Илинденска прослава: комитите пристигнаа в Крушево

7/31/2007

После четири дена јавање на коњ, упорните Скопјани се искачија на Крушево.

Немаше само комити, туку и комитки.

Беа пречекани со сите адети.

Во Крушево веќе неколку дена трае манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.

„Време“ го дискриминира Бојан 13

7/29/2007

Еве зошто ни треба Закон за антидискриминација - „Издало ме министарство, ал још водим рат“, Александар Дамовски:
„Долга руса коса, црно деколте, кратки панталончиња. И месо, и фалти, и грдо, и невкусно, и турбофолк. И безобразно, и замрсени гради, и дебели бутови, и одвратна шминка, и испотено сало. Тоа е Бојан. Такви како него секогаш имало и ќе има, чисто како репер за изопаченост и чисто за да имаме со што да се споредиме ние, неизопачените, кога ќе сакаме да си потврдиме дека сме неизопачени. Тој не е крив што е таков. Мајка природа. Против неа не се може. Бојановци и слични на него креатури имало и ќе има. Тоа никогаш не било проблем никаде.“
(Време, број 1137, 28.07.2007)
И Александар Дамовски ли не е крив што е ваков дискриминатор?
Чул ли уредникот на „Време“ за правото да се биде различен? Кој закон го прекршува Бојан со тоа што така се облекува и што негува свој животен стил?
Од каде му право да го навредува Бојан нарекувајќи го „репер за изопаченост“ и тип со „полови фрустрации“?
Дамовски вели дека го пишува текстот за „...да се заштитиме. Да се заштити младината. Да се заштити добриот вкус. Да се заштитиме од загадувањето.“
А како ќе се заштитиме од дискриминацијата? Дали и дискриминацијата е дел од „добриот вкус“?
Не е ли токму дискриминацијата најголемо загадување и најголема опасност за младите?

„Прле пред магаре“

7/28/2007

Или, можеби поарно „прво скокни, па речи „оп““:
„На Охридското крајбрежје за 2,5 години ќе биде изграден хотел од светски познатиот ланец „Хилтон“ инвестиција вредна 25 милиони евра, објави денеска на прес-конференција премиерот Никола Груевски.“ (информација на Владата на 01.06.2007)
„Никогаш не беше предвидено Хилтон да го гради хотелот.“ - дава изјава пишман-инвеститорот.
„...нашата групација нема дадено никакви најави поврзани со изградба на хотел на Охридското Езеро во Македонија“ - вели претставникот на „Хилтон“.
Кому сега да веруваме?
Наградно прашање: Кој тука лаже - премиерот, пишман-инвеститорот или „Хилтон“?

Пајакот му го дигна џипот на Трифун!

7/27/2007

Шала мала :)

Вечерва решив да ги посетам изложбите во Музејот на град Скопје.

Во едната галерија нешто говореше Трифун, па чисто од ментално-еколошки разлози решив веднаш да ја напуштам.

Во другата галерија сретнав еден колега-блогер, кој ми рече дека му било жал што не носел апарат со себе, за да го сликне џипот со кој пристигнал Трифун, паркиран токму на тротоарот пред Музејот.

Ех, Трифуне, Трифуне... Се паркира ли џип на тротоар?

Или сообраќајните закони важат само за „обичните“ граѓани?

Еве, уште се обидувам да си замислам како доаѓа пајакот, и како го подигнува погрешно паркирниот џип кој го попречува приодот на граѓаните во музејот.

Се трудам, се трудам, ама нешто не ми иде...

Ако Градоначалникот не ги почитува правилата за паркирање, со која уста ќе апелира утре до граѓаните да не ги користат тротоарите за паркирање, туку паркинзите?

Скопје го преживеа катастрофалниот земјотрес во 1963 год. Сеуште е неизвесно дали ќе го преживее катастрофалното владеење на Трифун Костовски.

ЈСП - Шлајм на Скопје!

Понекогаш, фотографијата навистина вреди повеќе од 1000 збoрови.
Денеска се возев во „еколошкиов“ автобус на ЈСП. Платив 35 денари.
До кога бе ќе се возиме во вакви крнтии?
За ова некој треба да одговара.

Еротски филмски маратон

7/26/2007

Има ли поинспиративна предигра од гледањето на еротски филм со некој/а кој умее да ја стимулира вашата сексуална имагинација? Летните одмори се измислени за уживање во култните еротски филмови.

Порција еротска класика
Не е е лошо да го започнете еротскиот маратон со некои порелаксирачки филмски класици. За љубителите на филмски „дијаманти“ чиј блесок никогаш не згаснува идеален избор е „Некои тоа го сакаат жешко“ (1959). Перформансите на Мерилин Монро се одлични за будење на воајерскиот апетит. Воајерската глад е ненаситна, а некои жешки сцени од „Blow-Up“ (1966) на Антониони може да „легнат“ како одлично предјадење.
За заситување на воајерската глад предлагам француска порција. Пред да започнете со „Последното танго во Париз“ (1972) не е лошо да го извадите путерот од фрижидерот. После толку сексуално зачинети сцени никогаш не се знае кога може да ви се најде.
За десерт предлагам јапонска егзотична храна. Оние кои сакаат да експериментираат со еротски вкусови можат да зачекорат „Во царството на сетилата“ (1976). Само, внимавајте - во „царството“ на опседнатиот сексуален пар воопшто не царува другарство.

Порција: еротски бисери на осумдесеттите
Изборот на соодветна храна, како и изборот на еротска филмска дива на осумдесеттите, воопшто не е лесен. Како апетисан го препорачувам воајерскиот класик „Секс лаги и видео ленти“ (1989), со заводливата Енди Мекдауел во улога на сексуална хуманитарка. Алтернатива: „Поштарот секогаш ѕвони два пати“ (1981). Пред да ја гледате секс-сцена со Џек Николсон и Џесика Ланг не е лошо убаво да ја исчистите кујнската маса.
Кога надворешната и телесната температура ќе се изедначат на 37.2 степени, тогаш „Бети Блу“ (1986) е вистински погодок. Покрај одличниот саундтрак, ќе уживате и во ненаметливите егзибиционистички таленти на Беатрис Дал. Обично, формулата за еротски хит е мошне едноставна. Гладта на филмските воајери може да се засити само со жешки егзибиционистички сцени.
Главно јадење: сексуалното експериментирање со егзотично овошје во „9 и пол недели“ (1986). Со оглед на тоа што облините и умешноста на Ким Бесинџер и Мики Рурки лесно можат да го разбудат сексуалниот апетит, не е лошо претходно да го наполните фрижидерот со разновидно овошје.
Десерт: садо-мазохистичките сцени со Изабела Роселини во „Син Сомот“ (1986). На некои им делуваат како афродизијак, на некои како сладолед.

Еротска храна од деведесеттите
Поради богатата еротска понуда, препорачуваме две порции.
Порција „1992“: Апетисан за поборниците на слоганот „За љубовта нема граници“ - „Оштетени“ со Жилиет Бинож.. Предјадење за љубителите на предаторската сексуалност - „Основен инстинкт“ со неповторливата Шерон Стоун. Главно јадење за љубителите на кинеска храна - „Љубовникот“ на Жан Жак Ано. Десерт - сексперименталните сцени во „Горчлива месечина“ од Роман Полански.
Порција „егзотика-еротика“: Апетисан за љубителите на еротското сликарство – сцените со секс на отворено и секс „на слепо“ во Сирени (1994). Предјадење за љубителите на медитеранска храна – страстните сцени со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем во „Шунка, шунка“ (1993). Главно јадење за посетителите на еротски локали: танцувачките сцени од „Егзотика“ (1994) на Атом Егојан. Десерт по избор за љубителите на перверзии: сцените со секс во автомобил од
„Судар“ (1996) на Кроненберг или сцените со врзување од „Романса“ (1999) на Кетрин Бреје. Ако пак еден сака порно, а друг еротика тогаш идеален избор е „Ноќи исполнети со буги“ (1997) во кој Џулијана Мур брилјира во улога на порно-актерка.

„Милениумска“ еротска порција
Оваа порција беше најтешко да се подготви. Ја препорачувам само на љубителите на зачинета храна.
Апетисан за оние што претпочитаат сексуална разновидност и групен секс: лежерните сцени во „Автобувчето“ (Shortbus - 2006) – филм со најдобар почеток од сите еротски филмови што сум ги гледал. Кој не верува, нека провери. Предјадење: скандалозната фелацио-сцена од „Кафеавото зајаче“ (2004) на режисерот Винсент Гало со неговата поранешна девојка од реалниот живот – Клое Севињи.
Главно јадење за љубителите на „швркнати“ експерименти: „Анатомија на Пеколот“ (2004), со славната порно-ѕвезда Роко Зифреди во улога на геј-пастув спасувач кој за прв пат ги истражува сексуалните мистерии на женското тело. Десерт по избор за љубители на сексуални триаголници и мастурбирачки сцени: „Мојата мајка“ (2006) со Изабел Ипер (филм кој дефинитивно не треба да го гледате со вашата мајка) или пак „Сонувачи“ од Беролучи (некогаш за среќа се потребни тројца, некогаш е доволно да си сам/а).

И така, време е да се прекине со зборувањето за еротските филмови кое некогаш делува погубно за уживањето во нив. Време е да завртите некој телефон, да тркнете до омилената видеотека и да го направите вашиот избор – според моите сугестии или според вашите сеќавања. Најпосле, нема подобар водич за култните еротски сцени од вашите сопствени сеќавања на филмовите што сте ги гледале. Ако не можете да се сетите на некоја сцена, не очајувајте – таа не била вредна да се запомни. Вашето филмско сеќавање е главен судија. Ако ги парафразираме проникливите народни сексолози од Кимахобо: „Какво филмско јебавање, такво гледатељско сеќавање!“

(колумната во претходниот „Форум“)

Лишување од слобода заради утврдување идентитет?

7/23/2007


Ете, и тоа се случи, токму вечерва. Ми пукна „љунферот“.

Конечно почувствував на своја кожа како е да се биде лишен од слобода и приведен во полициска станица.

Пред избрзано да заклучите „самиот си го барал“, прочитајте ја приказната докрај, убаво размислете за околностите и аргументите, па дури потоа пресудете. Оти ова може да му се случи буквално секому.

Пред неколку часа, околу 1.50 по полноќ, упатен накај Карпош III, го сечев паркингот зад Технолошки факултет со намера да излезам кај Драмски Театар. Одеднаш, почувствував бел автомобил како застана зад мене. Од автомобилот зачув некој глас. Првин помислив дека возачот сака да праша за правец, или нешто друго, ама потоа убаво слушнав „полиција“. Застанав, и чекав да излезат од автомобилот.

Беа тројца, неинформирани. Едниот од нив - возачот - се приближи до мене и набрзина ми ја покажа значката. Му реков да ја задржи малку за да можам да го запомнам бројот. Беа нељубезни и неучтиви. Од службени лица очекувам да ми се обраќаат со г-дине. Овие веднаш почнаа со агресивни прашања: „Кај си тргнал?“, „Како се викаш?“, „На која улица живееш?“.

Веќе видена некултура. Разликата беше во тоа што овојпат не носев никаква легитимација. Сепак, како и претходните пати, ги запрашав која е причината зошто сум запрен и зошто ме легитимираат. Како и во претходните случаи, немаше конкретен одговор, и од тој момент започнуваа проблемите.

Прво ми побараа да извадам што имам во малата црвена торбичка што ја носев на рамото. Им кажав дека носам фотоапарат, и дека немам намера да го извадам. Само го подотворив патентот на торбичката и им го покажав.

Потоа ми наредија да извадам се што имам од џебовите. Им реков дека немам намера да го сторам тоа, освен ако не обезбедат налог за претрес.

Следната наредба беше да ги ставам рацете на хаубата и да ги раширам нозете. Еден од полицајците дојде зад грбот и почна да ме допира од нозете до главата.

Паметам дека ме прашаа зошто не носам лична карта - им кажав дека едноставно не носам, но дека ако сакаат можат да го утврдат идентитетот и на друг начин.

Следната наредба беше да влезам во автомобилот. Пред да влезам внатре иронично си помислив: „jasnesumjas уапсен заради утврдување на идентитетот“! Во колата ме прашаа зошто сум се однесувал така. Им кажав дека сум бранител на човекови права, и дека инсистирам на почитување на моите права во контакт со полиција. И дека сакам да знам зошто сум запрен. За две минути ме однесоа во ПС Карпош, и ми рекоа да застанам во чекалната. Чекав петнаесетина минути. Тогаш полицаецот што ми ја покажа легитимацијата зеде податоци од мене. Го прашав дали сум лишен од слобода. Одговори потврдно, и си замина.

По неколку минути размислување отидов до пријавницата и го прашав тамошниот полицаец да ми го каже мојот статус. Ми рече да почекам малку. Го прашав „Дали сум лишен од слобода?“. И тој ми одговори потврдно.

Тогаш погледнав на часовникот на мобилниот телефон, и побарав од полицаецот да запише дека сум пријавил точно во 2.28 минути дека сум бил лишен од слобода без да бидам запознаен со моите права. Тоа видно го вознемири, настана мала гужва, и за една минута се појави полицаец кој ме покани во просторијата на која пишуваше „прихват“.

Полицаецот го кажа своето име и почна да бара од мене основни податоци. Откако му ги кажав податоците, го прашав да ми каже врз основа на какво сомнение и за кое кривично дело сум бил лишен од слобода. Ми одговори дека сум бил лишен од слобода заради утврдување на идентитетот. Моето следно прашање беше врз основа на какво сомнение сум бил запрен и легитимиран, на што полицаецот ми одговори дека полицијата има право да легитимира и за сомнително движење, и дека во тој реон се имаат случено некои кривични дела.

Неговото следно прашање беше дали сакам адвокат. По две секунди размислување, реков дека сакам. „Дали имаш твој адвокат?“ - ме праша. Откако одговорив негативно, сврте телефон и побара адвокатски именик. Откако го доби книжето со имиња и адреси на адвокати, ми рече да си одберам некој.

Одбрав една адвокатка чие име и презиме ми беше познато од порано. Полицаецот и се јави на адвокатката, и по кусото објаснување на ситуацијата, ми ја подаде телефонската слушалка. Разговарав две минути со адвокатката која не сакаше да доаѓа во станица у три саат сабајле, за да не ми наплаќала за џабе. Ми рече дека можат да ме задржат најмногу 6 часа, и дека забелешките можам да ги внесам во записникот. Не ли е три часа најмногу за проверка на идентитет, потпрашав? Со апсолутно убеден тон, адвокатката рече - „шест часа“. (Не им верувајте на адвокатки кога се апсолутно убедени во нешто, особено во 3 часот наутро). Полицаецот цело време го слушаше мојот разговор.

Потоа ми беше приложен записник за пристап до адвокат, кој го потпишав.

Ме праша и дали сакам да се јавам на некој од најблиските, на што одговорив - „зависи од тоа колку ќе бидам лишен од слобода“ Ми одговори - десетина минути.

Потоа пополни една прекршочна пријава за неносење лична карта, ми даде да ја прочитам, и ми рече да ја потпишам. Му реков дека немам намера да ја потпишувам. Рече - „твое право, ќе ти ја пратиме по пошта“.

И вистина, по десетина минути ми кажаа дека сум слободен. Часовникот покажуваше 3.10. Тогаш им побарав записник за извршеното легитимирање и за престојот во станица. Рекоа дека не издаваат записници.

Потоа побарав да поднесам поплака против полицајците што ме приведоа и против нивната станица. Се натегавме две-три минути околу формуларот на поплаката, по што ми беше понудено да поднесам усна претставка.

Полицаецот се обиде да ме убеди со свој ракопис да го пополнам делот на кој пишуваше „усна претставка“, за да било поавтентично. Му реков дека е бесмислено јас да пишувам ако претставката е „усна“, по што љубезно се согласи да го парафразира она што ќе го кажам.

Го опишав настанот, потенцирајќи дека приговарам за непрофесионален однос, за противправен претрес и за незаконито лишување од слобода.

На крај му укажав на полицаецот дека поради неговата љубезност, нема да ставам во претставката дека пуши во просторија во која е забрането пушење, за што казните се многу построги од казната за неносење лична карта. (Казната за неносење на лична карта е глоба во висина од 30 евра, а казната за пушење во просторија каде што е забрането пушење е од 5.000 до 15.000 денари.)

Тогаш си помуабетивме малку со полицаецот, при што му цитирав еден дел од кодексот на полицијата. Рече - „ене го онде кодексот, покажи ми го тој дел“.

Му го покажав делот во кој пишува: „Полициската интервенција се заснова врз основано сомнение за извршено казниво дело.“

„Затоа прашав поради кое сомнение сум запрен и легитимиран“ - се обидов да му објаснам.

Одговорот на полицаецот беше изненадувачки и просветлувачки. „И неносењето на лична карта е казниво дело. Што сме ние виновни што Собранието донело таков закон?“

Полицаецот беше во право. Ако полицијата основано се сомнева дека некој не носи лична карта, тогаш има законска основа да побара лична карта во секој случај и во секоја ситуација. Практично, секое сомневање може да се докаже како основано и полициската интервенција - легитимирање, е во секој случај легитимна.

Не знам зошто, ама ваквата состојба ме наведува на заклучокот дека сме сеуште полициска држава. И тоа добро организирана. Што друго да се заклучи кога секој граѓанин може да биде легално запрен во секоја ситуација, и кога секој што не носи лична карта може да биде лишен од слобода заради утврдување на неговиот идентитет, без притоа да постои основано сомнение за сторено друго казниво дело - освен неносењето лична карта?

Тоа е лошата вест. Добрата вест е дека сепак има некаков напредок во односот на полицајците, и дека некои работи полека се менуваат. Сепак, на градење на достоинствен и професионален однос кон граѓаните, треба уште многу, многу да се работи.

Уште нешто. Го разбудија во мене задреманиот „борец“ за човекови права.

Не ми е жал само за изгубеното време и претрпената нервоза, туку и за ненадејно прекинатиот блогерски одмор.

Секс на отворено

7/14/2007

Браќа земјаци и мили комшики, храбри мои соборци за сексуална слобода и еднаквост! Дојде времето да ја продолжиме нашата борба против сексуалните окупатори.
Со векови, моралот, религијата, правото... се обидуваат да ја контролираат нашата сексуалност, нашата сексуална имагинација, нашите желби и претстави. Со векови настојуваат да ни наметнат што смееме, а што не смееме да посакаме, да си претставиме, да направиме. Катадневно ја ограничуваат нашата имагинација и акција: де сексот ти бил привилегија на брачната двојка, де сексот ти бил привилегија на хетеросексуалците, де функцијата на сексот била репродукцијата, де храм на сексот ти била спалната соба...
Мили браќа и уште помили комшики - дојде времето за борба за ослободување од гнетот на кобната власт што го гуши нашето либидо. Границите на сексуалната разновидност се граници на сексуалната имагинација! Има толку различни видови секс, колку што само можеме да си претставиме.
Минатиот век, нашите храбри претходници - борците за сексуална слобода - успеаја да ги раскинат прангите на спалната соба на хетеросексуалната брачна двојка – тоа легло на ужасната досада. Крајно време е да продолжиме по нивните стапки, да започнеме нова сексуална офанзива, и да освоиме нови простори каде што слободно можат да се изразат нашите сексуални желби и склоности. Дојде времето да го разбиеме древниот мит за сексот на отворено како нешто неморално и опасно!

Секс на тераса
Има ли нешто постимулативно од идејата за секс на тераса во претопла јулска ноќ, на полна месечина? Кога соседите можат да ви ги гледаат гаќите, зошто да не можат да ве видат и вас? Дури и да ве накодошат во полиција за „непристојно однесување“, најмногу што можете да загубите се 400 евра. Зарем ќе дозволите потенцијалната парична казна да и застане на патот на вашата сексуална имагинација? Кој не пробал, нема да дознае дали забранетото овошје е навистина најслатко.

Секс во градскиот парк
Небулозната забрана за ноќен престој во скопскиот градски парк е дополнителен стимуланс за вистинските борци за сексуална слобода и еднаквост. Бесмислените забрани постојат, само за да се прекршат.
Храбри младинци и младинки, мора повторно да го ослободиме градскиот парк од јаремот на исфрустрираната градска власт со сеопшта сексуална офанзија. Ако треба, сите до еден ќе изгинеме на славното „љумфер брдо“, ама паркот на „газда Трифун“ не му го даваме!

Секс на маалска клупа
Денешнава младина постојано се жали дека клупскиот ноќен живот е ептен сиромашен. „У наше време“ не беше така. Ако некој успееше да здогледа празна клупа, големи беа шансите таа да е свежо фарбана.
Знам дека љубителите на комфорот веднаш ќе се пожалат дека дека клупата ги ограничува можностите за сексуални егзибиции и дека создава набиеници. Ваистина, не само ноќната авантура, туку и клупата си остава свој впечаток. Но, има ли нешто поубаво утредента од благата ненадејна болка во мускулите, која веднаш ги привикува вчерашните сексуални впечатоци?

Секс во кола
Ако имате удобна кола и пари за бензин, тогаш можете да ги користите и погодностите што ги пружа некој „настран“ паркинг, како што е популарниот скопски паркинг кај „Видиковец“. Секако, името не го има добиено само затоа што има убав видик на Скопје. Таму можете да уживате во несекојдневната глетка, но можете и да бидете видени.
Сепак, главната опасност на која укажуваат некои напатени форумџии не доаѓа од внимателните „пазачи“, туку од вашата невнимателност. Затоа, „Секогаш прво дигнете ја рачната кочница, без разлика каде се сексате!“

Секс на плажа
Не само ноќта, туку и водата може да стане ваш сојузник доколку ја одберете плажата како најпожелна сексуална дестинација. Оние кои што сакаат да уживаат само во шумот на брановите, било на осамена дневна плажа, или пак на пуста ноќна плажа, најдобро е со себе да си понесат некое средство за заштита од „жуљавиот“ песок.
Плажата нуди најразлични опции. Егзибиционистите можат слободно да уживаат во водни егзибиции, на општо задоволство на сеприсутните воајери. Оние што не се егзибиционистички расположени, можат да изнајмат „хидро-бичиклето“ или „водно колело“ (педалина на романски и бугарски) и да исчезнат од видното поле на будните „пазачи“.

С-екстремни спортови на отворено
Границите на фантазијата се единствени ментални граници за зависниците од адреналин - љубителите на с-екстремни спортови: секс на дрво, секс на покрив од зграда, секс на велосипед во движење, секс на ролерки, алпинистички секс на карпи, секс со падобран, секс при нуркање... Последните два искрено ги препорачуваат како терапија против предвремена ејакулација.
На крај, запомнете: единствената физичка граница на вашата сексуална слобода, е сексуалната слобода на другиот/другата/другите. И уште едно предупредување: ако ви е многу поважно каде имате секс, од тоа како имате секс и со кого имате секс, бидете подготвени на големи разочарувања.
Доста беше. Смрт на сексуалниот фашизам, слобода на сексуално напатениот народ! Во борба, во борба, во бооорба, за сексуална слобо-да, сло-бо-да...

(колумната од претходниот број на Форум)

Центри за лекување, не затвори!

7/13/2007

Македонската мрежа за намалување на штети, денес на 13 јули 2007 година, оддржа прес-конференција повод Предлог законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции кој беше подготвен од работна група координирана од страна на Министерството за здравство на Република Македонија и во чијашто подготовка и консултации не беше вклучено граѓанското општество.
Предлог законот има сериозни недостатоци и не е во согласност со Националната стратегија за дроги, донесена во декември 2006 година, и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Доколку се усвои овој Предлог закон и применува во ваква форма, ММНШ смета дека тоа ќе има далекусежни последици по граѓаните на Македонија.

Предлог законот ги третира лицата кои употребуваат дроги како криминалци што треба да се "сузбијат", на исто рамниште со производителите и трговците со дрога и покрај тоа што во стратегијата усвоена од Владата, се нагласува дека корисниците на дрога "имаат право на здравствена и социјална помош и заштита од социјална исклученост".
Според анализите на Европскиот центар за следење на дроги и зависност од дроги при ЕУ денес, политиките на правното гонење во земјите на ЕУ фаворизираат алтернатива наспроти традиционалното кривично казнување поради употреба и поседување на дрога. Во случај на употреба на дрога или поседување, најголемиот број на земји членки имаат воведено механизми да тргнат голем процент од уапсените корисници од кривична казна.

Според Светска здравствена организација „криминализирањето на употребата и поседувањето дрога многу ги комплицира напорите да се имплементираат цврсти јавни здравствени стратегии и пристапите за намалување на штетата од употребата на дрогата. Тоа ја турка илегалната употреба на дрога подлабоко во подземјето, создава пречки за да се учествува во програмите за размена на приборот за инјектирање и за намалување на штетата, а ги зголемува ризиците за предозирање затоа што корисниците се плашат да повикаат медицинска помош.“

Поради тоа, Македонската мрежа за намалување на штети, мрежа на 15 невладини организации и повеќе експерти предлага:
1. Во Предлог на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, да се внесе одредба со која ќе се декриминализира употребата (уживањето) на дроги и психотропни супстанци преку утврдување на количина за лична употреба. Овој наш предлог е во согласност со Националната Стратегија за дроги на Република Македонија (2006-2012), усвоена од Владата на Република Македонија
2. Предлагаме членот 73 од Предлог на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции да се брише, затоа што
истиот не го почитува начелото на заштита на човековите права од член 25 од Уставот на Република Македонија, и врши дискриминација, стигматизација и социјално исклучување на корисниците на дроги , што не е допуштено според член 9 од Уставот на Република Македонија.
3. Да се внесе нова одредба со која ќе се легитимираат програмите за размена на прибор за инјектирање и истите нема да се подразбираат како изложување на опасност на други лица на делување на опојна дрога. Овие програми во Република Македонија се спроведуваат 10 години и се вклучени и во Националната стратегија за превенција на ХИВ/СИДА 2007-2012 и во Националната стратегија за дроги на Р. Македонија -2006-2012 .
4. Предлагаме терминот сузбивање да се замени со изразот намалување на снабдувањето со дрога. Терминот сузбивање не е во согласност со Националната стратегија за дроги 2006 - 2012 каде се користи изразот „намалување на снабдувањето со дрога“ што пак е во согласност со терминологија која се употребува во стратегијата за дроги на Европската Унија 2005 -2012.
(го пренесувам соопштението не само како медиум, но и како учесник во акцијата на ММНШ)

Петиција за Ирак

Не пиеме нафта!

Во Ирак напредува само бројот на мртви

Инвазијата на Ирак е окупација

БР Македонија ДАВА странска воена помош!

Потпишете се на петицијата!

Помогнете во промовирање на петицијата.

Сребреница

7/12/2007

И денеска, како и секоја друга година, роднините на жртвите од геноцидот во Сребреница не потсетуваат на скандалозното отсуство на правда:

„Роднините на жртвите од Сребреница се’ уште се вџашени од фактот дека двајцата најодговорни босански Срби Ратко Младиќ и Радован Караџиќ успеваат да ја избегнат правдата.“ (12 години од геноцидот во Сребреница)

Да потсетам на моето „Наградно прашање“ од лани: „Што е поголема срамота за „хуманата“ Европа?
1) Масакрот врз 8.000 беспомошни мажи и момчиња во Сребреница пред 11 години?
2) „Воајерството“ на трупите на ОН („толерантните“ Холанѓани)?
3) Фактот дека и после 11 години „меѓународната заедница“ не може да ги пронајде осомничените „српски херои“ Младиќ и Караџиќ?“

Систематското туркање под тепих на прашањето за Одговорноста за Сребреница, е исто така облик на соучесништво во злоделото.

Како се станува активист за животински права

Еве како не исмејува еден туристички водич за Македонија: Посетете ја само скопската зоолошка градина - и ќе посакате да станете активист за правата на животните.
Според описот, како да станува збор за мртовечка, а не за зоолошка градина.
А и тоа дека во музејот немале кусур да му вратат - ужасно лоша реклама.
После вакви импресии - тури им пепел на рекламите за Македонија како пожелна туристичка дестинација.

Скопје гори

Владеење на самоволието: „урбаната мафија“ е во Владата!

7/11/2007

Наместо владеење на правото, еве како „плански“ владее самоволието:

„Изградбата на стариот скопски театар се реализира според планот, но динамиката на процесот е забавена поради тоа што проектот на архитектот Јован Стефановски-Жан е поголем од предвидената маркица, а за нова и проширена се чека промена на Деталниот урбанистички план за Малиот ринг. Измената на ДУП, предвидена за крајот на август, е во надлежност на општина Центар и за него деновиве ќе биде отворена јавна расправа, а маркичката ќе биде зголемена на страната кон мостот „Гоце Делчев“.“ (Министерство за култура: Крупните проекти се реализираат според планот ...)

Неколку прашања кои заслужуваат одговор:

1) Како воопшто архитектот го добил проектот, ако бил поголем од предвидената маркица?

2) Зошто воопшто се отвора „јавна расправа“ ако Владата со сигурност знае каков ќе биде исходот, и дека маркичката сигурно ќе биде зголемена? Ако граѓаните не можат да одиграат никаква улога во измените на ДУП, голема навреда е само формално да се прашаат.

3) Ако изградбата „се реализира според планот“, а „динамиката на процесот е забавена“, дали овие урбано-мафијашки ујдурми биле дел од првобитниот план на Владата?

Баш ме интересира, дали Груевски ќе употреби динамит да го запре урбано-мафијашкото самоволие на Министерството за култура.

И по Тито – Тито?

Многу сме трагикомични. Божем градиме демократија, а од ликот и наследството на диктаторот Тито никако да се отарасиме. Остај тоа што една елитна скопска гимназија сеуште се нарекува Јосип Броз Тито, туку диктаторот си останал и „почесен граѓанин на Скопје“ и „почесен член на МАНУ“. Мајку му божју, не сум знаел дека „браварот“ бил и толку успешен научник.

Бруки невидени. Каква лустрација, каква транзициска правда за жртвите на диктаторот, какви бакрачи... кога ликот и не-делото на „другарот“ со кралски навики сеуште будно бдее над сите нас.

Кога веќе не ги поништуваме одлуките за доделување на посебен статус на диктаторот Јосип Броз Тито, а уште и нови споменици сакаме да му градиме, тогаш, чисто заради апсурдот да биде поголем, можеме и музејот на жртвите на диктаторот и неговите крволочни следбеници да го наречеме „Јосип Броз Тито“.

Џелатот и жртвите – под ист покрив.

„Едношалтерски систем“ - Еден шалтер за цело Скопје?

7/09/2007

Муабетиме вчера со еден другар – се жали дека не можел обичен извод да извади. Од двата шалтера работел само еден – од многу гужва и шиткачи не можело ни бројче да се добие. Прашува: „Што е финтата со „едношалтерски систем“? Еден шалтер за цело Скопје?“

Очигледно, не ни треба само „регулаторна гилотина“. Ни треба и „бирократска гилотина“.

Чуму „извод не постар од 6 месеци“? Не е ли тоа крајно застарена и непотребна работа, ако целокупната администрација е опремена со комјутери кои имаат пристап до сите релевантни бази на податоци?

Расизам во Скопје

7/05/2007

Пред неколку дена гледав прилог на ТВ „Сител“ во која група бездомници беа претставени безмалку како дивјаци опасни по живот. Денеска гледам дека „Сител“ продолжува со расистичкиот и дискриминаторски пристап: „Сликата во центарот на градот продолжува да изгледа како селска паланка. Ромите бездомници се уште го узурпираат зеленилото кај Плоштадот.“ (ПЛОШТАДОТ НА МЕТРОПОЛАТА ПРЕТВОРЕН ВО МАЛА ШУТКА).

Бездомниците кај плоштадот се во слична ситуација како безработниците во паркот пред Собранието. Зошто новинарите на „Сител“ не пишуваат дека и паркот пред Собранието изгледа како „селска паланка“? Зошто не сугерираат дека и и овие „узурпатори“ треба да се дислоцираат од паркот?

И, зошто граѓаните на Скопје се солидаризираат само со протестот на безработниците, а не и со протестот на бездомниците, кои исти така бараат работа за да ги прехранат своите деца?

Нема амнестија за сторители на кривични дела против човечноста!

Повторно е актуелен Законот за амнестија на лицата учесници во конфликтот од 2001 год. Еве што вика една магистерка по меѓународно право за Законот за амнестија (член 1 (4)): „Тој дава импресија дека Хашкиот трибуналот има ексклузивна надлежност за судење воени злосторства. Тоа не е точно, бидејќи и нашите судови имаат надлежност да процесуираат предмети за воени злосторства доколку Трибуналот не ја употреби својата примарна надлежност и ако се исполнети одредени услови”, вели Лозановска. (Ќе се оценува уставноста на Законот за амнестија.)

Пак ли ќе се оценува? Не знам дали на магистерката и е познато дека Законот еднаш веќе беше оценуван од страна на Уставниот суд (02/19/2003) врз основа на иницијатива која се повикуваше на слични аргументи, и дека беше „заклучено“ следново:

„...предвидениот услов за поведување на постапка од страна на Хашкиот суд како основ за исклучување на одреден круг на лица од дадената амнестија од членот 1 став 4 од Законот, го наметна прашањето дали тоа значи дека во случај кога трибуналот нема да поведе постапка, треба да се даде амнестија на лицата одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право и дали воопшто може да се применува домашната јурисдикција во ваков случај, како и прашањето дали оваа одредба остава простор за амнестирање на лица сторители на најтешки кривични дела во случај Хашкиот трибунал да одлучи спрема нив да не води постапка.“

Практично, Уставниот суд експлицитно не заклучи ништо, туку само гласно си ги постави прашањата.

Инаку, заклучокот може да се извлече од следнава констатација на УСУД:

„Од вака направената анализа, произлезе дека содржаниот исклучок за лицата што не се амнестираат од член 1 став 4 од Законот за амнестија е неопходен заради фактот што меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија согласно член 118 од Уставот.“

Следствено, би требало да се заклучи дека не може да има амнестија за лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право, дури и ако Законот за амнестија нуди амнестија за такви случаи. Иако според мене, може да се чита и како воопшто да не нуди. Имено, според Уставот, Законот за амнестија не може да се применува доколку менува некаков меѓународен договор, затоа што „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.“ (чл. 118).

Е, сега, дополнителен проблем е тоа што УСУД обично се прогласува за ненадлежен да оценува согласност на закон со меѓународен закон, иако не станува збор за закони од ист ранг!

Охрид – културна престолнина на Македонија?

Во почетокот на своето обраќање на НАТО самитот, Груевски го прогласи Охрид за „културна престолнина“ на Република Македонија.

Ако Охрид е навистина „културна престолнина“, зошто тогаш Министерството за култура не се префрли во Охрид?

Ако Охридското езеро е „бисер на Балканот“, зошто Министерството за животна средина не се премести во Струга?

Зошто сите државни органи на „македонската функционална мултиетничка демократија“ сеуште се наоѓаат само во Скопје?

Децентрализирањето на голем дел од државната управа од Скопје во помалите градови би било силен поттик за регионален развој.

Порнографијата и децата

7/04/2007

Владата сака да ги заостри казнените мерки во врска со порнографијата.

Во предлог-измените на Кривичниот законик (доставени до Собранието) во членот „Прикажување на порнографски материјал на дете“, зборот „дете“ (претходно интерпретирано до 14 години) се заменува со зборот „малолетник“, а минималната казна станува 6 месеци.

Лично, сметам дека ако не постои член кој им забранува на децата што имаат наполнето 14 години да стапат во сексуален однос, тогаш станува бесмислена забраната за прикажување на порнографија на деца до 18 години (претходно беше до 14).

Исто така, мора да се понуди дефиниција што ќе се смета за порнографија, а што за еротика, односно, што ќе може, а што нема да може да им се прикажува на децата. Во спротивно, на голема врата се воведува цензура, а цензурата е забранета со уставот.

Во постот Право на порно - и тоа за џабе!, укажав дека „Секое експлицитно прикажување на сексуални акти не е порнографија.“

Со предлог-измените се воведува и нов член:

„Производство и дистрибуција на детска порнографија преку компјутерски систем (Член 193 – а):

(1) Тој што произведува детска порнографија со цел нејзина дистрибуција, дистрибуира или пренесува или нуди или на друг начин прави достапна детска порнографија преку компјутерски систем, ќе се казни со затвор од три до пет години.

(2) Тој што набавува детска порнографија преку компјутерски систем за себе или за друг или поседува детска порнографија во компјутерски систем или медиум кој служи за чување на компјутерски податоци со намера за прикажување на друг или за дистрибуција ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“

Детската порнографија е вака дефинирана: „Под детска порнографија се подразбира порнографски материјал кој визуелно прикажува очигледни полови дејствија со малолетник, или очигледни полови дејствија со лице кое изгледа како малолетник, или реални слики кои прикажуваат очигледни полови дејствија со малолетник.“

Според ваквата дефиниција, дури и за дистрибуција на клип преку интернет на консензуален сексуален однос со полнолетник „кој изгледа како малолетник“ можеш да заработиш затворска казна од три до пет години!

Е, ова е веќе тешко забегување!

Порно или еротика?

7/03/2007

Конечно да прочитам контроверзна „вест“ на Сител: ЕУ СНИМИ ПОРНО ЗА ПОПУЛАРИЗАЦИЈА НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ.

Клипот можете да го погледнете тука.

Ако не се лажам, филмот на Жан Пјер Жене за Амели Пулен беше пуштан на повеќе македонски телевизии, и тоа не по полноќ.

„Амели“ - порно?

Уште се газам од смеа.

Нашите борци против дискриминација

По неколку години задоцнување, кога дојде јајцето на газот, и кога од Брисел е испратена јасна порака дека ни е потребен нов закон за анти-дискриминација, се огласи конечно и нашиот експерт за човекови права - член на ЕКРИ и почна да открива топла вода: „Прво, драги мои, на трага на уставната норма, треба да се донесе закон за промоција на еднаквост и забрана на дискриминација. Некакви преписи постојат од две-три организации, но ништо издебатирано и јавно промовирано како проект.“ (Граѓанско партнерство).

Очигледно, „експертот“ ја преспал јавната дебата уште пред неколку години за предлог-законите од страна на граѓанскиот сектор. Што ќе и е на владата граѓански сектор, кога си го има граѓанинот-експерт Фрчкоски? Сега, со прифаќањето на неговите јавни предлози – ем ќе се воспостави „граѓанско партнерство“, ем владата ќе заштеди пари на експерти.

Уште нешто: Експертот упорно ја дезинформира јавноста што означува комисијата во која членува - ЕКРИ/ECRI (European Commission against Racism and Intolerance). Овојпат е „ЕКРИ (Европската комисија за борба против расната дискриминација, антисемитизмот и ксенофобијата)“. Во две други колумни беше именувана како „ЕКРИ Европска комисија за борба против расизмот и ксенофобијата“ и „Европската комисија за борба против расизмот и дискриминацијата ЕКРИ“ (Уште еден бисер на „експертот“!).

Дај професоре, научи веќе еднаш што е ЕКРИ и престани јавно да се брукаш.

Чудна шума

Мечката, лисицата и волкот се едногласни дека зајаците и поситните животни не треба слободно да се шетаат во шумата:

„...МПЦ, католичката црква и ИВЗ се едногласни дека не е потребна либерализација во верското делување“ – оценува портпаролот на МПЦ (Верските слободи се нов приоритет за Македонија)

До кога МПЦ ќе биде заштитена како мечка?

Според најавите, веќе нема да постои апсурдната забрана дека од една вероисповед во Македонија може да има само една верска заедница. Но, има друг ограничувачки услов кој повторно може да се злоупотребува:

"Црква, верска заедница и религиозна група, која нема ист идентитет, или не го користи истото или слично име на веќе регистрирана, црква, верска заедница и религиозна група, ќе биде впишана во судскиот регистар".

Што значи тоа „ист идентитет“? - се дрзнувам да прашам како уредник на списанието „Идентитети“.

Што и да значи, на прв поглед не постојат ограничувачки услови за да ја регистрираме МКЦ, затоа што досега не постои комунистичка црква во Македонија. Регистрацијата на МКЦ ќе биде лахмусов тест за слободата на верското здружување во Македонија.

Кога ќе го одржиме првиот црковно-народен собор?

Апстиненцијална „Буш-манија“

7/02/2007

Понекогаш, уредничките наслови навистина ме ужаснуваат: Заклетвата на невиност поуспешна од сексуалното образование.

Во текстот пак ќе прочитате сосем друга информација: „...дури 80 отсто од девојките што се заколнале на невиност до брак го кршат своето ветување.“

Значи, дури 80 проценти од девојките стапуваат во сексуален однос без да добијат релевантни информации за безбеден секс.

А што е со момчињата? Само од девојките ли ќе се бара да се заколнуваат на невиност?

Уште еден доказ дека „Буш-манијата“ навистина не враќа во средниот век.

Концерт за принцезата Дијана

7/01/2007

Ми се блуе од ројалистичко-капиталистичка хипокризија.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week