Револуција или реформи?

10/31/2006

Еден полу-анонимен коментатор (Хамлет-хм) ми пишува кон постот Резерват за „опасни животни“?:

„Ајде бе да праиме РЕВОЛУЦИЈА. Се е точно од она што запазуваш во твоите постови но никако да чујам (прочитам) каде и какво е чарето.“

Чарето не е во револуција, чарето е во системски реформи кои ќе овозможат:

- владеење на правото (наместо владеење на неправото и на самоволието на политичарите),

- почитување и заштита на човековите права и слободи (наместо систематско прекршување од државата и пасивност на институциите кои ги штитат);

- елиминирање на корупцијата, сиромаштијата, и необразованоста како претпоставка за економски и човеков развој.

Не е лошо да се потсетиме на зборовите на Крсте Мисирков, кој беше против планот за револуција:

„ Револуциiата на пролет ке бидит наi глупаото, шчо можиме ниiе да напраиме. Со револуциiата на пролет ке се користат само нашите неприiатели, коiи си имаат само есапи, противни на нашите национални интереси.“

Аргументите на Мисирков беа дека револуцијата ќе послужи само како изговор за неисполнување на реформите:

„Сакаме ли ушче iеднаш да не послужиме на Турциiа, и пак да не напраиме криви друзите за нашите грешки? Јас мисл'ам, оти нишчо друго не ни остаат да напраиме осим да се однесеме со полно доверiе ком реформаторцките усилiа на двете заинтересуани Сили, и сo тоа да иангажираме, час по скоро да се воведат обeк'аните реформи.“

Ако Мисирков беше во право, не ми е јасно зошто тогаш го славиме најглупавото нешто што сме можеле да го направиме - неуспешното Илинденско востание?

Ако Мисирков беше во право, тогаш крајно време е во нашиот политички речник да почнеме повеќе да го цениме зборот „реформи“ од зборот „револуција“.

Најпосле, последиците од „револуцијата“ од 2001 сеуште ги чувствуваме.

Поради отсуството на реформи, не само што не претркаа Романија, Бугарија, Хрватска, туку полека не претркуваат и Албанија, Црна Гора, Косово, Србија.

Токму затоа, на ниту една Влада не треба да и се остава никаков простор за неспроведување на реформите кои не приближуваат кон ЕУ.

А Владата на Груевски засега го прави токму тоа - со проектите веронаука, религиозни празници и со смешните изјави на нашите по странски медиуми : „...да се биде кандидат за членство без датум за преговори е како да се прави свадба без музика...“ (Милошоски: Преговори за членство во ЕУ во 2007 или 2008 година)

Каква „свадба“ бе штурче мрзливо?

Датумот за преговори требаше летово и есенва да го сработиш. Камо конкретни резултати од реформите?

Сакаме реформи и резултати, а не свиркање популистички песнички пред зима!

Не РЕВОЛУЦИЈА, туку РЕФОРМИ - час поскоро!

Златна капина

Еве уште една номинација за „Златна капина“ (заради трњето) во македонското новинарство, за категоријата „оригинална колумна“:

Наш бренд е првиот Универзитет во Европа од 9 век (пред Болоњскиот) и универзитетот од Моско Поле. Нас ли тие денес „болоњски процес“, драги мои?“ (Цртежи на песок)

Тетка Вики појаснува дека Болоњскиот универзитет е „...the oldest continually operating degree-granting university in the world...“.

Ако само малку се апстрахираме од ароганцијата на драгиот наш колумнист, веднаш можеме да ја насетиме неговата игноранција. Трба само да си поставиме неколку логични прашања за „нашиот бренд“:

1) Дури и да имало некаков „универзитет“ во Охрид, дали воопшто може да се споредува со Болоњскиот, со оглед на тоа што не оперирал постојано?

2) Имало ли некакви степени, дипломи, признанија кои се доделувале на „Охридскиот универзитет“ или пак станувало збор за обична школа за описменување каде што учениците биле поучувани на словенски јазик и глаголица?

3) Ако „Охридската книжевна школа“ ја прогласиме за „првиот Универзитет во Европа“, што правиме тогаш со Преславската школа, која тетка Вики ја смета за „the first literary school in the medieval Bulgarian Empire“?

Најпосле, ако „Охридскиот универзитет“ е навистина наш бренд, зошто тогаш нашиот драг колумнист ја премолчува трагичната вистина дека официјално, во Република Македонија нема такво нешто што се нарекува „Охридски универзитет“?

По се изгледа, нашиот бренд е ароганцијата и игноранцијата на универзитетските професори.

Останува само после овие писанија за „првиот Универзитет во Европа нашиот уште пооригинален „премиер“ да организира македонска експедиција на Антарктик, за поставување научна база која, за инает на Бугарите, исто така ќе се нарекува „Св. Климент Охридски“. Како може тие да имаат база на Антарктик „Св. Климент Охридски“, а ние да немаме?

Стварно нема смисла, Св. Грујо! Ај сега, трк на Антарктик.

Зошто афирмативна акција?

10/30/2006
















Ете, затоа!

„Златна малина“ за новинарство?

Крајно време е да се воведе нешто како „Златна малина“ во македонското новинарство. Знам, жестока ќе биде конкуренцијата. Токму затоа, еве на време да си го номинирам својот кандидат за категоријата „најдебилно новинарско аргументирање“:

Владимир Петрески: „Од каде доаѓа македонскиот антиамериканизам?“ (Шпиц):

„Барем младите луѓе, кои растат со западната култура преку филмовите, музиката, медиумите, Интернетот, литературата и слично, би требало да бидат толерантни кон земјите од каде што доаѓаат забавата и уметноста кои тие ги сакаат и консумираат.“

Дали тоа значи дека ако јавно ги бранам идеите од американскиот филм „Фаренхајт 9/11“ ќе бидам жигосан како „македонски антиамериканист“?

Дали тогаш оние што му доделија Оскар на Мајкл Мур се „американски антиамериканисти“?

Еве уште два аргументативни бисера од истиот текст:

„Мене како Македонец воопшто не ми е грижа за Ирак, иако сметам дека историјата треба да покаже дали на војната во Ирак ќе се гледа благонаклоно или негативно.“ (...)

„Она што мене ме интересира е нашите војници да добијат борбено искуство и да научат да се борат за да не ни се случуваат катастрофи како Карпалак...“

Човекот искрено и јавно си кажува дека воопшто не му е грижа за Ирак; го боли гајле за стотиците илјади жртви; за тоа што на еден убиен Американец во Ирак гинат по неколку стотини Ирачани.

Го боли гајле за мирот и стабилноста на Ирак; клучно во мисијата „Слобода на Ирак“ било „нашите војници да добијат борбено искуство“.

Ако нешто ви засмрде на канализација, тоа е затоа што го допревте дното на македонското новинарство.

Ништо без Трифолио

10/28/2006

После контроверзниот новинарски напис за Дон Хамбурго“, градскиот сенат на Скупи одржа итен состанок.

На состанокот беа присутни дон Aqua Minerale, дон Чаири, донa Центрисима, дон Карпуши, дон Сараи, дон Шутка, дон Аирпорте, дон Гази Бабуш, дон Бутелини, и дон Џорче. Сите со нетрпение го очекуваа пристигнувањето на дон Трифолио.

Кога дон Трифолио влезе во тајната ложа, џагорот ненадејно престана.

- „Ако продолжат преку медиумите вака јавно и бесрамно да ги рекетираат нашите преродбенички урбанистички потфати, и да ги обелоденуваат нашите контакти во странство, црно ни се пишува... Мора да преземеме нешто.“

Сите донови знаеја дека треба да предложат некоја оригинална идеја, ама никој немаше храброст да го скрши мразот.

Дон Сараи се осмели прв нешто да каже: „А да им го испратимо дон Кондовини со поклон од нашиот пријатељ Калашњиков?“

Дон Трифолио одмавна со главата: „Ми се свиѓа како размишљаш дон Сараи, ама тоа би ги угрозило ем странските инвестиции, ем помошта од ЕУ. А како што заклучивме на претходниот состанок - од народот малку што остана што да се краде. Мора да се свртиме нанадвор. Мора да размислуваме ем во духот на Рамковниот уговор, ем во духот на нашата нова девиза: „Мисли глобализациски, делувај локализациски!“

Дон Карпуши искористи прилика да се надоврзе: „Се согласувам со дон Трифолио дека треба да користиме посовремени методи. Ете, преку ЗЕЛС можеме да иницираме проект за децентрализирање на граѓанскиот менталитет, со непослушните новинари како целна група.

„Супер, супер“ - веднаш се уфрли дон Џорче. „Да ги собереме најпроблематичните новинари у некој хотел у Охрид, па у Крушево, па у Маврово и да им донесеме странски експерти да им децентрализираат мозок.

Не е лошо“ - потврди дон Aqua Minerale. „Малце да им исперат мозок во духот на тајниот слоган на ЗЕЛС - Во светот секоја општина си има мафија, кај нас секоја мафија си има општина!“

И на дона Центрисима и светна сијаличката: „Ако секоја македонска мафија, пардон - општина, усвои по две гневни новинарчиња - како портпарол и заменик портпарол - со тоа ептен лесно ќе го решиме проблемот. Тогаш многу повеќе новинари ќе работат за нас, отколку за нив.“

Дон Трифолио пресече: „Ако продолжат новинарите да чепкаат по Фи-Коми, катастари, по ДУП-ови и ГУП-ови, по непосредни спогодби, денационализации и транформации, ем „Кометал“ ќе остане без сала, ем Скопје без „Шпанско село“, без трамвај и без Кермес! Каде ли тогаш ќе пеам шлагери?“

- „Така е, така е“ - одобрија сите.

- Дон Трифолио се сврти кон дона Центрисима и почна да диктира:

„Донесувам одлука секоја скопска мафија, пардон „општина“, да основа бесплатен дневен весник во кој ќе вработи по дваесетина проблематични новинари.

Скупјани заслужуваат не еден, туку 10 бесплатни дневни весници.

Даночните обврзници имаат право секојдневно да ги следат активностите на секој дон-градоначалник и неговата администрација.“

Ете, за да заштедиме ем време, ем пари, сите нови дневни весници ќе се печатат во мојата нова печатница, штотуку купена од Виена!“

„- Ave Дон Трифолио, ништо без дон Трифолио...“

Tајниот состанок заврши со громогласен аплауз.

Мачки и луѓе

10/27/2006

Првата сцена искрено ме израдува.

Една жена ранеше петнаесетина улични мачки.


Втората сцена ме остави без зборови.

Почувствував срам додека го држев апаратот.

Резерват за „опасни животни“?

Македонија полека се претвора во камп за сиромашни и гневни луѓе кои никако не ќе можат да излезат од неа:

„ЕУ спроведува контрапродуктивна политика затворајќи го Западниот Балкан зад виртуелниот шенгенски ѕид. Слободниот проток на луѓе, стока, услуги и знаење е еден од принципите врз кои ЕУ ја изгради својата репутација и успех и без кои не можеме да се надеваме на конкурентност на глобализираниот светски пазар.“ (Јелко Кацин - пратеник во Европскиот парламент, Зад виртуелниот шенгенски ѕид)

Расмислете само, каде ќе имаме можност да патуваме по нова година, кога и Бугарија ќе ни воведе визи?

Само во некој друг „резерват“, во некоја друга зоолошка градина за „опасни животински видови“: Косово, Албанија, Србија...

Препорака за читање

Ретко што ме остава без коментар последниве години:

„To make the shot work, it helps to get a clear view of the victim’s eyes just before they’re covered. At the end the guys hold up the head streaming with blood and you might need to use some hand-held here, to catch everything. The shot must be framed carefully. It wouldn’t be good if you missed something.“

Weddings & beheadings (Hanif Kureishi)

Изјава на неделата

10/26/2006

Се воодушевив од реторичката умешност на пратениците на ДУИ:

„- Има луѓе што не оставаат празнина кога ќе заминат, ниту ќе влијаат таму каде што ќе одат.“ - Џеват Адеми од ДУИ (Фадил Сулејмани ја напушти ДУИ)

Сепак, едно пратеничко столче на ДУИ остана празно.

Сега ДУИ има 13 пратеници во однос на 11-те пратеници на ДПА.

Само еден пратенички пребег од ДУИ во ДПА, и ќе бидат пата-пата.

Едо Маајка Србин?

Уште еден медиумски бисер:

„Главна ѕвезда на фестивалот „До бандаш“, што ќе се одржи на 8 декември во скопскиот клуб „Хард рок“, ќе биде српскиот рапер Едо Маајка, кој ќе настапи заедно со Френки и диџеј Соул.“ (Настап на Едо Маајка)

То мора да је из љубави...

Експертски или медиумски автогол?

Уште еден јазичен автогол:

„Тука мислам дека треба да се направи напор, колку што е можно, да се искорегираат неправилностите при изговорот на македонскиот литературен јазик“, изјави Лорета Георгиевска Јаковлева, директорка на институтот за Македонска литература. (Јазикот не се употребува правилно во медиумите).

Останува дилемата:

Дали директорката на институтот за Македонска литература погрешно го употребува „искорегира“ наместо „искоригира“ (уште подобро, во духот на законот - „исправа“)?

Или пак станува збор за мошне симптоматична новинарска грешка која најилустративно покажува дека Јазикот не се употребува правилно во медиумите.

Глупавиот и поглупавиот

10/25/2006

Некои вести ме потсетија дека одамна не сум го гледал филмот „Глупавиот и поглупавиот“:

„Црвенковски истакна дека Македонија во овој момент не размислува ниту за намалување на бројот ниту за повлекување на нашите војници од Ирак.“

(Претседателот ке оди во Ирак)

А што мајка бара нашиот претседател во окупираниот Ирак?

Случајно „октоподот“ да не се скрил во близина на „ослободените“ нафтени полиња?

Или, поскоро, сака да даде поддршка на Медиумската офанзива на САД и на „крстоносецот“ Џорџ Буш кој продолжува да тресе невидени глупости:

Џорџ Буш ... рече дека Соединетите Држави се прилагодуваат на тактиката на непријателот за да го поразат.“

Која ступидарија:

1) Ако непријателите се „терористи“...

2) Ако САД „се прилагодуваат на тактиката на непријателот за да го поразат“.

тогаш, не следува ли дека:

3) САД се прилагодуваат на „терористички“ тактики за да го поразат „терористичкиот“ непријател?

И кој е сега поголем „терорист“?

Македонски автогол

10/24/2006

Да се надоврзам на постот на Анти.

Во чл. 6 од Законот за употребата на македонскиот јазик се појаснува дека „Заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик опфаќаат особено: (...)

- избегнување употреба на странски изрази и заемки, односно, по можност, нивно заменување со соодветни поими од македонската лексика;

- афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за битието и природата на македонскиот јазик во јавната комуникација;

- афирмирање на македонскиот јазик во светот; (...)“

Ај сега нека ми објасни некој „лектор“ зошто во законот се употребени странските изрази „афирмирање“, „комуникација“ наместо македонските изрази „потврдување“, „општење“?

Кога самиот закон ги крши насоките за унапредување на македонскиот јазик во истиот момент кога ги пропишува, што да очекуваме од оние кои би требало да го почитуваат законот?

Слободата на идеите

Еден цитат кој ме подразбуди од дремежот и ме потсети на еманципаторското мото на просветителството: „Имај храброст да го употребуваш сопствениот разум!“ (Sapere aude):

„Кои се начините да му се спротивставиме на теророт на религиозниот догматизам? Еден од нив, на пример, е повторното реафирмирање на слободата на идеите, која се' повеќе е загрозена под превезот на борбата против тероризмот или под превезот на лажната политичка коректност. Луѓето мораат да имаат шанса да ги критикуваат сите идеи, па и цели системи од идеи, макар се нарекувале религија, наука или национална сигурност. Почитувањето на другите не подразбира молчење за нивните верувања тогаш кога ќе оцениме дека тие верувања се опасни.“ (НИКОЛА ГЕЛЕВСКИ, Крајот на религијата?)

Методите за критичко мислење се најдобар начин за реафирмирање на слободата на идеите. Оти, дури и за религиозните догматисти има место во критичката дебата.

А дали веронауката (како слугинка на религиозниот догматизам) може да обезбеди критичка расправа и слобода на идеите?

Дали веронауката промовира употреба на сопствениот разум или пак помрачување на сопствениот разум со ирационалната верба во Светото писмо (и одбраните авторитети кои имаат монополска моќ да го толкуваат)?

Да не заборавиме на мудрото предупредување: Заспаноста на разумот креира монструми!

Критички мислители - разбудете се!

Кажи не на оружјето?

10/23/2006

Каква иронија...

Популарниот плакат „Кажи не на оружјето“ залепен на влезната врата на кичевското Ловно друштво со симптоматично име - „Елен“.
И тоа во ек на ловната сезона.

„Кад сам био млаџан ловац ја...“

Мизерија невидена!

Кутрите ергени од битолско! Купените жени им бегале по првата брачна ноќ:

„Валбона го чинела три илјади евра, пари што ги потрошил за патувањата во Албанија, да ја плати невестата...“ (Невестите-Албанки им побегнаа по првата брачна ноќ).

Навистина, не знам што е поголемо злодело: трговијата со жени (кривично дело според чл. 418а од КЗ) или пак известувањето на новинарката?

- „Според кажувањата, годинава 1.500 албански навести си нашле мажи во Македонија.“

Како бе „си нашле мажи“ кога биле купени како обична стока на пазар?

Да бевме нормална држава, јавното обвинителство веднаш ќе покренеше кривична истрага против „кутриот и напуштен“ зет „Слободан Златевски (33) од битолското село Далбеговци“.

Да бевме нормална држава, немаше да читаме вакви ступидарии по весниците во кои криминалци (сторители на насилство врз жените) се претставуваат како „кутри и напуштени“.

TOP SECRET

10/22/2006

Од извори блиски на телохранителите на премиерот, дознаваме дека во најскоро време ќе биде решена и енигмата за назначување нов јавен обвинител. Граѓани на Македонија, можете да здивнете - долгоочекуваната жестока борба против корупцијата конечно ќе започне.

Мудрите владини советници, во соработка со научниците од МАНУ, најпосле изнајдоа успешно и трајно решение за прв јуришник во борбата против октоподите, бачилата, урбаната и руралната, глобалната и локалната мафија.

Извори блиски на секретарката на претседателот на МАНУ ни потврдија дека во тајната лабораторија за клонирање во МАНУ се прават последните психо-физички тестирања на неговото височество БРУС ЛИ - успешно клониран од влакно кое во најголема дискреција беше купено од тајните агенти на ЦИА и прокриумчарено преку граничните терминали на Фершпед (за да не се сетат Власите).

Од извори блиски на преведувачката на џез фестивалот, дознаваме дека во тек се тајни преговори со Колман за џез-преработка на хитот „Удри Брус Ли, тепај Брус Ли, потепај ги свииииии...“ - како предлог за новата македонска химна.

Од извори блиски на кинотека на Македонија, дознаваме дека Владата тајно преговора и со Милчо Манчевски за подготовка на сценарио за филмскиот проект првенец на MAKWOOD - „Во октоподовото гнездо“!

Од извори блиски на пудлицата на Градоначалникот на Скопје, дознаваме дека е веќе договорено улицата „Маршал Тито“ да се преименува во „Брус Ли“, а истоимената гимназија да се реформира во училиште за бокс, кунг фу и други боречки вештини - под покровителство на премиерот Груевски.

Секундарна виктимизација

10/21/2006

Мнозинството жртви од конфликтот во 2001 год. повторно станаа жртви од долгогодишната битка против системот, во обидот да ги заштитат своите права.

Мнозинството внатрешно-раселени лица станаа жртви на корупција, на молкот на администрацијата, на високите судски такси, на бавните судски процеси, на партизираноста на државните институции, на негрижата на надлежните служби, на обидите за присилно враќање во нивните домови, и на неспроведување судските пресуди.

Хелсиншкиот комитет во последниот извештај наведува случај каде што државата не спроведува пресуда на Врховниот суд после молкот на администрацијата (повеќе од година и половина) од поднесувањето барање за детски додаток!

Обидете се само да го замислите револтот на внатрешно раселените деца и нивните родители кои најголем дел од своето време и здравје го потрошија во барање правда пред државните институции.

Што стана со хуманоста и солидарноста?

Што стана со борбата против сиромаштијата?

Што стана со начелата на приоритет и итност во судските постапки за заштита на слободите и правата утврдени со Уставот?

Октоподот

10/20/2006

Со нетрпение го читав Обраќањето на Претседателот Црвенковски на Самитот на земјите од Југоисточна Европа посветен на борбата против организираниот криминал и тероризам.

Читам, читам, „октопод“ никаде не се споменуе.

Бане, што стана со „октоподот“?

P.S. Сте ја чуле новата македонска народна поговорка?
- „Октопод вјавај, октопод барај“

Овци на патот!

10/19/2006

После една седмица без весници и компјутери, најинтересен ми се виде следниов текст:

„Возењето по македонските улици воопшто не е еднолично. Никогаш не знаете кога ќе наиде свиок, ќе поминете покрај скапано фиќо или ќе ве пречека бик на патот.“ (Повеќе бикови од патокази)

Авторите на контроверзната репортажа зборуваат за два патувачки предизвика низ Македонија: недостатокот од патоказни табли и изобилството дупки на патот.

Дупките на патот ми се една од омилените теми - ја оставам за некој следен пост.

Овој пат, давам предлог за нова патоказна табла:

Овци на патот!

Ако можат нордијците да имаат сообраќаен знак „Елени на патот“, зошто ние да немаме „Овци на патот“?

Првиот сообраќаен знак можеме свечено да го поставиме пред македонското Собрание.

(фотографиите се снимени на два различни македонски автопати)

Киро&Мето-дологија

10/12/2006

Еве и еден поглед однатре, нешто како претсмртно „опело“ на „жилавиот диносаур“:

„На Универзитетот, ние сме најфини и најкултурни - ние знаеме дека „кралот е гол“, дека ја препишал книгата или им ја продава со список на студентите, ама си премолчуваме - од култура! Избегнуваме пишување на прикази на најнови книги, за да не се замериме еден со друг. И така тивко умираме - духовно и идејно.“ (Д-р Билјана Ванковска, во нејзината најнова колумна во „Фокус“ - „Каде џенем да фатам?“)

Препишување книги и (пре)продавање со список на студенти - такви ли вештини ќе стекнуваат нашите академски граѓани?

А да почневме да покажуваме со прст, и да посочуваме, со име и презиме и аргументи?

Почитувана професорке - редно е јавно да ги посочите корумпираните колеги ако имате такви сознанија.

Оти, прикривањето казниви дела е форма на соучесништво!

Само така ќе дадете пример за демократска култура.

Вака, испаѓа дека само „културно“ си ја изразувате маката - со зборови, продолжувајќи да се солидаризирате со вашите корумпирани колеги - на дело.

За насилството врз жените


Ме заинтригира укажувањето на ВББ во коментарите на провокативниот пост Ново видео на Аmnesty International од кампањата "Stop Violence Against Women" од Деа:

„Факт е, угнетени жени има, ама ВОГЛАВНО можеме да ги лоцираме во некои пониски, рурални, традиционални патријахални слоеви итн.“.

Сепак, посоченото видео не прикажува „рурална“, туку урбана жена, а насилникот не е опијанет „селанец“, туку урбан тип со „пицнати“ панталони и кравата!

Деа тоа мошне добро го забележува:

„...мажот што ја тепа жената е така фино облечен, исто толку фино колку што е фин и намештајот во куќата а и ПОДОТ НА КОЈ ЛЕЖИ ПРЕТЕПАНАТА ЖЕНА. А и таа самата е далеку од забулена и дејствието далеку од тоа дека се случува во “село во Бангладеш“. Значи заклучок? Семејното насилство е реалност и кај нас, и може да се случува кај вас спроти улица.“

Како поткрепа на аргументите на Деа, потсетувам што укажав во постот Насилството е показател за нееднаквост!:

Според МВР, како жртви на семејно насилство најчесто се јавуваат сопруги, а како сторители се најчесто мажи: „Во врска со регистрираните осум кривични дела „тешка телесна повреда“, сите сторители се лица од машки пол. Во четири случаи се извршени над сопруги, во три случаи жртви се родители, а во еден случај оштетена е вонбрачна сопруга.“

Погледнете ја и презентацијата СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО I-ВО ТРОМЕСЕЧИЕ 2006 ГОДИНА СКОПЈЕ.

Според МВР, „најчести сторители на кривичното дело »телесна повреда« се мажи кои во повеќето случаи по дејство на алкохол, физички ги малтретирале своите сопруги или родители, притоа нанесувајќи им телесни повреди.“ (Семејно насилство 2005 година).

Бесплатна правна помош за семејно насилство и други повреди на правата на жените можете да побарате тука:

ЕСЕ – Центар за правна помош - Скопје (02 3117 866)
АНИ – Центар за правна помош - Штип (032 391 991)
ФАЖ - Центар за Правна помош - Тетово (044 343 410)

Breaking News

Каква трагедија!

Еден безбол играч удрил со своето авионче (повторувам, со авионче, а не со хелихоптер!) во една Њујоршка педесеткатница, при што настрадал заедно со неговиот инструктор. (Crash caught on tape).

На CNN го отекоа.

„Трагедијата“ на американците не може да се споредува со другите трагедии:

Убиени седум лица во напад врз ирачка телевизија

Во напад на бомбаш самоубиец 19 ранети!

Американско списание тврди дека во Ирак загинале 655.000 луѓе.

Ама соопштуваат дека по најновото убиство на два војника, „2,754 U.S. military personnel have died in the Iraq war“. За тоа ги боли гајле.

На еден убиен Американец во Ирак гинат по 237 Ирачани???

Но, види изненадување.

Пред неколку минути ја прекинаа приказната за авиончето (повторувам, за авиончето, а не за хелихоптерот!) за да соопштат дека се срушил авион и на московскиот аеродром. Токму сега појаснуваат дека можеби и не се срушил, можда само се запалил. А тоа веќе не е интересна приказна.

Ај да го завршам постов, дури не јавиле дека не бил авион, туку хелихоптер.

Празник на насилството?

10/10/2006

Во своето обраќање по повод 11 октомври, Претседателот на Републиката прави паралела помеѓу случувањата од 1941 во Прилеп и нашето приклучување „...како рамноправен партнер во борбата против глобалното зло на тероризмот“

Погледнете ја само лицемерната поента на нашиот врховен командант: „Сите ние имаме исти цели, за слобода, демократија, просперитет, заеднички се стремиме сите проблеми да ги решаваме на мирен, демократски, европски начин.“ Ако е така, зошто тогаш праќаме војници во војна?

Е, мој претседателе - ниту нападот на полициската станица во Прилеп не е „мирен, демократски, европски начин“ на решавање на проблемите, ниту пак е „борбата против глобалното зло на тероризмот“ во Ирак. Притоа, имплицитното изедначување на „терористите“ со „фашистите“ е срамна манипулација.

Да не се правиме наудрени. Колку и да ни е мил празникот, со 11 октомври на мала врата се слави и насилството како легитимен метод на решавање на проблемите, што е спротивно на начелата на кои се темели „пост-рамковна“ Македонија: „Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.“

Жива хипокризија е да се слави и милитаристичкиот „11 октомври“ и пацифистичкиот „Рамковен договор“ - и притоа празникот да се користи за да се оправда испраќањето „мировни“ мисии во „во борбата против глобалното зло на тероризмот“.

Ако се согласиме дека военото насилство не е метод за заштита на човековите права, тогаш тој принцип треба да важи подеднакво, и за сите. Оти - насилството раѓа насилство, а теророт - тероризам!

Во спротивно, сосем ќе биде легитимно „рамковното“ политичко барање нашата држава да го прославува и денот кога за првпат била нападната некоја наша полициска станица од УЧК.

Скраја да е!

МВР (дез)информира?

Еден симптоматичен цитат од промотивниот флаер на МВР - „Европски закон за европска Македонија“:

„Предлог Законот за полиција ќе овозможи поголема заштита на човековите слободи и права, без разлика на нивната расна, национална, верска, социјална или полова припадност.“

Како прво, човековите слободи и права немаат никаква расна, национална, верска, социјална или полова припадност. Оттаму, формулацијата во која се зборува за нивната припадност е глупост. Луѓето имаат расна, национална, верска, социјална или полова припадност..., а не правата.

Како второ, во Предлог Законот за полиција не постои конкретна антидискриминаторска одредба во која стои описот „без разлика на нивната расна, национална, верска, социјална или полова припадност.“ Значи, промотивниот флаер на МВР ги доведува во заблуда граѓаните дека постојат законски одредби кои ќе ги заштитуваат од дискриминација.

Како трето, споменувањето само на расната, националната, верската, социјалната или половата припадност не е во согласност со Уставот, а уште помалку со Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП).

Нашиот устав вели дека „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба.“ Значи, споменати се повеќе основи.

Меѓутоа, како земја што сме ја ратификувале ЕКЧП треба да се држиме до формулацијата од протоколот 12, во која се прецизира дека уживањето на било кое законско право ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа (и тоа не само за граѓаните). Потоа, само како примери, се дадени следниве основи: пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго гледиште, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, сопственост, раѓање или друг статус.

Во експланаторниот извештај е јасно наведено и дека „сексуална ориентација“ спаѓа во „друг статус.

Само со вакви експлицитни антидискриминаторски одредби Законот за полиција ќе овозможи „поголема вклученост на заедницата...“.

Химната

Знамето еднаш го шитнавме, за името уште се пазариме, грбот ич не си го есапиме.

Химната ја изведуваме само на спортски натпревари.

Кога ќе се потсетам само дека пред пет години луѓето од мака пееја:

Денес над Македонија се гаѓа...“

Ме задума малце текстот на химната: „Македонците се борат за своите правдини!...“

Спомнати се:Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“

Питу Гули - Македонец?

Македонската Википедија укажува: „Современиците се согласни во тврдењето дека Питу Гули се родил во Крушево и дека бил од влашко, ароманско потекло.“

Дали тоа значи дека во текстот на нашата химна зборот „Македонци“ се употребува во не-етничка смисла?

Секоја чест ако е така, но тогаш текстот на химната не одговара на нашата пост-рамковна етно-националистичка реалност.

Ако пак не е така, дали е тогаш фер да се споменуваат само етничките „Македонци“, а не и другите конститутивни етникуми спомнати во преамбулата на Уставот?

Исто така, дали е фер што воопшто не се споменува ниту една жена?

И кој го „помакедончи“ Питу Гули?

Оптимистите многу почесто се смеат?

10/08/2006

Некаде пред месец и половина шеговито напишав:

Ќе сфатат ли конечно „розите“ дека Буч е „момак на лошем гласу у овом граду“, и дека е крајно време „битангите“ на СДСМ да и го отстапат раководното место на нивната ЕУ-„принцеза“? (Битанги и принцеза)

Бучковски не ја доби довербата од СДСМ - е веста на денот.

Чудно, ама на крајот ми стана дури и симпатично тоа што Бучковски беше доследен оптимист до последниот момент. Да се надеваме дека гласачите повеќе нема да наседнуваат на евтините лажни надежи на политичките оптимисти со глава во песок.

Независно од тоа кој ќе ја добие довербата на СДСМ, со падот на Бучковски завршува една политичка етапа во македонската „транзиција“.

Гледајќи отстрана, баш ме интересира дали и во СДСМ ќе се случи политичко подмладување и какви нови идеи ќе донесат новите луѓе.

Или пак ќе го гледаме „Враќање на отпишаните“ (2 дел)?

Која е нашата приказна?

Интересна илустрација за тоа колку е неблагодарно и тешко да се пишува за тековните македонски политички состојби:

Making Peace Prevail е приказна за една поранешна југословенска република што мирно се отцепи во 1991 год. без насилство и крвопролевање што ги придружуваа сите други отцепувања во Југославија. Оттогаш, Македонија беше успешна во градењето демократија и отпорна држава, и во менаџирањето на односите со нејзините етнички малцинства и регионални соседи. Од претходните расправи очигледно е дека политичките и етничките лидери на Македонија и неколку трети страни направија значајни инвестиции за спречување на насилен конфликт. Иако некои малцински прашања, како тоа со Тетовскиот универзитет и употребата на албанскиот јазик како официјален јазик насекаде, останаа неразрешени, беше направен значителен напредок кон пропорционалното претставување и поделбата на моќта, и кон претставувањето на етничките Албанци на повеќе професионални нивоа.“ (Ackermann, Alice. Making Peace Prevail: Preventing Violent Conflict in Macedonia. Syracuse, N.Y. Syracuse University Press, 2000, p. 171)

Што мислите, дали политичката реалност ја демантираше авторката на оваа книга или она што таа го пишува е веродостојно за периодот пред конфликтот во 2001 год.?

Партизација

10/07/2006

Наместо да почне да се промовира како „сервис на граѓаните“, МВР продолжува да се промовира како „сервис на партијата на власт“.

Соопштението на МВР за „посебниот извештај“ до надлежното Јавно обвинителство ги демантира сите декларативни политички заложби пред ЕУ дека настојуваме да градиме европска полиција.

И новата Влада продолжи со практиката: „МВР те тужи, МВР те суди“.

Како што истакнав во друг пост, „За прашањето дали имаме „сторител на кривично дело“ одлучува само и единствено Судот. Само судот утврдува фактичка состојба.“

Во споменатото соопштение МВР се става во улога на суд и утврдува факти: „тогашниот заменик претседател на Владата на РМ - Радмила Шеќеринска ... ја искористила службената положба и направила штета на буџетските средства“.

Партизацијата е хронична болест на македонската демократска „транзиција“.

Во изминативе деценија и пол бевме сведоци на многу случаи кога Република Македонија беше загрозена од политичари кои ги фаворизираа партиските интереси над државните, злоупотребувајќи ги своите државни функции.

За жал, таквиот тренд продолжува и од страна на претседателот на Владата и од страна на претседателот на државата.

Погледнете ги овие злоупотреби на државните позиции:

1) Зошто воопшто Претседателот на Владата зазема став за прашање кое не е во негова надлежност?

- „Јасно е дека се работи за прашање на членовите на СДСМ и делегатите на конвенцијата, а подоцна и на конгресот, каков лидер и каква партија сакаат, дали сакаат нова, реформирана и променета партија, каква што е потребна на државата и политичките процеси, или пак сакаат нешто друго, изборот е нивен.“ (Став на Премиерот Груевски по повод случувањата во СДСМ...)

2) Зошто воопшто Претседателот на државата зазема став за прашање кое не е во негова надлежност?

„Сепак, имајќи го во предвид фактот дека Претседателот Црвенковски повеќе од 13 години беше Претседател на СДСМ и добро познавајќи ја оваа партија и нејзиното членство, Претседателот Црвенковски е убеден дека ова провидно сценарио на владејачката партија и на нарачателите од редовите на СДСМ, ќе постигне сосема спротивен ефект.“ (Реакција на Кабинетот на Претседателот на Репблика Македонија во врска со денешното соопштение за јавноста на Министерството за внатрешни работи)

На „државникот“ му се помили партиските обврски од неговите претседателски надлежности?

Погледнете го само ова бизарно појаснување:

„Вчерашното соопштение на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, како и сите досегашни, е со целосна согласност и одобрување од страна на Претседателот Црвенковски.
Одредени
членови на Кабинетот на Претседателот се членови и носители на партиски функции во СДСМ и согласно на тоа, сосема е легитимно тие да имаат политички ставови во однос на случувањата на СДСМ и утрешната конвенција.
Впрочем на Владо Бучковски не му пречеше поддршката на тие членови на Кабинетот на Претседателот, при неговиот избор во СДСМ пред повеќе од две години.“

Господа, вашите „легитимни“ партиско-политички ставови можете да ги соопштувате од вашите партиски кабинети, а не од државни позиции.

Не е ли ова типична злоупотреба на претседателската функција која се претвора во „сервис“ за тесно-партиско поткусурување?

FYROM и на тебе!

10/06/2006

Изразувам јавна благодарност до Комитата кој врз основа на аргументите изнесени во коментарите од постот Википедија лаже?! направи измени во статијата од бугарската Уикипедиа - Спор за името на Република Македония.

Статијата нуди и интересно образложение за употребата на кратенката FYROM:

„съкращението не е официално санкционирано от ООН. Въпреки това съкращението масово се ползва поради следните причини - незнание за политическата чувствителност по въпроса, съзнателно игнориране на официално приетото име, езикови причини (твърде дълго за бързо изговаряне и писане) и технически причини (недостатъчно място в различни бази данни за пълното изписване на името).“

Се разбира, постои уште една причина - жестоката кампања на "Hellenic Republic" (таканаречената „Greece“ или „Hellas“).

Како илустрација за различните синтактички решенија кои се користат во меѓународните организации (и за масовната неофицијална употреба на FYROM) може да послужи следнава листа:

- The former Yugoslav Republic of Macedonia (заведени под T) - ОН (и покрај тоа, машината за пребарување на ОН дава над 500 резултати кога пребарувате под FYROM!)

- ”The former Yugoslav Republic of Macedonia” - Совет на Европа (ко за беља, комисијата ECRI во која членува несудениот преговарач и „борец за името“ на интернет страницата објавува извештај за FYROM)

- The former Yugoslav Republic of Macedonia - European Commission (за жал, во многу документи продолжува да се користи кратенката FYROM)

- The former Yugoslav Republic of Macedonia - ОБСЕ (но пребарувачот потврдува дека и FYROM се користи во неколку документи)

- FYR of Macedonia - World Bank (Kога ќе кликнете на линкот стои само „Macedonia“, но во многу документи на Светската банка се среќава и FYROM.)

- Former Yugoslav Republic of Macedonia (FYROM) - WTO (како воопшто некој се согласил да бидеме примени ем со привремен опис, ем со акроним?)

- the former Yugoslav Republic of Macedonia (1) (Turkey recognises the Republic of Macedonia with its constitutional name) - NATO (погледнете го линкот и се ви станува појасно, а и машината за пребарување наоѓа над 470 документи со FYROM).

Ете задача за нашиот министер за надворешни работи - итно да побара отстранување на неофицијалната кратенка „FYROM“ од сите организации во кои официјално сме примени со друг привремен опис.

Ќе ги учиме и за инквизицијата?

10/05/2006

Во денешната колумна „Антипункт“ (Шпиц), „Десет причини против веронауката“, Ивица Антески пишува:

„Никаде, во ниедна книга, во ниеден весник, не прочитав дека Црквата ги признала своите злосторства, и не се извинила за своите злосторства. Кој да им се извини на милионите луѓе што умреле поради тоа што Црквата, со догмите кои ги ширела, го попречувала развојот на науката, медицината, фармацијата. (...) Кој да им се извини на оние што биле прогонувани затоа што ширеле ереси, богохулства, вештерства, магии, богомилство, на оние што биле душевно болни, а биле изгонувани како опседнати со демони... Легитимна ли е црквата по непризнавањето на своето црно минато.“

Прашањата се сосем на место.

Папата во 2000 година има побарано извинување за последиците од Инквизицијата - за „грешките направени во служба на вистината со привикување на не-евангелистички методи.“

Во 2004 година, Ватикан се обиде да се ослободи од дел од историскиот товар заради прогонување и палење на вештерките и еретиците (вклучително и на муслиманите и евреите кои конвертирале во католицизам): „Torture, burning at the stake and other punishment for the faithful condemned as witches or heretics by church tribunals during the Inquisition was not as widespread as commonly believed, the Vatican said Tuesday.“

Демек само еден процент од 125,000 судења во Шпанија завршиле со смртна казна, а 5,7 проценти од 13.000 судени луѓе во Португалија добиле смртна казна. Всушност, Ватикан сакаше да се ослободи од одговорноста за ловот на вештерки во протестантските земји и за смртните казни изречени и спроведени од не-црковни трибунали.

Што ако сега, следејќи го Ватикан, наследниците на поранешните социјалистички држави се извинат само за оние што неправедно добиле смртна казна како резултат на судски процес, неприфаќајќи ја одговорноста за сите што биле мачени, прогонувани и убивани од името на „комунистичката вистина“ без воопшто да ја имаат привилегијата да бидат (о)судени?

Википедија лаже?!

10/04/2006

Хрватско-српската Википедија суши:

„Službeno ime je Republika Makedonija (FYROM). Najveći broj zemalja (sve zemlje Evropske unije) i međunarodnih organizacija priznaju je međutim pod imenom Bivša Jugoslovenska Republika Makedonija zbog spora oko imena sa Grčkom...“

Тко че ткоме ако не свом своме?

Словенечката Википедија за нашата држава тврди дека „večina držav in mednarodnih organizacij priznala državo pod imenom Nekdanja jugoslovanska republika Makedonija oz. angleško kratico FYROM (Former Yugoslav Republic of Macedonia).“

Вака ли Словенците ќе лобираат за нас?

И хрватската Википедија не е ништо подобра: „...država u međunarodnoj zajednici poslije raspada Jugoslavije službeno zove Bivša jugoslavenska republika Makedonija ili na engleskom Former Yugoslav Republic of Macedonia -(FYROM [1])“

Отвори го само линкот и кажи кај гледаш кратенка „FYROM“?!?

И англиската Википедија лаже:

As the result of a naming dispute with Greece, in 1993 it was admitted to the United Nations under the provisional name the Former Yugoslav Republic of Macedonia (FYROM), pending resolution of the dispute.

И тие го даваат истиот линк како и хрватите кој демантира употреба на FYROM

во ОН.

А глејте што ни прават браќата Бугари на Уикипедиа -

Република Македония/БЮРМ или Вардарска Македония (географски регион в Бившата Югославия) , държава на Балканския полуостров“:

„Организацията на обединените нации (ООН) и Европейският съюз признават държавата, използвайки „временното“ (до разрешаване на спора[3] [4]) име „the Former Yugoslav Republic of Macedonia (FYROM)“ („Бившата Югославска Република Македония (БЮРМ)“) и в много официални и международни документи се използва това име.“ (Спор за името на Република Македония).

Што ќе правиме сега?

Ќе ја бојкотираме Википедија или ќе се бориме против лажгата за „ФИРОМ“?

Ако не можеме да ги убедиме нашите соседи и поранешни сограѓани, како ќе ги убедиме останатите?

Јадно и бедно

10/03/2006

Понекогаш, бројките создаваат главоболки:

„Според извештајот во 21 век, во земјата која е кандидат за влез во Европската Унија дури 11% од домовите на граѓани немаат пристап до вода, 36% се без канализација, а 15% немаат купатило.“ (Повеќе од 240.000 граѓани на Македонија живеат сиромашно)

А да почневме од почеток, за да не го допреме дното?

Да почнеме со водовод и канализација, со асфалтирање патишта (и крпење дупки), со „општонародни“ курсеви за ИТ писменост?

А за нашата сиромаштија од знаење - што да се каже?

Спомна некој библиотеки? (Најновата „Библиотека“ е продавница за алкохол)

НУБ зјае празна - малку книги, уште помалку читатели.

Кој ни е крив што нашиот „премиер“, наместо да чита лектири, кидал од часови? (Писмо на непозната адреса)

Берете памет - очигледно, читањето книги не се исплати.

Тренирајте бокс и одење со крупни чекори.

Идентитетот произведува насилство?

10/02/2006

„Замислете, натераа жена-пратеник, млада и почетник во политичката кариера да си го смени својот етнички идентитет во име на повисоки партиски цели“ - укажува Теута Арифи во својата денешна колумна.
Ги натера ли некој десетиците илјади етнички македонци да си го менуваат етничкиот идентитет во потрага по бугарски пасоши? Случајно Шенген да не ги натера?
Ги натера ли некој стотиците студенти да го менуваат етничкиот идентитет за студентски статус? Случајно квотите да не ги натераа?
Може ли некој да те натера да си го смениш етничкиот идентитет?
Толку ли е моќно тоа фамозно „Бадентерово мнозинство“?
Кога ли ќе сфатиме дека пост-рамковната политика на стабилни и исклучиви етнички идентитети произведува структурно насилство?

Зомбификација лично!

10/01/2006















Од денешната прошетка на Водно.

Правобранителски автогол

На „Еврозум“ пуштија изјава од нашиот Народен правобранител во која го критикува Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.
Демек, тој сектор „ги криел, наместо да ги разоткрие“ слабостите во МВР.
Најблаго речено, ваквата критика е непристојна затоа што доаѓа од институција која има неверојатна законска моќ да открие секаква слабост во МВР, особено кога станува збор за прекршување на човековите права.
На пример, Народниот правобранител може „да влезе во службените простории и да изврши непосреден увид во предметите и работите од нивна надлежност“.
Дали Народниот правобранител извршил некогаш непосреден увид во предметите на секторот за внатрешна контрола? Дали извршил непосреден увид кај „Алфите“, кои беа пофалени од министерката како единица која покажува резултати (бездруго и во кршење на човековите права).
Навистина, дали ви е познато дека Народниот правобранител утврдил некогаш повреда на човековите права - од Секторот за внатрешна контрола или од други сектори при МВР? Дали ја искористил можноста да го објави случајот во средствата за јавно информирање на трошок на МВР?
И кој после ги крие, наместо да ги разоткрие, слабостите во МВР?
Уште еднаш сме сведоци на симптомот - „магаре вјавај, магаре барај“.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week