Да се пофалам, добив „новогодишна честитка“ од Народниот правобранител.
Во известувањето кое го добив на мојата електронска адреса, г-нот Иџет Мемети ме извести дека Народниот правобранител нема да покрене постапка во однос на мојата претставка во врска со противуставните прислушкувања (текстот од известувањето е во коментарите).
Прво, да се заблагодарам на правовремената реакција. Признавам, бев скептичен дека институтот електронски формулар ќе функционира, и ме радува фактот што добив одговор во законскиот рок. Искрени пофалби до Народниот правобранител како една од ретките државни институции која овозможува електронски сервис.
Второ, да го изразам моето разочарување во однос на образложението зошто не се поведува постапка:
1) Народниот правобранител тврди дека „...не се презентирани податоци за такви дејствија во текот на последната година, сметано од денот на подесувањето на претставката па наназад.“
Потсетувам само на изјавата на Силвана Бонева дадена на 2 ноември 2006 год.:
„...и до донеска не се чувствуваме дека сме ослободени од тој товар дека не се следи секоја наша комуникација, како кажавте дури и со блиските во семејството.“
2) Она што посебно разочарува, е образложението дека „Народниот правобранител ваквите јавни настапи не може да ги зема како веродостоен доказ за покренување на постапка за заштита на правата на граѓаните од неповредливост на писмената и другите облици на комуникација“.
Да потсетиме, согласно чл. 21 од Законот за НП, „Народниот правобранител ќе покрене постапка по поднесена претставка или по сопствена иницијатива ако од наводите, доказите и фактите приложени кон претставката или од сознанијата добиени на друг начин основано произлегува дека од страна на органите на членот 2 на овој закон се повредени уставните и законските права на граѓаните...“
Да потсетиме, исто така, и дека Народниот правобранител „ги штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица“ и во случај на „пропуштање на дејствија од органите на државна управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања...“.
Во случај кога обвинителството и другите органи пропуштиле по службена должност да преземат мерки за заштита на правото на приватност на граѓаните, НП има надлежност да дејствува врз основа на „сознанијата добиени на друг начин“ - врз основа на изјавите на пратениците и поранешниот премиер!
Исто така, ништо не го ослободува од одговорност Народниот правобранител тоа што правовремено не повел постапка по сопствена иницијатива (на пр. веднаш по интервјуто со премиерот Костов).
Ако изјавите на премиерот и поранешниот претседател на Собранието не можат да послужат како основани сомненија дека се сторени кривични дела врз основа на кои се поведува истрага по службена должност, тогаш било каква изјава од кој било исто така не смее да послужи како основано сомнение дека се сторени кривични дела - што е невиден нонсенс!
Накусо, со вакви институции за заштита на човековите права, оние од „петтата управа“ можеа и сеуште можат противзаконски да не прислушкуваат кога и како ќе им ќефне!
И што уште не.