Право на одмор

7/22/2006

Како протест против бездушните новопечени капиталисти кои не го признаваат правото на годишен одмор, блогот Зомбификација ќе штрајкува до 1-ви септември.
Блогетери од сите земји, одморете се :)

Ројалистичка хипокризија

7/17/2006

Секојдневно, медиумите не бомбардираат со фотографии од мртви или ранети луѓе (дури и деца) и со фотографии од оружје во убиствена акција.
Верувам, се сеќавате, многу луѓе беа шокирани кога беа објавени
фотографии од мртвите тела на браќата на Садам Хусеин. Кај нас никој не се побуни кога беа објавени фотографии од мртвите тела на убиените кај „Раштански лозја“.
И британскиот топ медиум BBC објавува
фотографии од мртви луѓе.
Одеднаш, Британците почнуваат да се бунат зошто е
Објавена фотографија на која принцезата Дајана лежи мртва:
„Потегот на италијанските медиуми предизвикал голема возбуда и огорченост кај многумина, меѓу кои и принцовите Вилијам и Хари, на кои им се слошило од фотографијата. Тие се почувствувале како некој да танцувал по гробот на нивната мајка.“
Не верувам дека размазените „принцови Вилијам и Хари“ биле толку возбудени и огорчени кога ги гледале мртвите тела на BBC и дека тогаш се почувствувале како некој да танцува по гробовите на прикажаните мрти луѓе.
Уште едно сведоштво за Британската и нашата хипокризија.

Голем пораз, мала победа?

7/16/2006

Еве дел од анализата на Жидас Даскаловски во текстот Голем пораз за СДСМ - мала победа за ВМРО-ДПМНЕ:
„Иако ВМРО-ДПМНЕ освои 32 отсто од околу 978.000 граѓани што гласаа (од 1.741.449 во избирачкиот список) излезеноста на овие избори беше релативно мала, 56 отсто. Всушност ВМРО-ДПМНЕ освои само 17 отсто од регистрираните гласачи. Треба да се земе предвид дека токму разочараноста на македонските граѓани со владеењето на бившата влада резултира со изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ и дека стравот СДСМ да не остане на власт ги натера многумина да гласаат за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, иако во други услови тие не би гласале за нив. Прашање е дали тие би биле мотивирани така да гласаат на наредните избори. Ваквото „казнување на лошата власт“ се случува на секои избори, но, веројатно е дека бројот на тие што излегуваат да гласаат само зошто се гневни на власта на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ се намали. На изборите во 2002 година, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно освоија 800.000 гласа, додека во 2006-та бројката е 520.000.“
И оваа анализа оди во прилог на мојата теза дека е забележлив тренд за надминување на
лажната дилема „или СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ“. За жал, овој тренд немаше толку позитивен учинок на овие избори, поради отсуството на крупна „центарска“ коалиција која сигурно ќе направеше тектонско поместување во македонската политичка сцена. (видете ги коментарите на постот на Боцевски).

Малку „шпиц“, малку „рогање“

7/15/2006

Шутирањето со „шпиц“ е одлика на прави мајстори, и тоа само во ретки прилики. Тоа ги разликува од „рогачите“ кои шутираат со „шпиц“ кај ќе стигнат.
Ај да видиме дали последната „острилка“ на Ивица Антески (
Хелсиншки во офсајд) е мајсторски „шпиц“ или обично „рогање“.
Еве на која оценка реагира Антески:
"Според сознанијата добиени од непосредното набљудување и извештаите на набљудувачите од други невладини организации прекршувањата на бирачкото право од големи размери направени во гласачките места со доминатно албанско население директно се одразија на бројот на местата кои во парламентот ги добија конкретни партии и во услови на потполно отсуство на соодветно делување од страна на ДИК за заштита на законитоста на изборите, директно влијаат на стабилноста на идната влада и на нужноста од непосакувани коалиции.“
Иако аргументот е комплексен, Антески се фаќа само за матниот заклучок:
„Какви се тие „непосакувани коалиции” и зошто би го загрижувало Хелсиншки, фактот дека ќе има „нестабилна влада”? Тоа се политички оценки што не се во функција на борбата за човекови права. Шут во празно.“
Во големата реченица од извештајот на „Хелсиншки“ е направен обид да се покаже како „прекршувањата на бирачкото право од големи размери“ директно влијаат како на бројот на освоени мандати, така и на „стабилноста на идната влада и на нужноста од непосакувани коалиции.“
Всушност, оценката на „Хелсиншки“ е обид да се покаже како прекршувањето на човековите права влијае во процесот на формирање на политичката сцена, и затоа тврдењето на Антески дека таквата „политичка оценка“ не е во функција на борбата за човекови права е обично „рогање“.
Дел од мандатот на „Хелсиншки“ е да дава оценки што се однесуваат на политиката на човекови права, водејќи сметка и за почитувањето на демократските принципи и владеењето на правото.
Сметам дека шутот на Антески ќе бил далеку поефектен ако во случајов го обвинел „Хелсиншки“ за конфузност, и за обид за „прорекување“, затоа што мандатите сеуште не се верификувани (допрва ќе се прегласува на некои места) и затоа што е дадена оценка за нешто што допрва ќе се случува, а не за нешто што веќе се случило.
Втората констатација на Антески е токму во таа насока:„А загриженоста за парламентот во кој влегле пратеници што биле во судир со законот е офсајд. Ниту е конституиран парламентот, ниту има пратеник за кого има правосилна пресуда. Офсајд.“
Оценката на „Хелсиншки“ дека „се стимулира порастот на криминогениот фактор во составот на Собранието“, поради „отсуство на реакција на предлагањето кандидати за пратеници кои се осомничени или обвинети за учество во големи прекршувања на законот“ е, најблаго кажано, избрзана. Таа не води сметка за правото на пресумпција на невиност и претпоставува дека во Собранието веќе имало „криминоген“ фактор, претпоставка која не ја поткрепува со правосилни судски пресуди.
Овој „шпиц“ не е обично рогање.
Е, сега, зошто „Шпиц“ мава токму по овие слабости од обемната анализата на „Хелсиншки“, кој смогна сили да се огради од сопствената првобитна оценка, изнесувајќи притоа мошне цврсти аргументи?Дали е тоа прашање на „уредувачка политика“, или повторно е во игра борба на суети?

Изборна кражба?

Што да се каже по поништувањето на гласањето во неколку избирачки места? Прво, нешто е ептен труло во „пара-државата“ Зајас:
На гласачкото место 0816, коалицијата ДУИ-ПДП освоила 925 од 926 важечки ливчиња, при излезени 78,76 % од избирачите.
На гласачкото место 0828, коалицијата ДУИ-ПДП освоила 878
од 878 важечки ливчиња, при излезени 74,26 % од избирачите.
На гласачкото место 0829, коалицијата ДУИ-ПДП освоила 256 од 260 важечки ливчиња, при излезени 46,83 % од избирачите.
Е како тоа одѕивот од место до место да се разликува дури 32% и речиси сите гласови да ги освојува само еден кандидат?
Нешто смрди и во Тетово: На гласачкото место1985, излегле дури 91,46 % од избирачите, на гласачкото место1986, излегле 46,71 % од избирачите, а на гласачкото место1987 излегле 76,14 % од избирачите.
Најмногу „базди“ во општина Желино каде што на изборното место 2090 гласале 28,37 % од избирачите, на изборното место 2091 - 27,54 %, на изборното место 2092 - 37,53 %, на изборното место 2098 - 32,39 %, а на изборното место 2099 дури 98,66 %, на 2100 - 90,38 %, на 2101 - 85,42 %, а на 2102 само 18,27% од 717 избирачи!!!
Во изборното место 2099, од вкупно запишани 448 гласачи гласале дури 442! „Па, људи моји, је ли то могуќе?“

Што е најинтересно, на ова „гинисовско“ изборно место во Желино гласањето не е поништено. А ниту на другите изборни места со симптоматичен одѕив.
Затоа ли се попишмани Хелсиншкиот комитет, оградувајќи се од првобитното позитивно мислење, со оценката дека „... прекршувањата на бирачкото право од големи размери направени во гласачките места со доминатно албанско население директно се одразија на бројот на местата кои во парламентот ги добија конкретни партии...“?
Практично, со вештачкиот одѕив од над 90%, гласовите од некои избирачки места во Зајас и Желино испаднаа три пати појаки од гласовите од други избирачки места со одзив под 30%.

Дали некој ќе отвори истрага за оваа изборна кражба од неколку пратенички места или, како и обично, виновниците ќе си седат во парламентот неказнети?

Одговорноста за Сребреница

7/14/2006

Денеска во ХАГ започнува судењето против деветмина обвинети за случајот „Сребреница“.
Обвинителниот акт можете да го прочитате
тука.
Случајот „Сребреница“ е еден од најголемите порази на ОН. Да потсетиме, ОН им ветија на луѓето од Сребреница дека се под нивна заштита, и дека нема да бидат напуштени, а „прокламацијата на зоната како сигурно подрачје создаде кај населението илузија за безбедност.“ (
Сребреница - „сигурно“ подрачје)
Во коментарите на постот
"Наградно прашање" се разви интересна дискусија за одговорноста на Холандските војници во Сребреница. Овие извадоци од холандскиот извештај можат да помогнат во расветлување на некои дилеми во врска со одговорноста:
„The battalion command realised that the fate of the men, who were separated from the women and children, was uncertain, but not that it would end in the mass slaughter of these and many other men who fell into the hands of the Bosnian Serbs during their flight to Tuzla. In Potocari - in the vicinity of Dutchbat - at least 100 men were killed on the spot during a local settling of scores.“
Треба да поверуваме дека Холанѓаните биле толку наивни, па не знаеле дека она што им се случило на барем 100 луѓе пред нивни очи, може да им се случи и на сите други селектирани мажи?
Дека сепак постојат индиции за свесно соучество не само во депортацијата (етничкото чистење), туку и во геноцидот, илистрираат следниве редови во кои се опишуваат очекувањата на холандскиот командант:
„He had not expected mass murder, nor had he expected the VRS to abide by the rules, and he realised that in the worse scenario there might be some killing. From fear of panic and a direct catastrophe, he was silent about these fears and assisted with the evacuation in full awareness that the fate of the men was uncertain and that they, as he put it, "might end up in the most appalling circumstances".“
Треба да поверуваме дека Холандскиот командант „асистирал во евакуацијата“, надевајќи се дека во најлош случај ќе има само малку убивање од страна на Босанските Срби? Дури и да е така, тој со умисла соучествувал во селектирањето на некои луѓе за кои имал основани сомненија дека ќе бидат убиени, и тоа е доволно да се најде на обвинителната клупа.
Исто така, Холанѓаните лесно можеле да насетат дека станува збор за планирани геноцидни акти:
„That mass murder was the intention is also clear from the fact that, after the prisoners had been taken, no measures were taken to see whether there were 'war criminals' among them, no prisoner-of-war facilities were found, no food or drink were organised, identity cards were destroyed, and no distinction was made between combatants and non-combatants.“
Тие не само што не презеле никакви мерки за да утврдат што станало со селектираните мажи, туку не се обиделе ниту да алармираат, ниту да истражат дали се случиле сериозни прекршувања на човековите права:
„During the week after the evacuation, when the situation had quietened down, Commander Karremans and his deputy Franken did not attempt to issue a call or make inquiries to investigate the serious violation of human rights either.“
Токму затоа, трупите на ОН треба да се сметаат за директни соучесници во можеби најсериозниот случај на масовно прекршување на правото на живот во Европа после Втората светска војна.Затоа сметам дека е крајно неправедно тоа што во Хаг за случајот „Сребреница“ не се обвинети барем командантите на холандскиот батаљон, во најмала мерка како помагачи во „здружениот злосторнички потфат“.

Неодговорени прашања

Во месечниот извештај за месец јуни 2006, Хелсиншкиот комитет укажува на неколку неодговорени прашања во врска со случајот Беќиров, во извештајот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР:
„зошто припадниците на специјалната полицијска единица им пришле на децата, на каков начин го направиле тоа, што направиле за Трајан да скокне во вода, што направиле во врска со ситуацијата на дете во водите на Вардар, зошто не била веднаш направена потрага, зошто наредните денови не е направена потрага со примена на вообичаените средства се’ до наоѓање на телото.“
Останаа неодговорени и неколку прашања по извршените две обдукции (и поради немањето рендгенски апарат во Институтот за судска медицина?!?)
По вклучувањето на
Amnesty International, најверојатно ќе има и Трета обдукција за Беќиров.
Сегашната приказна е апсурдна: „припадниците на МВР немале контакт со починатото лице“, а не сакале да имаат ниту по неговото исчезнување во близина на реката Вардар.
Сеуште чекаме обвинителството да преземе нешто.
(Видете и
Чекајќи го обвинителството, Одбрана со молчење?, МВР те тужи, МВР те суди?)

Не е време за „херои“

Глеам, „херојскиот“ потег на Зидан е блогерска топ тема. Ги засенува и „Сребреница“, и ступидните изјави на Буш, и авионските и железничките несреќи, сите војни, конфликти и страдања по светот, и собраниските избори, и преговорите за новата Влада.
А што е „херојското“ во потегот на Зидан?
Тоа што на навредата (психолошко насилство) одговори со удар (физичко насилство)? (Така ли се брани „честа“ и угледот шампиону?)
Тоа што капитенот, себично подлегнувајќи на провокацијата, го остави својот тим на цедило?
Тоа што ја искористи последната шанса да ја укења сопствената кариера? (Еден живот имаш, и да не го укењаш?)
Тоа што покажа дека е обичен човек, човек со емоции, а не фудбалска машина која не можеш да ја извадиш од такт?
Тоа што на дело посведочи дека „правото на одмазда“ е универзално човеково право кога е повредено достоинството на личноста?
Одеднаш, ми стана малку појасно зошто сеуште се слават како „херои“ Ратко Младиќ, Радован Караџиќ, Аркан, Љубе Бошковски, Готовина, Осама Бин Ладен, Ал Заркави, Шамил Басаев...
Ми стана малку поразбирливо зошто клопчето на насилството никако да престане да се одмотува...
Медитирајте малку на тема - нашиот „мируљубив“ менталитет - кој прекрасно го опишува великиот
Филозоф:
„Дистанцирам се од насиље.

Мрзу га, к'д е беспотребно.
Али к'д притреба, идемо сас обадве руке у шалтачење.“

Политолозите бараат извинување

7/13/2006

Институтот за демократија бара извинување од ВМРО-НП и СДСМ:
„Раководството на Институтот за демократија вчера соопшти дека нивните предизборни прогнози биле точни, особено кај големите партии и кај неопределените гласачи, додека во прогнозите за помалите партии отстапувања има во рамките на статистичките грешки. Според споредбената анализа што беше презентирана, Институтот прогнозирал СДСМ да освои 12,8 проценти од гласовите, а официјалните резултати од ДИК покажале дека за оваа партија гласале 12,5 проценти. Прогнозите на Институтот за ВМРО-ДПМНЕ биле поддршка од 17,3 проценти од гласачите, односно за 0,1 процент помалку од нивниот официјален резултат на изборите според ДИК, од 17,4 проценти.“
Секоја чест за прогнозите на политолозите од Институтот.
Ме интересира дали пред овие избори некоја научна институција, или некоја партија, правеше истражувања со специфични фокус групи, за квалитативно да го измери расположението на гласачите?
Ако имате таква информација, кажувајте.

Колку им верувате на весниците?

Написот Ликвидиран убиецот на деца - Шамил Басаев, во кој се пренесува изјава на самопрокламираниот терорист, е прекрасен пример за флагрантна новинарска грешка:
„- Ние сме во војна. Русите плаќаат даноци за оваа војна, испраќаат војници, нивните свештеници ги прскаат војниците со света водичка. Како може Русите да бидат невини. Русите се соучесници во војната. Само немаат сите оружје во рацете - изјави Басаев за британската телевизија „Канал 4“, облечен во маичка со натпис „терорист“.“
Не можев да ја проверам изјавата на Басаев, оти ми е цркната звучната картичка.
Ама ако нежно го притиснете
линкот до прилогот на „Канал 4“, и сами ќе можете да се уверите дека Басаев не е облечен во маичка со натпис „терорист“, туку во маичка со натпис „АНТИТЕРРОР“, и тоа на кирилица!
Уппссс!

Духот на времето: „И што сас тој?“

7/12/2006

Летаргичниот филозоф брилијантно покажува дека квалитетот на постовите е мошне побитен од квантитетот. Ретко ми се случува да прочитам три антологиски реченици во само еден пост:
„С'г се има повише време, за да нема што да се прави сас њега...“
„Ама повратници од Енглеску, Холандију и Швајцарску сусреќни што ќе су овде дома само ед'н месец...“
„Стекнуе ли се храброст да се помери некој од свое добро разгазено место на замислен пиедестал?“
Летаргичниот филозоф достојно си го носи своето име. Вистинска реткост се философите кои со својот оригинален и провокативен израз успеваат да го опфатат „духот на времето“.

Криза на легитимитетот

Кризата на легитимитетот на политичките партии не се огледа само во феноменот „казнување“ на партиите од власта на секои парламентарни избори, во се послабиот одѕив, и во неможноста самостојно да се разрешуваат насилните конфликти (види Криза на лидерството). Показател за кризата на легитимитетот е и потребата од „менаџирање“ при составувањето на Владината коалиција од страна на емисари на „меѓународната заедница“ кои немаат никаков демократски легитимитет да учествуваат во креирањето на Владата.
Еве и неколку други специфичности во врска со последните парламентарни избори:
1. најслабиот одѕив досега (околу 56%; споредено со 69.9% во 1998);
2. победа на коалицијата предводена од партијата со најстабилно гласачко тело која освои приближен број гласови колку на претходните избори кога беше убедливо поразена, а дури 11 пратенички места повеќе;
3. Поразената коалиција „За Македонија заедно“ освои 32 мандати со само 218.164 гласови, речиси 276,5 илјади гласови помалку отколку во 2002 год., кога освои дури 60 мандати;
(Секое добиено пратеничко место за коалицијата на СДСМ тогаш вредеше 8,18 илјади гласа, а на овие избори под 7 илјади гласа - што доведе до тоа секое изгубено место на коалицијата на СДСМ да вреди околу 10 илјади гласа!)
4. најголем процент на неважечки ливчиња од оние што гласале (околу 3,8%, или 37.931 споредено со само 13595 во 1998);
5. делумно успешен повик за „активен бојкот“ на изборите од страна на „интелектуалците“, кој им одеше најмногу на штета на партиите со нестабилно гласачко тело и на помалите партии;
6. Околу 10% проценти од важечките гласови отидоа во празно кај мали партии кои не успеаја да се изборат за место во парламентот. Колку за споредба: со 10% проценти од важечките гласови се освојуваат околу 12 пратенички места.
7. Најмногу како резултат на одлевањето на гласовите на една од „стожерните“ партии, во парламентот ќе се појават пратеници од 3 нови партии (НДСП - 7, ДОМ -1, ПЕИ - 1). За жал, на овие избори тие ја пропуштија приликата да формираат поширока коалиција (со некои од помалите партии кои не влегоа во парламентот) која најверојатно ќе освоеше двојно повеќе мандати.
Останува да видиме дали лажните дилеми „или СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ“, „или ДУИ или ДПА“ ќе продолжат да го обликуваат менталитетот на гласачкото тело.
Во 2002 година, СДСМ се избори за „судбинско“ право на втора шанса кое не го искористи. Сега и ВМРО-ДПМНЕ се избори за право на втора шанса, со ветување дека ќе оствари „преродба во 100 чекори“.
Дали се понезадоволното гласачко тело ќе им овозможи и трета шанса на некоја од „стожерните“ партии, или лажните дилеми (и ветувања?) конечно ќе бидат надминати, останува да почекаме неколку години, до следните избори.

Наградно прашање

Што е поголема срамота за „хуманата“ Европа?
1)
Масакрот врз 8.000 беспомошни мажи и момчиња во Сребреница пред 11 години?
2) „Воајерството“ на трупите на ОН („толерантните“ Холанѓани)?
3) Фактот дека и после 11 години „меѓународната заедница“ не може да ги пронајде осомничените „српски херои“ Младиќ и Караџиќ?

Тетово: „argumentum ad Kalashnikov“

7/11/2006

„Шестката“ е посебна приказна.
Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ си е „на свое“ во однос на 2002 год. (10922 во однос на 11490), и едно пратеничко место.
Коалицијата на СДСМ освојува 2 мандата помалку од 2002 (тогаш освои 4), и речиси 18.000 гласови помалку.
Иако ДПА освои само околу 4.5 илјади гласа повеќе од 2002 (кога освои 31545), тоа и обезбеди +2 пратенички места.
Најинтересно е дека коалицијата на ДУИ и ПДП заедно освои дури 30 илјади гласови помалку отколку во 2002 (кога си беа башка), а бројот на пратенички места им остана ист колку и во 2002 година - 11!
Е, тоа ти е „победничка“ математика!
Малку ќе примениш argumentum ad Kalashnikov, за да ги заплашиш избирачите, и да излезат 42 илјади помалку, и си добиваш ист број пратенички места како и на минатите избори, со тоа што на „македонскиот“ блок му ќаруваш две пратенички места поради раситнетоста.
На пример, ако „македонскиот“ блок излезеше заедно во коалиција, наместо 3, најверојатно ќе ќареше уште две пратенички места со гласови приближно колку што освои ДПА.

Битола: „големи“ и „мали“

Резултатите од оваа изборна единица најубаво отсликуваат како големите риби ги јадат помалите.
И во Битола коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освојува едно пратеничко место повеќе отколку на изборите во 2002, иако за неа гласале околу 2.500 гласачи помалку. Коалицијата на СДСМ освојува 4 места помалку од 2002, иако имаше над 41 илјада гласови во минус.
Колку за споредба: коалицијата на СДСМ освојува 6 пратенички места со 37212 гласови, а помалите партии освоија исто така 6 пратенички места, иако добија околу 12.000 гласови повеќе од коалицијата на СДСМ!
Значи, пак „големите“ ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со помош на формулата на DE HONDT, им ќарија неколку пратенички места на „малите“.

Струмица: и ВМРО-ДПМНЕ сит, и СДСМ-овците на број!

Накусо за Струмица: ВМРО-ДПМНЕ +2, СДСМ -4, „поситните“ во була.
Повторно, со освоени помалку гласови (79281), во споредба со изборите од 2002 (80824), коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освојува 2 пратенички места повеќе отколку на претходните избори.
Со освоени 48,5 илјади помалку гласови, коалицијата на СДСМ освојува само 4 места помалку.
Според ваквата математика испаѓа дека едно изгубено пратеничко место на СДСМ вреди повеќе од 12,000 изгубени гласа, а две добиени пратенички места за ВМРО-ДПМНЕ вредат 1543 изгубени гласови!
Ова е уште еден показател за неплаузибилноста на
анализата на Боцевски дека малиот одѕив најмногу ги погодил „стожерните“ партии.
Имено, имајќи предвид дека разликата во бројот на излезени избирачи во оваа единица не е толку голема (над 8.000 помалку во споредба со 2002), неминовно следи заклучокот дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ овде многу ќариле поради распрснатите гласови кај ситните партии (и кај Панчо Минов).

Со помалку гласови, повеќе пратеници

Не е изборно чудо. Со помалку гласови, ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе пратеници во Штип.
Во изборната единица 3, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ доби речиси 4.000 гласа помалку (70031) отколку во 2002 (73921), а освои 2 пратеника повеќе. Коалицијата на СДСМ освои над 53.000 гласа помалку отколку во 2002, а само 4 пратеника помалку.
Значи, повторно, поради малку послабиот одѕив (14.000), коалицијата на СДСМ не загуби толку пратеници колку што пропорционално загуби гласови, а коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ доби повеќе пратеници, со помалку гласови од претходните собраниски избори.

Голем пораз на СДСМ во Куманово

Во втората изборна единица коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не освои ни 3.000 гласа повеќе (39680) отколку во 2002 (36843). Коалицијата на СДСМ освои речиси 53.000 гласови помалку од 2002, кога гласаа над 60.000 избирачи повеќе.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 3.000 гласа повеќе, доби 3 пратеника повеќе отколку во 2002 год, а коалицијата на СДСМ доби 1 пратеник повеќе отколку коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во 2002, иако освои околу 7.700 гласа помалку од неа.
Ем ВМРО-ДПМНЕ повеќе ќари, ем СДСМ освои повеќе отколку што заслужуваше, благодарение на малиот одѕив, и распрснувањето на гласовите кај малите партии.

Катастрофа на СДСМ во Кисела Вода

На последниве избори, во првата изборна единица, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 2,5 пати помалку гласови (39680) отколку коалицијата на СДСМ во 2002 (99660). Сепак, на овие избори, губитничката СДСМ освои помалку гласови (29125) отколку губитничката ВМРО-ДПМНЕ во 2002.
Освоените гласови на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не се разликувааат многу од претходните избори (38274).
Груб заклучок: Гласачите на ВМРО-ДПМНЕ пак си гласале за ВМРО-ДПМНЕ, најголем дел од над 70.000 гласачи на СДСМ од 2002 (над 58.000) не излегле на избори, а помал процент гласале за други партии (колку што приближно освои НСДП).
Ако претпоставиме дека ВМРО-ДПМНЕ си има стабилно гласачко тело, освојувањето на 3 пратенички места повеќе се должи главно на слабиот одзив на гласачите кои претходно гласале за СДСМ. Парадоксално е дека СДСМ на овие избори освои едно пратеничко место повеќе (5) отколку ВМРО-ДПМНЕ во 2002 г. (4), иако имаше повеќе од 9.000 гласови помалку од ВМРО-ДПМНЕ во 2002 г.
Значи, според тоа колку малку гласови доби, СДСМ и не помина толку лошо.

Коалицирај или исчезни!

7/07/2006

Иако воопшто не се наоѓа на листата „Топ 10 - лузери“, пост-изборната математика покажува дека ДОМ (покрај СДСМ) е веројатно најголемиот „лузер“ на овие собраниски избори.
Од страв да не им оди гласот за џабе, за ДОМ гласаа само над 17.5 илјади гласови, и оваа партија која арогантно се однесуваше како „средна“ освои само едно пратеничко место.
А што ќе се случеше ако ДОМ не се занесуваше дека е „средна партија“, и ако наместо арогантно да ги повикува гласачите да не го фрлаат својот глас на „малите партии“, формираше со нив коалиција? Ако ДОМ се прилагодеше на изборниот модел и создадеше коалиција со партиите од сличен ранг кои ја споделува истата изборна мака (ПЕО, ЗНМП, ДА, група избирачи ПМ), тие заедно ќе освоеја дури 6 пратенички места. Покрај Лилјана Поповска, во собранието ќе седеа и Панче Минов, и Велија, и Циле, а ќе имаше место и за уште еден претставник на земјоделците и за уште еден претставник на ДОМ.
Ако коалицијата предводена од ДОМ формираше уште поширока коалиција заедно со НСДП и ПЕИ, тие наместо 9 места во Собранието најверојатно ќе имаа дури 17 пратенички места и ќе можеа да полагаат право на исто толку министерски места во Владата како и ДУИ.
Само за илустрација колку е битно коалицирањето во нашиот „предаторски“ изборен модел каде што „големите риби“ ги јадат малите.

Нова Влада - нов „имиџ“

Еве зошто ќе биде тешко да се убеди ЕУ дека имаме капацитет да станеме земја членка:
"Потребата од директен и активен ангажман на меѓународниот фактор во текот на целиот предизборен и изборен процес како гаранција за остварување на фер и демократски избори" е неспоива со „високите аспирации за членство во Европската Унија“ - предупредува
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во денешното соопштение за парламентарните избори.
Да потсетиме, наместо Претседателот на државата и Премиерот да трчаат од Рашче до Струга за да го смират насилството и страстите, трчаа амбасадорите на „меѓународната заедница“.
Значи, еден од приоритетите на новата Влада треба да биде промена на лошиот пост-рамковен „имиџ“ на Македонија дека не може да ги решава сама внатрешните конфликти, без помош од „меѓународната заедница“.

Новата Влада?

По што ќе остане запаметена Владата на Бучко:
Наместо остварување на програмската цел „Јакнење на борба против организираниот криминал и корупција“, Владата на Бучко ја оствари целта „Јакнење на организираниот криминал и корупција“.
Наместо остварување на програмската цел „...поттикнување на домашните и привлекување на странските инвестиции“, тимот на Бучко ја оствари целта „потпикнување на домашните и бркање на странските инвеститори“.
Единствената цел што ја оствари тимот на Бучко е „намалување на невработеноста и сиромаштијата“, но само кај дел од партиските послушници на СДСМ и ДУИ.
Бучко воведе оригинална и мошне ефективна мерка против невработеноста - своеволно бришење од списокот на невработените, наместо создавање услови за отворање нови работни места.
И мерките против сиромаштијата ќе останат за паметење: отворање на „народни кујни“ со оригинална
порака до сиромашните: „Во иднина да ве има и во поголем број.“
Затоа
Владината страница треба под итно да се ажурира.
Особено „насмеаната“ фотографија насловена „Новата-Влада“.
Од „насмеаните“ министри - проплакавме.

Кој не заслужува одговор?

Кој вика дека институциите не даваат одговори на прашањата од граѓаните?
На пример, МВР на својот сајт има специјална
опција за поставување прашања од страна на граѓаните. Еве како тоа функционира во практиката:
Прашање: „bi sakal da znam poveke informacii za operattivno taktickite merki koi se prezemaat vo vrska so akcijata koga se lisuva nekoj storitel od sloboda? Dali toa e klasicna soglasnost od krivecen zakon i se odi da mu se stavat lisici ili pak pred da se donese konecna odluka se pravi i nesto dopolnitelno? blagodaram odnapred so pocit student na policiska akademija.“
Одговор: „Благодариме што го посетивте нашиот Веб сајт. Одговор на вашето прашање побарајте на полициската академија каде што изјавувате дека студирате. Со почит.“
Баш сакам да ги чујам сега тие што сеуште сметаат дека вработените во МВР немале смисла за хумор.
Можеби не е лошо да ги потсетиме вработените во МВР дека оние што тврдеа „Некои прашања не заслужуваат одговор“, добија мошне интересен одговор од граѓаните: „Некои партии не заслужуваат да владеат“.

Вуна у парламент?

7/06/2006

Еве колку минимум гласови беа потребни на парламентарните избори во 2002 година за избор на пратеник: 7666.15 (1), 7467.45 (2), 8377 (3), 8980.44 (4), 7880.90 (5), 7817.25 (6).
Очигледно е дека за овие парламентарни избори беа потребни многу помалку гласови за избор на пратеник. Во некои изборни единици пратеничко место се освојува и со 6.000 гласа. Оваа трагична бројка, која е реален показател за падот на легитимитетот на претставниците на граѓаните, е како резултат на:
- губењето на доверба во понудените кандидати од страна на оние кои не излегоа на гласање;
- големиот број неважечки ливчиња (близу 4% од избирачите кои гласале);
- големиот број ситни партии кои не сфатија дека во ваквиот изборен систем „големите риби ги јадат малите“ (над 100.000 гласови отидоа „фира“ за себични кандидати на ситни партиички кои беа изедени од поголемите партии затоа што не сакаа да коалицираат).
Ако земеме предвид дека само на „блогерај“ има над 6.000 блогери, испаѓа дека политичкиот претставник што би го избрале сите блогери од „блогерај“ би имал повеќе легитимитет отколку некои народни пратеници.
Ако претпоставиме дека барем половина од блогерите се во „1-ца“ и „2-ка“, на следните избори „блогерското политичко лоби“ би можело да се надева дури на две места во Собранието - под услов секој/а блогер/ка да убеди барем двајца членови од нејзиното семејство дека иднината на Македонија е во блогерите.
З'ш да не?

Топ 10 - лузери

Еве ја првичната листа на 10 најлузерски партии (со најголем број гласови - според ДИК, од 99,43% гласачки места), кои нема да имаат свои претставници во Собранието (според МОСТ).
1) ПЕО - 13.102
2) Земјоделска Народна Партија на Македонија - 12.538
3) ДА - 11.174
4) СДПМ - 8.365
5) Национално Демократска Партија (НДП) - 4.490
6) Национална Алтернатива - 4.250
7) Коалицијa Нови демократски сили (НДС),
Демократска Алеанца на Албанците (ДААМ) - 4.141
8) Сојуз на титови леви сили - 2.985
9) Лига за Демократија - 2.679
10) Демократска републиканска унија
на Македонија (ДРУМ) - 2.670

Ако сите овие партии се обединеле во коалиција, заедно, на пример, со Група избирачи-ПМ (5.998), ќе имале 70.392 гласа, повеќе од НДСП (56.922) која освои барем 6 пратенички места, и од ВМРО – НП (57.121) која освои барем 7 пратенички места.
Значи, поради одлуката да не коалицираат меѓусебно, „лузерите“ им помогнаа на поголемите партии да освојат 7-8 пратенички места повеќе.
Од голема помош им беа и оние кои не знаеја да гласаат или решија да гласаат со неважечки гласови (37.883). Ако граѓаните кои гласаа со неважечки гласови беа разубедени да гласаат за коалицијата од „Топ 10 - лузери“ ќе имаа освоено 108.275 гласови, многу блиску до бројот на гласови на Коалицијaта ДУИ-ПДП (114.300).
Исто така, можат ли да се сметаат како „победници“ ДОМ која со 17.579 гласа освои само 1 место (за кое и беа потребни 6780 гласа), како и Партијата за Европска Иднина - ПЕИ со 11.437 гласа (за што и беа потребни 6504 гласа)?
Интересно, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (303.149) сега ќе биде во можност заедно со Коалицијaта ДУИ-ПДП (114.300) да формира влада само врз основа на освоени 417.449 гласови, што претставува помалку од 1/4 од гласачкото тело.
Наравоучение: нашиот изборен систем, огромниот број на граѓани кои не излегле да гласаат, како и постоењето на голем број мали партии кои не сакаат меѓусебно да коалицираат, им дава можност на „победничките“ политички партии да владеат со другите 3/4 од гласачкото тело.

Не е ли овој факт поразителен, барем за идејата на „демократијата“ како „владеење на мнозинството“?

Теорија на релативноста

Во духот на ајнштајновското „се е релативно“, идниот мандатар Никола Груевски оцени дека изборите за пратеници се одржале во „релативно фер и демократска атмосфера“.
Останува допрва да видиме како меѓународните и домашните набљудувачи ќе ја интерпретираат „теоријата на релативноста“ во македонскиот изборен контекст.
Во обраќањето до граѓаните, Груевски укажа дека Република Македонија има загубено многу време во 15-те години од оваа транзиција. Вети макотрпно работење на новата влада за подигнување на животниот стандард и економскиот раст, за борба против сиромаштијата и невработеноста, но и за борба против корупцијата.
Демек, ќе бидат ем силни, ем чесни?
Бучковски достоинствено му ја честита победата на Груевски. Продолжи со оптимистички изјави и по поразот: „Голема партија сме и во нашите успеси и во нашите неуспеси“. Еве што му порача на идниот мандатар ако не успее бргу да состави Влада: „Ако тоа не го направи, ние сме тука“.
Демек, бевте, и ќе бидете?
За жал, додека вие, големите партии, си играте „Сјаши Мурто да узјаше Курто“, најголем дел од граѓаните на Република Македонија сакаат да избегаат од тука, да избегаат што подалеку од вас, некаде џенем во Канада, Австралија, Нов Зеланд...
Да се преродат. Со големи чекори.

Предизборни дилеми

7/05/2006

Три прашања ме прогонуваа пред избориве:
Прво, дали воопшто да излезам на гласање?
Иако и неизлегувањето на избори е легитимна политичка одлука, сепак, се решив да излезам на гласање од неколку причини:
- ретко имаме прилика да го остваруваме ова демократско и човеково право;
- на овие избори не бев набљудувач, и ме копкаше да видам како е организирано гласањето (посебно должината на гласачкото ливче);
- затоа што, ако излезат само 50% избирачи, одлуката на оние кои ќе излезат на гласање вреди два пати повеќе отколку одлуката на оние што нема да излезат на гласање.
Второ, се соочив со дилемата: Дали да гласам со неважечко ливче?
Иако и гласањето со неважечко ливче е легитимна политичка одлука, која може да испраќа најразлични пораки, сепак, откако добро размислив, ја отфрлив оваа идеја поради следниве причини:
- поради тоа што и со неважечко ливче „Секој што ке излезе на гласање го подржува демократскиот процес при што му се дава легитимитет на победникот со мнозински гласови.“ - како што аргументира „апстинентот“
f9, во коментар кај Вуна.
- Затоа што не сакав да бидам дел од политичкото „предавство на интелектуалците“, и ја отфрлив идејата
да гласам против сите.
- Затоа што ми изгледаше разумен аргументот дека со тоа би придонел да се „истиснат помалите партии, бидејќи со поголем % процент на излезеност (вклучително со неважечките ливчиња) се зголемува и прагот за влез на пратеници според постоечкиот модул (чиста математика).“ - коментар на
Оксиморон кај Анти). Испадна дека овој аргумент е погрешен.
Што се однесува до третата дилема „Ако гласам со важечко ливче, за која партија да гласам?“, таа ми се расчисти дури на самото избирачко место.
Нема да кажам ниту за кого гласав, ниту за кого не гласав.
Не е ли токму во тоа поентата на тајноста на гласањето?

Чекајќи го обвинителството

7/04/2006

Семејството Беќирови конечно го доби обдукцискиот извештај во кој се тврди дека смртта на Трајан Беќиров настапила како резултат на „удавување“.
Во постот
Одбрана со молчење? напишав: „Со нетрпение ги чекаме официјалните резултати од двете обдукции, и со уште поголемо нетрпение ги чекаме идните потези на МВР и обвинителството.“
Во меѓувреме, и народниот правобранител
Мемети бара кривична пријава за „Алфите“ поради Беќиров, откако го добил извештајот од бугарскиот форензичар. Сепак, кривичната пријава (против непознати сторители - ?) што ја побара народниот правобранител не е поради индиции за тортура, туку поради тоа што „Алфите“ со нивните дејствија го довеле во опасност животот на момчето.
Потезите на МВР беа неусогласени. Најнапред, портпаролот на МВР во врска со случајот изјави дека „МВР презема мерки против сторители на кривични дела“ (види
МВР те тужи, МВР те суди?), а подоцна министерот за внатрешни работи изјави дека „Припадниците на МВР немале контакт со починатото лице“ (А1).
Ако МВР презело мерки против Трајан Беќиров, и ако притоа имало употреба на огнено оружје, тогаш изјавата на министерот, најблаго речено, е комична. Таквата изјава е смешна дури и да е вистина дека „Алфите“ бркајќи ги „сторителите на кривични дела“ „во темницата ги изгубиле од вид“ - како што пренесува
Дневник, според извештајот од истрагата на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР.
Сега на ред е обвинителството кое „се' уште чека одредени известувања за да може да го комплетира досието за „случајот Беќиров“ (
Дневник). Или можеби чекаат да завршат изборите, за да не биде експлоатиран случајот во предизборната кампања? Или пак ќе чекаат да им заврши мандатот.

За насилството врз децата

Првата детска амбасада во светот - Меѓаши и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија дури сега реагираа по повод прилогот Сексуално насилство врз три сопствени ќерки објавен на А1 Телевизија во саботата на 24.06.2006 од новинарката Маре Стоилова: „...децата треба да се охрабруваат да проговорат за насилството и да го препознаваат, но тоа мора да биде професионално сторено од страна на новинарите со сите предвидени заштитни и технички средства со кои се гарантира приватноста и заштита на идентитетот и интегритетот на детето.“
За случајов, реакцијата на блогерите беше многу побрза: „...Маре Стоилова правејќи ја тажната сторија за семејната драма на семејството од Виница грубо го прекрши новинарскиот кодекс вклучувајќи и неколку законски норми поврзани со правата на децата. Имено, Маре Стоилова во прилогот вметна изјави на две од сестрите - малолетнички сведоци на настанот без да го заштити нивниот идентитет и да обезбеди нивна дискреција.“ (
За непрофесионализмот на Маре Стоилова).

„Информирај се, едуцирај се“!

Мошне интересна реакција на хомофобичниот испад на Милошоски (види Германски автогол):
„Брат, па ти шириш омраза и хомофобија! Нема потреба. Без навреда: Информирај се, едуцирај се во однос на основните човекови права, прифати ги различностите, оти ние Македонците заслужуваме да одиме во Европа! Те молам, не кочи го процесот, ОК? П.С. Еј, Антонио..., ако ти требаат материјали ќе ти дадам да ги фотокопираш, завршив постдипломски на Шефилд, па имам неколку книги. ЉУБОВ Е ЉУБОВ!“ (
Be gay and make my day!!!)
Значи, и кон „демо-христијаните“ реагираме
Со љубов против омразата и насилството во нашата божем „Оаза на мирот и љубовта“.
Навистина, од Антонио Милошоски, како Магистер за европски интеграции, се очекуваше придонес за откочување на процесот - преку експертиза за европската анти-дискриминаторска политика (вклучително и кон не-хетеросексуалците) - наместо јавно неприфаќање на сексуалните различности и ширење хомофобија.
Да му ги вратат парите од
Универзитетот во Бон - Германија!

Предизборен гаф

7/03/2006

Еве што ни порачува нашиот Претседател:
„Искористете го вашето уставно право и извршете ја Вашата граѓанска должност. (...) Не е точно како што некои тврдат дека не треба, или пак дека нема за кого да се гласа.“
Како прво, Претседателот ја дезинформира јавноста дека избирачкото право на граѓанинот е и негова должност. Во нашиот Устав, јасно се наведени случаите каде што граѓанинот има ем право, ем должност:
- Одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин.
- Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
- Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.
Накусо, граѓанинот има избирачко право, но нема избирачка должност.
Како второ, не му доликува на Претседателот да дава догматски одговори на контроверзните прашања дали треба или не треба да се гласа, и дали има или нема за кого да се гласа.
Како што укажавме и претходно, одговорите на овие прашања
секој граѓанин сам си ги знае – не сме до толку имбецили!

Демократска (не)свест

Еве што утврдува еден бивш политичар (министер за надворешни работи), и сегашен универзитетски професор:
"Во Македонија нема вистинска противтежа на узурпацијата на слободите на граѓаните од страна на политичарите. Во развиените демократии улога на таква противтежа имаат универзитетите, печатот, професионалната државна администрација, независното судство... Збирот на сите тие влијание ја произведува демократската свест. За жал, секоја од спомнатите институции во македонското општество е сериозно дефектна, а таков е и збирот на нивните влијанија врз македонската демократија." (
За доблесните луѓе и за никаквеците)
Зарем цели 15 години ни беа потребни за да согледаме дека имаме неефикасен институционален систем за заштита на човековите права и фалична „јавна сфера“?
Уште колку години ќе ни бидат потребни за да преминеме на втората лекција по демократска култура?

Невидливоста на жените

Во постот Ги боли ДИК за жените го поставив прашањето дали досега ДИК има преземено некакви мерки за превенција на изборни нерегуларности, односно, „за подигање на свеста кај жените во оние изборни единици каде што имало најмногу „групно“ и „семејно“ гласање?“
Очигледно ДИК нема капацитет да сфати дека „жртви на најтешките повреди на гласачкотo право беа пред се жените во некои средини“ (
Во прилог на напорите за одржување слободни и демократски избори).
На едукативните материјали на
ДИК, објавени во денешен „Дневник“, се појавуваат 12 фигури на маж, а ниту една жена. Во ниту еден од трите видео-клипа на ДИК не се појавува жена.
Како да очекуваме поголема видливост на жените на овие избори кога дури и за ДИК тие се невидливи?
Можеме ли воопшто да зборуваме за фер и слободни избори со вакво не-претставување на жените од страна на ДИК во едукативната кампања?

Секој си знае – не сме имбецили!

Да си кажам, за да нема забуни.
Подеднакво ми се неприфатливи и
иницијативата на „интелектуалците“ за „активен бојкот на изборите“ (со „масовна излезност и пречкртување на гласачките ливчиња“?!) и повикот на Боцевски Гласајте на изборите !!!
Во еден од постовите укажав само дека една од можностите е гласање против сите, и го посочив Упатството на ДИК во кое убаво си пишува како да произведеш неважечко ливче. Секаква сличност со иницијативата на „интелектуалците“ е сосем случајна.
Не упатив никаков директен повик кон никого да гласа против сите.

Директните повици до гласачите претставуваат непосредно вклучување во изборната кампања.
Секој си знае како ќе си гласа и дали воопшто ќе гласа. Правото на глас е индивидуално човеково право.
Потценувачки е да се третираат гласачите како имбецили.

Црнила

7/02/2006

Зошто во Македонија умира поезијата?
Погледнете само кои се „основни феномени на нашето постоење“:
Корупцијата, сиромаштијата, невработеноста, необразованоста, неправдата, етноцентризмот, стравот, омразата, насилството, нетолеранцијата.
Може ли еден несреќен човек да биде поет?

Соочи се со различноста (6)


Дакрифилија е доживување на возбуда од солзите или од емотивната потресеност на некоја друга личност.
Имате ли често „трипови на вина“?

Иднината на фудбалот е во жените?

7/01/2006

Еве мал извадок од текстот ПОСЛЕДНИОТ БАСТИОН НА МАЧОИЗМОТ, објавен во минатиот „Форум плус“:
„Со укинувањето на половата сегрегација во фудбалот и воведување квота за фудбалерки од 30%, ФСМ би дал придонес не само за сексуализација и феминизација на фудбалот, туку и за неговата популаризација и комерцијализација. Што мислите, нели би било стопати поинтересно да гледате како жените ги "дриблаат" мажите на теренот, како смируваат топка на гради, како заедно се радуваат после секој постигнат гол и како пријателски си ги менуваат дресовите на крајот од мечот?
Во овој "забеган" свет ништо не е невозможно.“

Искрено верувам дека фудбалот не би бил еден од најдосадните спортови за гледање кога би играле мажи и жени заедно.

Homo Ludens (3)

Преферанс е игра која секогаш ќе ме потсетува на средношколските денови.
Не го нарекуваат за џабе „бриџ за деца“.
За разлика од животот, преферансот е игра која во принцип може да трае бесконечно.
Познавам постојани тројки „преферансџии“ кои играат барем еднаш неделно со децении.
Што прават двајца „преферансџии“ на плажа?
Бараат трет за преферанс.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week