Со текстот „Рамковен терк за државните симболи“, неделникот „Глобус“ повторно ја отвора „пандорината кутија“ со државните симболи. Текстот е илустриран со „оригинален“ грб кој воопшто не личи на ниту еден од грбовите за кои зборував во постовите Откријте ги разликите!, Отиде петокраката?, Новиот пасош и грбот на Македонија.
„Глобус“ го застапува тврдењето дека со вклучувањето на законите за грбот, химната и знамето на Република Македонија во т.н. „бадентеров список“ (договорен од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) се крши Уставот.
Имено, ако „Грбот, знамето и химната на Република Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“ (чл. 5 ст. 2), тогаш законите за грбот, химната и знамето не би смееле да влезат во „бадентеровиот список“ закони за кои е потребно „мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“.
Меѓутоа, бадентеровиот список се однесува „За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите...“ (чл. 69 од Уставот, изменет со Амандман X).
Дали со договорот Груевски-Ахмети се крши Уставот, или пак постои контрадикторност во самиот Устав?
Останува да се надеваме дека Уставниот суд нема да се прогласи за ненадлежен и по ова прашање.
0 коментари:
Објави коментар