Срамота е да се лажеме дека полицијата станала „сервис“ на општеството, кога не е кадарна ни пасошки услуги да испорача како што треба:
„- Македонската полиција од ,,сила'' која се користи во општеството, веќе се транформира во ,,сервис'' на општеството, преку нејзино интегрирање во граѓанското општество и приближување до јавноста, особено преку воведување на системот на заедничка акција на полицијата и граѓаните во решавањето на безбедносните проблеми во локалната заедница преку проактивни програми, како и со примена на мерки на градење доверба, потенцира Јанкулоска.“
(Јанкулоска: Македонската полиција се трансформира во сервис на општеството ...)
1) „Интегрирање“ на полицијата во граѓанското општество?
Не знам зошто, ама почнува да ме фаќа параноја. Веројатно од досегашните методи на „интегрирање“ на полицијата. Министерката можела едноставно да каже – „во партнерство со повеќе здруженија на граѓани реализираме заеднички проекти“. Во случајов, невешто е испратена и друга порака: „бидете спокојни, ние будно го следиме и граѓанскиот сектор“.
2) Приближување до јавноста?
Ефектите од бракот од интерес медиуми-полиција можевме да ги гледаме на малите екрани: режираните апсења пред камери, јавна демонстрација на сила, изложување на јавна љубопитност, газење на пресумпцијата на невиност, политички соопштенија од страна на МВР, денунцирање на политичките опоненти...
3) Заедничка акција на полицијата и граѓаните?
И претходниот тоталитарен систем може да се пофали со многу заеднички акции на полицијата и граѓаните. Секоја потенцијална безбедносна закана беше будно следена од полициските информатори и „одговорните“ граѓани кои ги цинкареа своите соседи. Прашањето е, што е различно од претходниот систем, ако се знае дека сеуште се практикува тоталитаристичкиот метод „информативни разговори“, и дека секој граѓанин може да биде присилно доведен на информативен разговор, во случај да не се одѕве на судска покана.
4) Примена на мерки на градење доверба
Секако, „Алфите“ најмногу придонесоа за градењето доверба меѓу граѓаните и полицијата. Не треба да се заборави ни придонесот на „внатрешната контрола“, која напорно работеше за да не се нарушува угледот на полицијата.
Еве еден пример-исклучок од извештаите на Хелсиншкиот комитет:
Откако еден граѓанин бил тепан од страна на полиција, „внатрешната контрола“ утврдила дека полицаецот „со тоа што употребил физичка сила во просториите на полициската станица ги пречекорил границите на своите службени овластувања“.
Ама, дури и во вакви ретки случаи, предлогот за дисциплинска постапка бил отфрлен. Повторно е испратена пораката дека „припадниците на МВР се недопирливи и семоќни и дека тие се над законот и правото“.
Сепак, впечатокот за неефикасноста, пристрасноста, непрофесионалноста, насилноста, нетранспарентноста, и недоверливоста кон полицијата не се менува толку бргу, и толку лесно.
0 коментари:
Објави коментар