените и дополнувањата на Законот за кривична постапка и на Кривичниот законик.“ (Утврдени измените на Законот за кривична постапка и на Кривичниот законик ...)

Драга наша владичке,

Во нашиот устав пишува дека Собранието „донесува закони и дава автентично толкување на законите“, а дека Владата има „право да предлага донесување на закон“. Предлагач може да биде и секој пратеник, како и најмалку 10.000 избирачи.

Исто така, во нашиот устав убаво си пишува дека поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Затоа убаво ве молиме, друг пат да не ги дезинформирате граѓаните дека се Утврдени измените на Законот за кривична постапка и на Кривичниот законик ..., затоа што донесувањето на законите не е во ваша надлежност, туку во надлежност на Собранието.

Од вашата информација се добива впечаток дека Владата не е обичен предлагач, туку фактор што ги „утврдува“ измените на законите. Од вашата информација се добива впечаток дека не функционира поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

„Тешкото“ на Македонија – со вакви политичари

5/28/2007

Уште лани на 12 јули, веднаш по изборите, предупредив за Криза на легитимитетот, а еве што укажав на 18 август во постот Многу сум скептичен: „Ако составот на новата влада биде изгласан од Собранието наредната седмица, во владата ќе седат министри/министерки кои не добиле доверба од мнозинството излезени гласачи! Имено, новите министри/министерки ќе имаат доверба само од 47,19% од граѓан(к)ите кои излегоа да гласаат (31,24% - ВМРО-ДПМНЕ итн., 7,21% - ДПА, 5,81% - НСДП, 1,78% -ДОМ, 1,15% - ПЕИ).“ Затоа порачав неколку месеци подоцна, Инвестирајте во стабилност, уште пред да се случи Оли Рен-де не направи!

Но, Груевски си беше тврдоглав, и затоа сеуште важат овие согледби (од 11 февруари!), во постот „Монолог ил рецитацију“, танго или „тешкото“?:

„Наместо широк политички консензус, и мобилизација на целокупниот кадровски потенцијал (ЕУ-интеграцијата претпоставува знаење, а не ароганција), Груевски прво не ги послуша добронамерните совети за широка владина коалиција (со ДПА+ДУИ/ПДП) како претпоставка за политичка стабилност во пресрет на разрешувањето на косовското прашање.

Потоа го прекина дијалогот со институцијата Претседател на Републиката (со бојкотот на неговиот говор во Собранието, непризнавањето на резултатите од претседателските избори, и дубиозните иницијативи за уставни измени). Една од колатералните штети се непотполнетите амбасадорски места, клучни за неопходната дипломатска офанзива.

Со упадот во институцијата „Комитет за односи меѓу заедниците“ и со дерогирањето на „Бадентеровото мнозинство“, Владата предизвика бојкот на Собранието од страна на политичката партија која освои многу повеќе гласови од владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата честопати наметнуваше теми кои немаат никаква врска со ЕУ-интеграцијата, а кои предизвикуваа раскол во парламентот и јавноста - законот за празниците, воведувањето веронаука, Милениумскиот крст... Така ли се гради консензус? (...)

Не велам дека немаше и добри потези, за кои пишував и на овој блог.

Но, ако „за танго се потребни двајца“, за играње оро се потребни многу повеќе од двајца.“

Е дури сега Груевски почнува да игра оро, според пораката до македонската влада од Оли Рен, за отпочнување дијалог со сите политички партии.

Ако добро сум разбрал, Ахмети веќе порача дека не се враќал „дома“, ако пак го натераат да го напушти парламентот, што беше проследено со бурни аплаузи од „ОНА-нистите“.

Можда навистина Ахмети си има проблем со поимот „дома“ (како што проникливо забележа една блогерка), ама неговиот проблем може да ни ги уништи шансите за преселба во нашето посакувано „дома“ – НАТО и ЕУ.

Токму затоа, сега кога сме во „цајтнот“, проблемот на Али е и наш проблем, заедно со имплицитните закани за нов „конфликт“, на кои (за жал) се навикнавме како на дел од нашата политичка култура. Колку побргу Груевски ќе сфати дека е и негов проблем, толку побргу и самиот ќе престане да биде дел од клучниот политички проблем – недостатокот од консензус околу приоритетните прашања, без кој е практично невозможно продолжување на неопходните реформски процеси во Македонија.

Е сега, орото да ти било „тешкото“, а тоа на „новокомпонирани“ свадби не се свири.

Но, што е поарно - „зурли диво да писнат“ или пак „зољи“ да грмнат „со подземен екот...“?

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week