Еден симптоматичен цитат од промотивниот флаер на МВР - „Европски закон за европска Македонија“:
„Предлог Законот за полиција ќе овозможи поголема заштита на човековите слободи и права, без разлика на нивната расна, национална, верска, социјална или полова припадност.“
Како прво, човековите слободи и права немаат никаква расна, национална, верска, социјална или полова припадност. Оттаму, формулацијата во која се зборува за нивната припадност е глупост. Луѓето имаат расна, национална, верска, социјална или полова припадност..., а не правата.
Како второ, во Предлог Законот за полиција не постои конкретна антидискриминаторска одредба во која стои описот „без разлика на нивната расна, национална, верска, социјална или полова припадност.“ Значи, промотивниот флаер на МВР ги доведува во заблуда граѓаните дека постојат законски одредби кои ќе ги заштитуваат од дискриминација.
Како трето, споменувањето само на расната, националната, верската, социјалната или половата припадност не е во согласност со Уставот, а уште помалку со Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП).
Нашиот устав вели дека „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба.“ Значи, споменати се повеќе основи.
Меѓутоа, како земја што сме ја ратификувале ЕКЧП треба да се држиме до формулацијата од протоколот 12, во која се прецизира дека уживањето на било кое законско право ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа (и тоа не само за граѓаните). Потоа, само како примери, се дадени следниве основи: пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго гледиште, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, сопственост, раѓање или друг статус.
Во експланаторниот извештај е јасно наведено и дека „сексуална ориентација“ спаѓа во „друг статус“.
Само со вакви експлицитни антидискриминаторски одредби Законот за полиција ќе овозможи „поголема вклученост на заедницата...“.
4 коментари:
....Оттаму, формулацијата во која се зборува за нивната припадност е глупост...
1.Ова е очигледна грешка на составувачот на писанието - очигледно се мисли на припадноста на луѓето, содржани во придавката човекови.
... промотивниот флаер на МВР ги доведува во заблуда граѓаните дека постојат законски одредби кои ќе ги заштитуваат од дискриминација...
2.Членот 3 на предлог законот овде е сосема доволен- а таму се споменати правата согласно Уставот, во кој Устав пак си го има членот 9.Може оној што го пишувал флаерот не го имал ова во предвид, ама така е.
Можеби би било појасно сегде све да се препишува до танчина, ама тогаш тури им пепел на начелата на уставност и законитост, а со тоа и на правната држава до некаде.
....споменувањето само на расната, националната, верската, социјалната или половата припадност не е во согласност со Уставот....со Европската конвенција за човековите права...
3.Ова да, али лично мислам дека составувачот на писанието на флаерот само набацил- без задна намера.
...Меѓутоа, како земја што сме ја ратификувале ЕКЧП треба да се држиме до формулацијата од протоколот 12....
4.Ние како суверена држава се држиме до Уставот. Тој за ова што го кажуваш има попрактично решение содржано во членот 118.- кое да те потсетам е прилично напредно и не толку често во уставното право.
Од тој аспект, Уставот и Конвенцијата не се во никаква колизија. Да, Конвенцијата е поекстензивна, ама заради горенаведениот член, тоа не е правен проблем.
Ние Конвенцијата не мора да ја пратиме (а не ни можеме) во номотехниката затоа што таа и директно се применува. Доколку тоа не се случи - значи таа се прекрши - тогаш може да се оди пред Европски суд. И се разбира, оној кој тврди дискриминација по основа на, да речеме, сексуална ориентација, треба истата и да ја докаже.
Значи, потоа пред европскиот суд жалителот ќе треба да докаже дека во одлуката на домашниот суд имала улога, пак пример,сексуалната ориентација (добра референца е случајот пред судот кој самиот суд си го цитира во образложението на Протокол 12 член 1) .
И тако даље и томе слично...
Дисклејмер, за кој осеќам има потреба: не работам во или за или во врска со МВР и не сметам дека е тоа институција на солидни организациони основи- напротив.
Али се додека дозволува сопственикот на блогов, ќе спорам кога сметам дека греши во врска со правото (во некои аспекти), а особно кога од тоа извлекува тешки демагошки пароли.
Нена - колку што можам да видам, твоите сосем умесни коментари се мотивирани од најдобри намери.
Затоа - да се обидеме да разјасниме некои работи:
1) Во предлог Законот за полиција нема експлицитна антидискриминативна одредба, а таква одредба има, на пример, во КОДЕКС НА ПОЛИЦИСКА ЕТИКА: „Полицијата ја обезбедува потребната поддршка, помош и информации за жртвите на кривичното дело, директно или преку други организации и институции, независно од неговата раса, пол, етничка, верска или друга припадност.“ (Член 58) Значи, ако нема - нема, да не се лажеме :)
2) „Уставот ... има попрактично решение содржано во членот 118“
Да - но, само во теорија, но не и во практиката.
Да те потсетам, УСУД има практика да се прогласува за ненадлежен во поглед на оценувањето на тоа дали некој закон е во согласност со ЕКЧП која е ратификувана со Закон за ратификација (која е составен дел од внатрешниот правен поредок, и која не може да се менува со закон). Затоа и имаме полно законски одредби кои не се во согласност со ЕКЧП - а кои не можеш ни да ги оспориш.
Во некои земји (на пример, Словенија, Бугарија, Албанија), УС може да ја оценува компатибилноста на меѓународните договори со Уставот пред нивното ратификување. Во други земји (на пример Босна и Херцеговина), УС има експлицитно надлежност да ја оценува и компатибилноста на донесените акти со ЕКЧП. УС на Словенија одлучува за „согласноста на законите и другите прописи со ратификуваните договори и со општите принципи на меѓународното право“, а на Бугарија за „компатибилноста на домашните закони со универзално признаените норми на меѓународното право и со меѓународните инструменти“.
3) „Уставот и Конвенцијата не се во никаква колизија.“
Невалиден е аргументот дека „Судовите не судат само според Уставот и законите туку и според ратификуваните конвенции за човекови права, така што Уставот посредно овозможува заштита на сите човекови права на сите индивидуи“.
Заштитата на човековите права не смее да остане само на декларативно и теоретско ниво. За заштита на човековите права можеме да зборуваме само кога постојат непосредни институционални механизми кои обезбедуваат ефикасна примена на одредбите од ратификуваните конвенции. На пример, нашите судови имаат обврска непосредно да ги применуваат сите одредби од Европската конвенција за човекови права и да ги применуваат домашните закони во духот на Конвенцијата. Самиот факт што не го прават тоа, претставува прекршување на Конвенцијата.
4) Велиш - ЕКЧП „директно се применува“. На кој начин директно се применува? Дали нашите судии, на пример, ги зедоа предвид одлуките на Европскиот суд за човекови права, релевантни за слободата на религијата, во судскиот процес против Јован Вранишковски за предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост?
За да преминеме од декларативно на практично ниво, неопходно е да се воспостават недвосмислени уставни механизми за заштита на сите човекови права и да се создадат институционални претпоставки за непосредна примена на ратификуваните конвенции за човекови права.
Такво нешто кај нас нема. Праксата на редовните судови е да отфрлаат и тужби за заштита на слободите и правата кои се повикуваат на Уставот. Во Хрватска, на пример, постои институтот „уставна тужба“.
За жал, кај нас постојат само зборови на хартија - и речиси никаква практика на судска заштита на уставните „човекови права на граѓаните“.
п.с. секој продлабочен коментар ме радува - независно дали се согласувам со аргументите или не.
Нема тука никаква демагогија - заклучоците се темелат на рационална анализа. Ако пронајдеш грешка во моите аргументи - лесно ќе ја исправиме. :)
Нена - колку што можам да видам, твоите сосем умесни коментари се мотивирани од најдобри намери.
1.Апсолутно добро гледаш :)
Во предлог Законот за полиција нема експлицитна антидискриминативна одредба, а таква одредба има, на пример...... Значи, ако нема - нема, да не се лажеме :)
2. Ти во постот велиш дека не постојат законски одредби кои упатуваат на антидискриминација, а јас ти велам дека такви во слчајов со флаеров и Законот за полиција не се ни потребни експлицитно- затоа што се содржани во Уставот, а законот вика гарантирани со Уставот. Освен тоа,во текстот велиш законски одредби, а не одредби во Законот за полиција.
За флаерски потреби она што е напишано на флаерот и не е сосем непримерно и не мислам дека се квалификува под лага.
Да те потсетам, УСУД има практика да се прогласува за ненадлежен во поглед на оценувањето на тоа дали некој закон е во согласност со ЕКЧП....
3. Не сум начисто дека УСУД нема право во случајов...ЕКЧП не е Устав, иако ставам резерва и ќе се подраспрашам за евентуалните такви одлуки.
Затоа и имаме полно законски одредби кои не се во согласност со ЕКЧП - а кои не можеш ни да ги оспориш.
4. Како да речеме приведувањето во полиција :)? Шала- сепак, се сомневам дека има такви одредби кои можеш да ги оспориш по ЕКЧП, а не по Устав – али по ЕКЧП, а не по случаи на Судот или по образложенија на протоколи.Впрочем, обиди се- време е за млад Стамен Филипов! :)
Заштитата на човековите права не смее да остане само на декларативно и теоретско ниво.
5. Апсолутно се согласувам и тврдам дека Македонија не е воопшто дну дна како што често се има перцепција во јавноста. Има одредени црни петна, но тие се однесуваат само на еден корпус права, што и низ цела Европа е баук и масовна појава што го ремети Европскиот суд – судењето во разумен рок. Проста компаративна анализа на пресудите што се однесуваат на Македонија го покажува тоа.
Вториот тренд што повеќе ме плаши е тортурата на полицијата – особено на Ромите и тука се чекаат неколку битни одлуки за нас.
Спецификата на Македонија е што црните петна се појавуваат локализирано и се најчесто персонално обоени ... уствари компаративна анализа на одлуките на судот во врска со Македонија свашта покажува:)
За заштита на човековите права можеме да зборуваме само кога постојат непосредни институционални механизми кои обезбедуваат ефикасна примена на одредбите од ратификуваните конвенции.
6. Точно. Институционалните механизми не се само судството.
На пример, нашите судови имаат обврска непосредно да ги применуваат сите одредби од Европската конвенција за човекови права и да ги применуваат домашните закони во духот на Конвенцијата. Самиот факт што не го прават тоа, претставува прекршување на Конвенцијата.
7. Ќе се согласам дека судиите НЕДОВОЛНО директно ја применуваат Конвенцијата, но никако и дека НИКОЈ од истите не го прави тоа. Напротив, има такви примери. Да, треба да станат систем, а не инцидент. Освен тоа, не мислам дека со тоа што не го прават тоа ја прекршуваат Конвенцијата. Може го девалвираат судството и покажуваат дека недоволно е едуцирано.
Дали нашите судии, на пример, ги зедоа предвид одлуките на Европскиот суд за човекови права, релевантни за слободата на религијата, во судскиот процес против Јован Вранишковски за предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост?
8. Не само што не ги зедоа во предвид одлуките, туку да ги земеа, можеа право да се селат во прецедентниот англосаксонски систем. Македонското право таквиот вид на судење не го поддржува системски. Директно применување подразбира директно земање во предвид на одредбите на Конвенцијата и повикување на истите во пресуда, а не повикување на случај.
Праксата на редовните судови е да отфрлаат и тужби за заштита на слободите и правата кои се повикуваат на Уставот.
9. За ова сум заинтересирана...
П.С. Секој пост што ќе ме заинтригира да помислам повеќе од две минути, вреди и да му постирам повеќе од два реда! :)
1) Еве мало дополнување: „Значи, промотивниот флаер на МВР ги доведува во заблуда граѓаните дека постојат законски одредби (во предлог законот) кои ќе ги заштитуваат од дискриминација.“ Цело време станува збор за предлог законот.
2)„се сомневам дека има такви одредби кои можеш да ги оспориш по ЕКЧП, а не по Устав – али по ЕКЧП“
„присилното приведување“ на неосомничено лице - кое не е лишување од слобода?! - е токму таква одредба. (за ова ќе напишам уште еден пост).
3) „Заштитата на човековите права не смее да остане само на декларативно и теоретско ниво.
5. Апсолутно се согласувам и тврдам дека Македонија не е воопшто дну дна како што често се има перцепција во јавноста.“
Кога зборуваме за уставна заштита на „ОСНОВНИ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ“, само граѓанинот „може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.“ (чл. 50 ст. 1)
Значи, носител на правата е граѓанинот, а не човекот.
Значи, не станува збор за заштита на „човекови права“, туку за „човекови права на граѓанинот“.
На план на промоција, Уставот промовира некои човекови права и слобод (на. пр., „Никому не може да му биде ограничена слободата...“).
На план на заштита, само граѓанинот може да побара заштита на правото на слобода.
Што се однесува до еднаквоста „во слободите и правата независно од...“ (чл. 9), уставот ниту ја промовира како човеково право, ниту пак дава можност да се заштити.
Тврди дека само граѓаните се еднакви, и дека само граѓаните можат да побараат заштита.
Поентата ми е: кога зборуваме за човекови права, да зборуваме за човековите права, а не за такви небулози како „човекови права само на граѓаните“ :)
Кога зборуваме за заштита на човекови права, да зборуваме за заштита на човековите права, а не за „заштита на слободите и правата утврдени со Уставот“ на која „може да се повика“ „секој граѓанин“. :)
Практично, ако „Гаранциите на основните слободи и права“ се само за граѓаните, тогаш Уставот воопшто не гарантира заштита на човековите права!!!
Објави коментар