Љубов си е Љубов?

3/31/2006

Bi прашува во еден коментар: „За тоа со хомосексуалците, мислев на она хомофоб кој е многу модерен израз, зар не е тоа израз кој означува дијагноза, зар со тоа не се покажува дека тој всушност е болен?“
„Зборот „хомофобија“ значи „страв од хомосексуалност и хомосексуалци“ или страв да не се стане хомосексуалец. (...) Во пошироката употреба, изразот е проширен да ги опфаќа и другите чувства како презир, аверзија, несогласување, неодобрување, омаловажување, или дискриминација против хомосексуалците, нивниот животен стил, нивното сексуално поведение, или култура...“ (повеќе во Википедија)
Значи, хомофоб(ија) не означува дијагноза, зборот го употребувам во смисла на „културно обезвреднување на хомосексуалноста“ (Ненси Фрејзер).
Владиката Методиј шири хомофобија затоа што не ги признава хомосексуалците за личности, и затоа што културно ја обезвреднува хомосексуалноста. Но, тоа не значи дека тој е „болен“. Хомофобијата е форма на културно обезвреднување на поинаквата, нехетеросексуална љубов. Но, зарем хомосексуалците, како и христијаните, не се залагаат исто така за ЉУБОВ?

„Ѓаволска“ работа?

3/30/2006


Само што прочитав во текстот во „Време“ („Милениумска срамота“) дека крстот на Водно е висок 66 метри?!?
Ти-ну, ни-ну, ти-ну, ни-ну...

Граѓанска контрола врз полицијата?

3/29/2006

Пријатно сум изненаден. Еднаш напишав коментар под една колумна во „Време“ за мошне акутен проблем (контролата врз полицијата), и авторот (поранешен амбасадор во Советот на Европа) посветува нова колумна со која ми реплицира:
"Понекогаш доволен е коментар на една од вашите колумни да ве натера да подразмислите и да ги преиспитате вашите ставови и, пред се, вашето познавање на материјата за која сте се нафатиле да пишувате. Така, во контекст на контролата над влезот, претресот и заплената од страна на полицијата запишав дека поради нарушување на едно од круцијалните права на човекот – приватноста, постои малку изразена волја да се дозволи активност на полицијата која ги нарушува овие права на граѓаните без независна судска контрола. Што е точно. Во коментарот на Интернет, читателот запишал дека сум „заборавил“ дека не се „само судовите задолжени за контрола на полицијата, туку и народниот правобранител и Собранието, како контролор на извршната власт, а според етичкиот кодекс на полицијата, припадниците на полицијата се одговорни за своите постапки пред граѓаните на Република Македонија“.
Само како одговор на коментарот на читателот дека не сум „заборавил“ кој се ја контролира полицијата во државава..." (
повеќе)
Некои проблеми се идентификувани - недостаток на граѓанска контрола врз полицијата предвидена во Кодексот, и неефикасност на „контролните механизми над полициското постапување во државава“ (Собранието и Народниот правобранител). Она што недостига е конкретизирање на препораката за создавање на граѓански механизми за контрола над полицијата: „формирање на граѓански контролни совети во разгледувањето на жалби против злоупотребите на полициската функција и повредите на правата на граѓаните“.
Ете ми тема за еден од наредните постови.

Гласачката (не)одговорност!

3/28/2006

Извадок од колумната на Ким Мехмети во „Време“ - „Сенката на Буда“:
"Којзнае, можеби големиот страв што го чувствуваме од „сенката“ на водачите што заминаа само потврдува оти на сите нас што политички израснавме во времињата кога тие застанаа на чело на етничките колони, на некој начин ни годи да се затскриваме под нивните сенки. Оти само така може да ја продолжиме себеизмамата дека во ништо не сме погрешиле и за се ни биле виновни лошите челници."
Навистина, дали Слободан Милошевиќ е виновен ама баш за се што им се случуваше на Србите?
Кој ни е нас крив што и денес имаме водачи на „етнички колони“?
До кога ќе се себеизмамуваме дека во ништо не грешиме, покажувајќи со прстот кон бившите или сегашните водачи што сами сме ги избрале?

Заборавот на проблемите!

(До Коља and Co. Unlimited)

Значи така, темите што ги мигрираше
ASN за етнонационализмот, граѓанскиот национализам, идентитетот, Македонија, Европските идентификациски модели итн. - сето тоа го изеде „темницата на јазикот“.
Ич не им чуе на нашите блогореични коментатори за идентитетот наш национален (неговото присуство ил отсуство), ич не им чуе за аргументирана критичка расправа, ним им е побитен персоналниот идентитет на „Ерос“.
Наместо да се држи до поставените теми, Коља го обвинува Жарко за "паролаштво и револуционерна демагогија наместо малку попродлабочен поглед на работите". И тоа ли е аргумент пријателе? Сите горенаведени проблеми ги редуцираш на некакви имиња - „Љубчо, Доста, Бранко, Грујо...“ Нели ни е доста веќе од имиња, дај да поставиме некое проблемче и да го решиме. Ти не кажа ни зборче за поставените проблеми. Се што кажа беше "out of focus"!
Но, зошто не можеме ни да поставиме проблемче и да се фокусираме на него? Затоа што, пријателе - кога некои ќе се обидат конструктивно да дефинираат некој проблем, и да го стават на јавна расправа, веднаш се јавуваат некои познавачи на пропагандните техники на
Bi, кои го дефокусираат аудиториумот од поставениот проблем. Затоа нашите проблемчиња се множат, множат, и множат, прераснуваат во огромни проблеми, и други почнуваат да доаѓаат да ни ги решаваат затоа што никој од нас не ги решава (а и опасно се закануваме да станеме дел од нивните проблеми).
Погледни само како „поентираш“ во последниот блогореичен
напад:
„Ако реално, значи, ме инсистира моќта во општествово, зарем “литератортурата“ не е добра метода за довлечкување до скутот на моќта?! Кој во земјава е рационален а кој е ирационален?! И кој го одредува тоа?! Ти, со целата површна нво-активистичко-блогерска напаленост?!“
Одговорот на прашањето кој е рационален а кој е ирационален е мошне едноставен во прагматичните општества кон кои се стремиме. Рационалноста се мери со способноста да се решаваат проблемите. Ирационалноста се асоцира со неможноста да се препознаат проблемите, неспособноста да се дефинираат, непознавањето на методологија за решавање на проблемите, немањето капацитети за аргументирано критичко мислење фокусирано на „problem solving“.
Негувањето на критичко мислење фокусирано на „problem solving“ го гледам како главна мана на оној дел од блогерската заедница кој блогосферата не ја гледа само како забава, туку и како критички форум кој може да придонесе за идентификување и решавање на егзистенцијалните проблеми кои не притискаат секојдневно.

Затоа, нестрпливо го чекаме твојот конструктивен придонес, пријателе! Не само во твоите сериозни новинарски колумни, туку и на новиот фронт на општествената совест - на блоговите!

Блогетер

3/27/2006

Сопственикот на овој блог нема ни куќа, ни стан, ни кола, ни возачка дозвола. Има само точак со дупната гума и компјутер за сурфање и блогирање. Нема ниту еден ден работен стаж. Не е член на ниедна политичка партија. За да ги плати сметките и данокот за АДСЛ работи кај ќе стигне. Смртно е сериозен кога пишува постови и коментари, тоа е една од ретките работи што го исполнува и одржува во овој забеган капиталистички хаос. Затоа внимавајте пред да му згазнете на жуљ!
Поради тоа што нема никаква друга позначајна сопственост освен блогов, се осмелува да се нарече „блогетер“. Блогира со надеж дека еден ден мноштвото блогетери ќе се обединат и ќе го променат светот заедно со „субалтерните“ чиј глас не допира ни до блоговите. Не верува во насилна револуција и „диктатура на блогетеријатот“, туку во постепено менување на дефиниторните и стратегиските правила на политичката игра во самиот тек на играњето.
Оние што не сакаат да играат, ќе бидат изиграни.
Let's play together! За да ја смениме играта.

Има ли истрага за случајот „Ел-Масри“?

3/26/2006

Земјите членки на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) имаат обврска да не вршат тортура, но и должност да спречат тортура. Значи, согласно ЕКЧП, Република Македонија има обврска да обезбеди ефикасна, успешна и непристрасна истрага во однос на било која суштинска информација што дава сомнеж дека била извршена тортура или нечовечки или деградирачки третман на нејзината територија.
Еве што е наведено во
тужбата на Калед Ел-Масри до Џорџ Тенет, за тоа што му се случувало на македонска територија пред да биде качен во авионот:
„..he was beaten severely from all sides with fists and what felt like a thick stick. His clothes were sliced from his body with scissors or a knife, leaving him in his underwear. He was told to remove his underwear and he refused. He was beaten again, and his underwear was forcibly removed. He heard the sound of pictures being taken. He was thrown to the floor. His hands were pulled back and a boot was placed on his back. He then felt a firm object being forced into his anus.“
Покрената ли е истрага во Република Македонија по тврдењето за тортура, нечовечки или деградирачки третман од страна на Ел-Масри кое наводно се случило на наша територија? Според
„Утрински“, нема истрага: -„"Истрага нема да има, бидејќи случајот е чист", вели шефот на кабинетот на министерот Михајловски, Горан Павловски.“
Ако сеуште не е покрената истрага, тогаш е очебијно дека нашата држава го има прекршено чл. 3 од ЕКЧП затоа што го игнорира тврдењето за тортура на Ел-Масри. Пеналите за отсуство на ефикасна, успешна и непристрасна истрага за случајот „Ел-Масри“ ќе ги плаќаме сите ние.

МВР и човековите права!

Колку нашиот заштитник на човековите права - МВР се одбира од човекови права може да се види од нивната страница Потпишани конвенции за човекови права:
„...Република Македонија пристапува кон:
-Универзитетска декларација за правата на човекот, донесена на 10.12.1948 година; (...)
- Конвенцијата за приватна продажба на лицата без државјанство, донесена на 28.09.1954 година, објавена во »С.л.л. – МД« бр.8/59-64; “
Според која „Универзитетска декларација за правата на човекот“ ќе не штитите господине
Џанго, и каква е таа „приватна продажба на лица без државјанство“?
Ем ми се смее, ем ми се плаче. Што попрво?

Границите на слободата

„Слободата на изразувањето е во жариштето на бурните дебати и во блогосферата: Дали бришењето на коментарите од авторите на блоговите претставува уредувачка политика или цензура? Кој е одговорен за објавените коментари на блоговите - авторот на блогот или коментаторите? Прашањето е мошне актуелно и горливо, со оглед на тоа што анонимноста на коментаторите им дава можност за отворени атаци врз достоинството, честа и угледот на авторот на блогот (и други лица) , за изнесување семејни пригоди, за поттикнување омраза, за повреда на пресумцијата на невиност на трети лица, за откривање заштитени сведоци, за ширење детска порнографија, итн.“ (извадок од текстот во „Неделно време“)

Македонски сексуални поговорки!

Домашниот есап на сексуален пазар не излегуе!

Жените - неспособни за политика?

3/25/2006

Горан Михајловски, во „Сакам да кажам“ (не знам да речам):
"Жените-парламентарки сами си се понижуваат. Како жени не се способни заради своите квалитети да бидат политичарки, туку мора со квоти да ги внесуваат."
За едни може квоти, а за други не може?
Што вели понатаму експертот за женски права:
„Ним им е битен процентот. Не им се битни женските права. Тие им се само покритие во борбата за привилегиите што им ги нуди власта. Ако може парламентарките-процентуалки да си се пензионираат со 25 години стаж, а шивачките нека умираат на машини ако успеат да стигнат до 65 години.“
Меѓутоа, неколку реда по „машката“ критика, следи радикален шовинистички пример за тоа колку новинарите ни се родово сензитивни на дискриминација: „додека мажите им работат во Швицарска и Њемачка, партиските активисти ќе им работат на жените“.
Има ли потреба за коментар?

Криза на лидерството во Македонија

Да исполнам едно ветување дадено во коментарите на постот Харизматично лидерство. Следуваат неколку извадоци од мојот текст „Лидерството во криза: Македонски состојби“ (Политичка мисла, бр. 6, 2004, стр. 75-86), за жал сеуште релевантни:
"Кризата на лидерството настапува кога лидерите не можат да одговорат на современите политички предизвици (...)
...изборот на политички претставници како донесувачи на одлуки претставува само нужен, но не и доволен услов за демократија. Дури и Збигњев Бжежински во една прилика укажува дека не е доволно да бидеш избран демократски, туку дека исто така е потребно и да се владее демократски (...)
...актуелните политички лидери настојуваат да ги исклучат граѓаните од активното учество во мониторирањето на процесот на донесување одлуки и од учеството во механизмите за граѓанска контрола, што е несомнено важен елемент кој ја легитимира демократската политичка игра. (...)
Битен симптом за кризата на лидерството е отсуството на политичка одговорливост и одговорност кон сите граѓани. Најголем дел од избраните едноставно престануваат да одговараат на повиците на оние што ги бирале, или пак делумно се одѕиваат само на повиците на оние што ги избрале. Најголем дел од политичарите не се ни обидуваат да ја поттикнуваат илузијата за ефективно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки. Оставката, како чин на политичка одговорност, е речиси непознат феномен во македонската демократска традиција. (...)
...потребата од постојаната "закрила" на меѓународната заедница е можеби најубедливиот показател за кризата на лидерството во Република Македонија. Се поголем дел граѓани имаат впечаток дека не постои автономно донесување одлуки од страна на оние што се избрани да донесуваат одлуки во нивно име."

(Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски на работна средба со претставниците на невладините организации во Република Македонија)
Со кои „невладини“? Што не се на Владо (Бучковски) или што не се на Владе (Милчин)?

Ех, Скопје!

3/24/2006



Не е Кензо Танге за „Скопске битанге“!

Bлоговесникот

Како што вика филозоф:
Овде е блог на биќе познато под повише идентитети,една целина од супротставени мишљења, начини на изражавање, ходајуќи свезнајач, зборљивац-а-не-преќутувач!“
Нека не ве залажуе, нит е он(а) ego unus, нит е ego nullus, него ќе да е ego multiplus (maniacus?)!
Aj, oд многу блоговиденија, белким ќе се изроди и нов блоговесник!

Пази, Рез му е име!

Соучесници во злосторот!

Неколку цитати од колумната на Биљана Ванковска За цената на човечките животи:
"Јавноста заслужува да знае дека учеството во рамки на британскиот контингент во јужниот дел на Авганистан е учество во вистинска војна, за разлика од кое досегашното учество во северниот дел во рамки на германскиот контингент изгледа како училишна екскурзија."
"...нема пари што можат да ви го надоместат ужасот и ризикот од мисии кои немаат блага врска со мировни операции."
"Тригодишнината на Ирачката војна скоро и да не беше одбележана или беше споменувана како тема од меѓународните односи, без да се има во вид и нашата партиципација во тој дел од пеколот. Во светот се протестираше масовно, но кај нас се зборува за наводни успеси и владее официјална амнезија спрема соучесништвото во злосторството."

Како надоврзување на постот
Окупација на разумот, би поставил само две прашања до нашиот врховен командант: Кога ќе престанете да ги манипулирате Вашите граѓани за „постигнатите успеси на припадниците на Армијата во меѓународните мисии за зачувување на мирот и стабилноста во Ирак и Авганистан“? Дали единствениот Ваш успех за постигнување „стабилен политички консензус“ е „засилено присуство во меѓународните операции за подршка на мирот“, односно испраќање нов војници во војни на окупирани територии каде се губат десетици илјади невини животи?

Со граѓански национализам против етнонационализмот?!

Еве што потсетува Никола Гелевски во колумната „Олимпијадата и националниот идентитет“, објавена во 2004 год.:
„Да бидам малку посериозен; еве кои се најбитните обележја на националниот идентитет, според експертот за тоа прашање, Ентони Смит:
1. историска територија, односно татковина;
2. заеднички митови и историски сеќавања;
3. заедничка масовна, јавна култура;
4. заеднички законски права и должности на сите припадници на нацијата;
5. заедничка економија, со територијална мобилност на припадниците на нацијата.
Ете работа за ентузијастите кои ќе создаваат македонска нација!“
Надоврзувајќи се на Смит, Гелевски сугерира дека македонска нација треба допрва да се создава! Навистина, имаме ли ние политичка платформа за транзиција од етно-национализам кон граѓански национализам, со кои би ги стекнале сите пет обележја за национален идентитет? Можеме ли да се вклучиме во дебатата за Европскиот идентитет и постоечките национални идентитети доколку „националниот идентитет“ го сфаќаме исклучиво етно-националистички? Можеме ли да изградиме демократска држава и да влеземе во ЕУ ако продолжиме да го интерпретираме „народот“ исклучиво како „етнос“, а не и како „демос“?
Реакцијата на
Вуна ме поттикна да извадам од „нафталин“ еден коментар, и со некои измени и дополнувања да го вметнам во овој пост, како прилог кон некоја идна платформа за градење на граѓанско-национален идентитет:
Националното чувство подразбира граѓанска национална свест, која ние ја немаме тука во нашава држава. Еден од нашите проблеми е токму во тоа што имаме само етничка свест, а не и граѓанска национална свест. Кај нас националното се поистоветува со етничкото, наместо со припадноста кон политичката заедница - со државјанството или „граѓанското содружништво“.
За жал, кај нас нема услови кога ќе кажам „Македонец“, со тоа да ја изразам припадноста кон политичката, а не кон етничката заедница. Нешто тука не чини, и треба да go промениме.
Треба да создадеме услови за да можеме да си го изразиме и граѓанско-националното чувство, без притоа некој да се чувствува етнички навреден или дискриминиран. Немам ништо против етничкиот идентитет, ама го претпочитам националниот идентитет. Немам ништо против толерантниот етно-национализам, ама го претпочитам инклузивниот граѓански национализам.
Има многу што се удираат во гради како „Македонци“, а размислуваат за „шиткање“ територии заради етничка хомогенизација. Националниот патриотизам подразбира наклонетост кон државата и политичката заедница (емпатија кон со-граѓанинот), а не само наклонетост кон етничката заедница на која можеш но и не мора да припаѓаш (и емпатија само кон сонародникот - во етничка смисла).
Случајно сум етнички Македонец, и имам право да не бидам дискриминиран поради тоа. Исто така сум и национален Македонец (ако не ми пукне филм па да станувам Канаѓанец или Новозеланѓанец) и исто така имам право да не бидам дискриминиран поради тоа.

Дали со тоа што го претпочитам граѓанско-националното во однос на етничкото (како и повеќето други модерни Европејци) ризикувам да бидам прогласен за „национален предавник“?

Парадоксот на толеранцијата!

3/23/2006

„...апсолутна толеранција може да доведе до толеранција на идеи кои промовираат нетолеранција, што понатаму може да ја уништи толеранцијата.“ - Моника Маковеј, Министерка за правда на Романија
„Неограничената толеранција мора да води кон исчезнување на толеранцијата. Ако ја прошириме неограничената толеранција дури и на оние кои не се толерантни, ако не сме подготвени да го браниме толерантното оппштество против атакот на нетолерантните, тогаш толерантните ќе бидат уништени, и толеранцијата заедно со нив. (...) Затоа, треба да го застапуваме, од името на толеранцијата, правото да не се толерираат нетолерантните.“ - Промоторот на „Отвореното општество“ Карл Попер, кој смета дека поттикнувањето на нетолеранција треба да се криминализира.
Според мене, тоа ти е како од името на правото на живот, да се залагаш за смртна казна!
Одбивањето да се толерира нетолерантната личност, е токму давање пример за нетолеранција. Толерирањето на нетолерантната личност не промовира нетолеранција, туку дава пример за толеранција!
Ете, затоа се воздржувам од бришење на некои коментари.

Филмски цитати (2)

Последните зборови од оригиналниот Crash на Cronenberg:
"Maybe the next one, darling... Maybe the next one..."
Дефинитивно на мојата top-ten листа филмови!

Фрчкоски и „Квислинзите“

3/22/2006

А1: „Хелсиншкиот комитет ги издвоил најсочните мисли од колумните на Фрчковски, кои според нив, содржат говор на омраза, како на пример, смрдле за началникот на АРМ, оној мрмот од директор на ЕСМ, дупка една за Министерот за финансии, изрази како дунстери, монструмчиња, трупови, па дури и вулгарната политички пи... димови.“
Сепак, во
писмото на Хелсиншкиот комитет до ЕКРИ, споменатите изрази се опишани како пример за „лични навреди и нетрпеливост“.
Сосема други примери се дадени за „Говор на омраза“:
Сепак, можеби најголемата некомпатибилност на колумнистот Фрчковски и членот на ЕКРИ од Република Македонија го гледаме во неговите изрази со кои повикува на линч на политичките неистомисленици, а што кулминираше во неговата изјава, цитираме: „...Потоа треба да ги идентифицираме КВИСЛИНЗИТЕ* во нашите редови и да им ја е.. м..“
[*„Квислинзи“ се: „еден бивш претседател на партија кој кога беше на власт беше спремен да не продаде за "горна Македонија"“; (...) Втората групица квислинга е собрана околу раководството на една пропадната "алтернатива".]

За да нема забуни.

Како се „калеше“ претседателот!

„...Република Македонија успеа да промовира модел на функционална мултиетничка демократија по што стана препознатлива многу подалеку од границите на својот регион.“
Говор на претседателот Бранко Црвенковски на церемонијата на положувањето на темелите на новата американска амбасада

Не, Не, Не!!!

Што објавува денешен „Утрински“:
„ВМРО-ДПМНЕ нема да ја признае црквата на Вранишковски, а Груевски вели "не" за легализација на проституцијата, "не" за легализација на хомосексуалните бракови, и "не" за лесните дроги и за враќање на смртната казна.“
Тоа ли се трите НЕ на ВМРО-ДПМНЕ?
У која Европа сака да не води Груевски? Во кој век живее човекот?

Со ваква НЕгативна кампања, СДСМ не треба да се плаши за својата иднина, а Македонецот за својата небиднина.

Филмски цитати

Еден пролетен цитат:
„The question is,
have I learned anything about life?
Only that human beings
are divided into mind and body.
The mind embraces all the nobler
aspirations, like poetry and philosophy,
but the body has all the fun.“
Вуди Ален, Љубов и смрт (
Love and Death)

Блог-политичари

Потпретседателката на Европската Комисија има свој блог, на кој можат да се најдат интересни постови и жестоки коментари.
Еве што вика Маргот Валстром на својот
пост за блогерската слобода на изразувањето:
„As for censoring comments, I believe in free speech and want to give people as much freedom as possible to say what they want but there is a line which has to be drawn somewhere. (...) I notice one commentator accused me of ‘cowardice‘ in saying that freedom of speech must have some limitations. But of course it must! Would that commentator advocate that people who peddle child pornography, for example, should have unlimited freedom of speech? I doubt it. (...) Why must freedom of speech sometimes be limited? Because sometimes people will use it who seek to destroy society.“
Имате против-аргументи?

Уште еден бисер на „експертот“!

3/21/2006

Во еден претходен пост, откако погрешно го наведе името на ECRI (комисијата во која членува) - во колумната „Лошите тетки“ - му укажав на г-нот Фрчковски: „Скриј се професоре Фрчкоски - тоа не е „Европската комисија за борба против расизмот и дискриминацијата ЕКРИ“ туку Европска комисија против расизмот и нетолеранцијата (European Commission against Racism and Intolerance). Само поради тоа треба да се дистанцираат од тебе, затоа што лажно ги претставуваш.“
Во денешната
колумна на г-нот Фрчковски повторно е спомената „ЕКРИ Европска комисија за борба против расизмот и ксенофобијата“?!?
До кога овој „независен експерт“ ќе се бламира во јавноста?
До блог-психо-аналитичарите: Не е ли малку симптоматично што во обата превида при именувањето е потиснат зборот „нетолеранција“?

Расизмот и блогерајот

Денеска е меѓународен ден за елиминација на расната дискриминација. На овој ден во 1960 год. полицијата отворила оган и убила 69 луѓе на мирните демонстрации против законите на апартхејдот во Јужна Африка.
„Расната дискриминација е прекршување на човековите права“, се потенцира во соопштението на Советот на Европа
„Борба против Расизмот“. Во соопштението објавено на страницата на ECRI, се истакнува дека „All forms of racism, xenophobia, anti-Semitism, anti-Gypsyism, anti-Black racism, Islamophobia or other forms of discrimination, whether individual or institutional, must be confronted head on. A hate-motivated crime against members of one group is a crime against us all.“
Во соопштението се акцентираат и новите предизвици во борбата против расизмот - новите технологии. Така, во
Дополнителниот протокол на Конвенцијата за кибер-криминалот, усвоен во Ноември 2002 год., се бара од државите „да го криминализираат дисеминирањето на расистички и ксенофобични материјали преку компјутерските системи“!
Според протоколот, „расистички и ксенофобичен материјал“ значи „секој пишан материјал, секоја слика или која и да е претстава на идеи или теории, која застапува, промовира, или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против која и да е индивидуа или група на индивидуи, засновани на раса, боја, наследство или национално или етничко потекло, како и религија доколку се користи како пред-текст за кој и да е од овие фактори.“
ECRI, во
извештајот за Македонија усвоен 2004, сугерираше да ја зајакнеме правната рамка за борба против расизмот. Во таа насока, Република Македонија го ратификуваше Протоколот на конвенцијата за кибер-криминал кој стапи на сила на 01.03.2006 год.
Прашање до блогерите: Како вие се борите против расизмот?

Пак „милијардата“?

3/20/2006

„Нашата милијарда е во туризмот“, поентира Лилјана Поповска: „Словенија заработува повеќе од милијарда долари од една стопанска гранка - туризмот.“
Знае ли Поповска дека Словенија има топло море, дека Словенија има познати леталници и зимски центри, дека во Словенија нема случаи како Ел Масри (незаконски апсења на туристи од ЕУ)?
Најпосле, кој сака да плати за туристичко патување и да гледа ѓубре во езерата, на планините, во реките, со страв дека може да биде уапсен и да му се загуби трагата?

Актуелни филмски автори!

Ова е мојот избор: Woody Allen; Pedro Almodóvar; Catherine Breillat; Atom Egoyan; Agnès Jaoui; Neil Jordan; Mira Nair; Wong Kar Wai; Kim Ki-duk; Gaspar Noé; Todd Solondz; John Waters.
Кој е вашиот избор на филмски творци кои снимаат во моментов?

Цитат на неделата!

3/19/2006

„Да се пишува за себе, тоа е... автобиографско.Знаете, прославувам мал јубилеј - десет колумни зад себе, и богами решив да ви раскажам со какви се не искуства се стекнав, нафаќајќи се за оваа, за потентен човек, многу тешка обврска.“Алекс Букарски, „Нема ништо интересно“

Законот на Хамураби

Мал извадок од текстот во „Неделно Време“, Смртна казна пак? Не, благодарам!:
„Древниот законодавец ја пропишал следнава казна: Ако градителот на некоја куќа не ја изгради како што треба и куќата се сруши, тогаш градителот треба да биде усмртен. Ако пак куќата го убие синот на сопственикот, тогаш синот на сопственикот градителот треба да биде усмртен!
Не е ли правото на пропорционално возвраќање (jus talionis), всушност, политички коректен израз за правото на одмазда: „враќање мило за драго“, „око за око, заб за заб“, или „крв за крв“ (вендета)?“
Ќе дознаеме ли најпосле колку смртни казни се изречени и извршени во Македонија, врз кого и за кои дела?

Слободата на печатот!

3/18/2006

Европскиот суд за човекови права, во случајот Стил и Морис против Обединетото кралство, во однос на кампањата на Лондонскиот Гринпис против Мекдоналдс (погледнете ја само гротескната карикатура), досуди во полза на активистите и покрај тоа што обвинувањата во кампањата биле презентирани како фактички искази, а не како вредносни судови:
„The Court (...) notes that the leaflet in question contained very serious allegations on topics of general concern, such as abusive and immoral farming and employment practices, deforestation, the exploitation of children and their parents through aggressive advertising and the sale of unhealthy food. The Court has long held that “political expression”, including expression on matters of public interest and concern, requires a high level of protection under Article 10...“
Кај нас, Менде Петковски беше осуден 4 месеци затвор (2 години условно) за клевета поради текстот
Димитар Црномаров му го одзеде "фордот" и на апелацискиот судија Неџат Ајро, иако статијата поентираше со изјавата: „Во сообраќајот сите сме еднакви - од шефот на државата до најобичниот граѓанин. Затоа во Битола никој не смее да вози кола без таблички.“
Хелсиншкиот комитет во посебно
соопштение укажа дека Судот донесол пресуда и покрај тоа што во написот е изнесена вистината дека: „се случул настан во кој полицијата ги превзела законските дејствија во однос на лицето Ајро Неџат во врска со прекршување на одредбите на Законот за безбедност во сообраќајот (за регистрација на возила) и во однос на него било постапено согласно чл. 366 (издадена наредба за исклучување на возилото од сообраќај, одземена сообраќајна дозвола и друга документација за возилото, поднесена пријава за сообраќаен прекршок и барање за поведување на прекршочна постапка), што е утврдено и во образложението на донесената пресуда“!
Живееме ли ние во Европа?

Паника во МПЦ!

МПЦ шири теорија на конспирација:
"Хелсиншкиот комитет е платен како и Јован од други центри за да прави штета на македонскиот народ и МПЦ. Тие не се невладини организации, туку се агентури на други структури", рече Тимотеј. ("Тимотеј: Стејт департментот и прави штета на МПЦ“, „Утрински Весник“, 13.03.2006)
Некои претставници на здруженија на граѓани реагираат:
„На Хелсиншкиот комитет му се лепи етикета дека е странска агентура. Денес тој, а утре некоја друга граѓанска организација. Нема аргументација, нема здраво резонирање, туку само дисквалификување, понижување. Некој е грешник само заради тоа што е финансиран од странство. А тој што е финансиран од "земјата", само поради тоа автоматски не дејствува како агентура?! (...) Никој нема право граѓаните да ги нарекува дека се агентури (или "петоколонаши“).“ („Хелсиншкиот комитет не е странска агентура“, Славко Лазовски, Здружение на даночни работници, Скопје, „Утрински Весник“, 16.03.2006)
Познавате ли некоја наша активна невладина организација што не е финансирана од странство?

Харизматично лидерство

3/17/2006

Би имало ли потреба од харизматични лидер(к)и во едно идеално демократско општество засновано врз идеите на народна (во смисла на „демос“) контрола, граѓанска еднаквост, и социјална праведност? Политичката потреба од харизматични лидер(к)и е симптом за тоа колку демократските општества се всушност далеку од идеалот. Антипункт на идеалот за демократија е општество во кое идеите загубиле секакво значење - во кое, наместо идеите, политички мобилизираат харизматичните личности без оглед на тоа што ќе кажат и направат. Општество во кое законите стануваат флоскули, а зборовите на „Фирерот“, добиваат сила на закон.

Прво магазин па геј-парада?

Се појави и првиот број од магазинот „HELLO“, на Центарот за граѓански и човекови права. (Има кратка информација и на сајтот на МАССО) Неколку цитати:
„...бидете внимателни кога ги проценувате другите луѓе. Ако Вие ја дефинирате вашата сексуалност според сексуалните искуства, за нeкој друг е можеби клучна емоционалната поврзаност, или привлечноста, или фантазијата.
Не заборавајте, нема само една вистина и само еден начин да се биде геј.“
(„Кој знае што е хомосексуалец?“, HELLO, 1, стр. 21)
"Кон крајот на 2005 година во Машхад, Иран, беа погубени двајца тинејџери на возраст од 17 и 18 години. Пред да бидат погубени, тие поминаа 14 месеци во затвор и примија по 228 удари со бич. Причина за погубувањето беше тоа што двете деца беа фатени при вршење на хомосексуален акт! (...) Доколку не сте знаеле од 1979 година кога верските фанатици насилно ја презеоа власта во Иран, до денес се погубени 4.000 мажи и жени, обвинети за хомосексуализам.“
(„СТОП за смртната казна за хомосексуалци!“, HELLO, 1, стр. 21)
Има и статија за
ХомО - шведски Омбудсман за заштита против сексуалната дискриминација!
Ете, дочекавме геј-магазин. А ќе дочекаме ли и геј-парада во Скопје?

ЛУЗЕР vs. КОДОШ!

3/16/2006

До издавачот на овој блог, стигна следново „Коминике No. 1“ од Иницијативниот одбор на партијата (во основање) ЛУЗЕР Македонија (Либерална Унија За Единствена Република Македонија):


Лузери и Лузерки!
ЛУЗЕР Македонија ги известува сите свои потенцијални гласачи (вечни студенти и невработени, изманипулираните верници на МПЦ, ПОА и „Третиот пат“, очајни домаќинки, изневерени пријателки и пријатели, осиромашени домаќини, злоставувани деца, запоставени пензионери, и малтретирани домашни галеничиња) да не подлегнуваат на тајната пропаганда на новата партија во основање која со перфидни методи сака да предизвика раздор и нетрпеливост во потенцијалното гласачко тело на ЛУЗЕР Македонија!
Од извори блиски на ЛУЗЕР Македонија, дознаваме дека денеска одржал состанок иницијативниот одбор за формирање на нова партија со единствена цел да се оневозможи ЛУЗЕР Македонија да победи на следните парламентарни избори! Според неофицијалните информации, името на новоформираната партија ќе биде КОДОШ (КОалиција на ДОбронамерни Шегаџии) кои веќе работат на платформа и стратегија како да приграбат 20% од целокупното гласачко тело!
Спин-докторите на новата партија се убедени дека секој петти граѓанин на РМ е КОДОШ, и дека со примена на оперативно-тактички мерки - систематско излагање на подбив на целите и личностите што стојат зад ЛУЗЕР Македонија - ќе приграбат огромен дел од потенцијалното гласачко тело на соперничката партија. Еден од поранешните членови на иницијативниот одбор на КОДОШ (кој за две чашки ж'та пребега во ЛУЗЕР Македонија) не извести дека новата партија планира да издава весник наречен „Месечен КОДОШ“ со намера истиот да прерасне во „Неделен КОДОШ“ и „Утрински КОДОШ“!
На нашите потенцијални гласачи им ветуваме дека сите деструктивни обиди на КОДОШ ќе бидат разобличувани во нашиот блогерски гласник „Лузерска куродрвица“!
Лузери и Лузерки! Да не се правиме на „три и пол“! Дилемата на претстојните избори не е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ! Вистинската дилема е ЛУЗЕР или КОДОШ!
Не е дилемата „Три Е!“ или „Три НЕ!“ Вистинската дилема е „Три ДЕ“ (Демократизација, децентрализација, демонополизација) или „Три Бе!“ (Бееe... Бееееe... Бееeeeee..!)

Овци и луѓе

Зошто некои луѓе се навредуваат кога ги нарекуваат „овци“? Дали овците би се навредиле ако ги наречат „луѓе“?
Еве што вели
А1 за случајот „гранатирано бачило“:
„На пазарот најскапата овца е 100 евра. Но, на Џемаили локалниот ветеринар проценил дека една негова вреди 700. Министерството ги исплатило, правобранителството ги одобрило.“
Шлагот е на крајот од написот:
„...преживеаните резервисти кај Карпалак едвај добија по 3.500 евра.“
Дневник е попрецизен со бројките: „Сопственикот на бачилото Хиснифарис Џемаили барал од државата надомест за 929 убиени овци, 31 коњ и четири ждребиња, уништено сирење и млеко, во вкупна вредност од 26.472.742 денари. (...) Основниот суд 1 пресуди на оштетениот да му се исплатат 25.177.868 денари отштета, плус за судските трошоци и камата од денот кога е поднесена тужбата. Вкупната сума која му е исплатена на тужителот е 44.464.584 денари или речиси 730.000 евра. “
Денешно „Време“ тврди дека „Волци ги изеле овците вредни 720.000 евра“ повикувајќи се на „судски извори“!
Медиумско наравоучение: Во предизборие, резервистите не се на цена. На цена се овците!
Бучко, а да го поставиш
Шепард за советник?

Хуморот е веќе забранет!

3/15/2006

Во еден претходен пост, Анти веќе пишуваше за кривичните дела навреда и клевета во контекст на блогосферата. Она што мене ме фрапира, се казните за „излагање на подбив“!
На пример, „Тој што друг јавно ќе го изложи на подбив по пат на информатички систем поради неговата припадност кон определена заедница, етничка или расна група или верска определеност, ќе се казни со парична казна или со казна затвор до една година.“ (чл. 172 ст. 3 од КЗ). Берете памет блогери!
Многу повисоки се казните за изложување на подбив (со намера за исмејување) на Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна или на македонскиот народ и припадници на заедниците - затвор од три месеци до три години! Затвор до три години можете да добиете ако излагате на подбив и некоја странска држава или меѓународна организација.
Сепак, највисоки се казните за „излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи кое разгорува „национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост“ - можете да добиете казна од една до пет години, или дури десет (ако дошло до безредија или насилство).
Како што гледате, хуморот е опасен за државата! Хорхе од „Името на Ружата“ имаше право! Симболите се побитни од живите луѓе!
Ај да го укинеме стрипот на Ружица, да забраниме сатирични и саркастични стихотворби, секаков вид карикатури, и други уметнички дела во кои се излагаат на подбив симболи, знамиња, грбови, химни... Сите филмови на Вуди Ален во бункер - особено оној кога вперува крст кон разулавената дојка.
Стегнете им пријава и на Марко и Жарко, затоа што ги пуштаат Вуди Ален и Џон Вотерс. Земете стапови, димни бомби, молотови коктели, и право пред „Точка“!

Призракот на хомосексуалноста

Едно сениште кружи над Македонија - сеништето на хомосексуалноста. Сите сили на конзервативната Македонија стапија во свет сојуз за да го егзорцираат ова сениште: Македонската православна црква, Исламската верска заедница, етно-националистичките политички партии, дури и поранешниот Претседател на Република Македонија.
За жал, наместо во борба против хомофобијата и културното обезвреднување на сексуалната различност, и некои наши „интелектуалци“ тргнаа во отворен поход против „геј заканата“.
Дали Владиката Методиј Златанов, во својот текст
„Не прифаќам различности, туку личности“ ги прифаќа како личности само хетеросексуалците?
Еве што изјавува нашиот ценет професор Ферид Мухиќ во една своја колумна објавена во „Црногорски Монитор“, во која хомосексуалните врски ги прогласува за ненормални, споредувајќи ги со инцестуозните врски:
„Правете што ќе посакате, но не оспорувајте ја автентичноста на чувствата на сите оние мажи и жени на кои им е гнасна и самата помисла за сексуален однос со личности од ист пол!“
Неговиот асистент Ристо Солунчев, во текстот „
Кој е овде, впрочем, хомосексуалец?“ ја опишуваше хомосексуалноста како „психолошко нарушување и тип на психичка болест“, како „последица на еректилна дисфункција“, како „знак на декаденцијата на една цивилизација“, а за лезбејството го кажа следново:
„Денес лезбејството, како женски хомосексуализам, е интересен феномен, затоа што е нужно поврзан со феминизмот (поинтелигентните и поженствените феминистки се евентуално бисексуалки), којшто се јавува затоа што машкоста - како принцип - е дебалансирана и не може да најде начин како префинето да го допре другиот пол, туку го фрустрира со својата духовна импотенција.“
Дали Филозофскиот факултет има разработено посебни методи за препознавање на „декадентните“ и „первертирани“ феминистки, и за разграничување на бисексуалките и лезбејките? Како ли се нарекува таму феминистичката философија: „декадентна“ и „первертирана“ философија на неинтелигентни и неженствени лезбејки (или, евентуално, на „поинтелигентни и поженствени“ бисексуалки)?!?

Филмофили, чујте и почујте!

По успешното завршување на циклусот филмови за „Алтернативни сексуалности“, Марко и Жарко продолжуваат со нов циклус - треш-филмови во „Точка“!
Почнувајќи од следниот вторник во 21.00, ќе бидат прикажани четири филма од раната фаза на неповторливиот
Џон Вотерс, во кои главна улога е спектакуларната треш-икона Дивајн! Како и обично, после секој филм ќе следи муабет.
Инаку, Дивајн бил толку обожуван што после ненадејната смрт во сон, остатоци од неговите гомца биле продавани на аукција во Кристи!!!
Дојдете да проверите зошто!

Ел Масри нè срами!

3/14/2006

Ел Масри сведочеше во Стразбур: „Ел Масри призна дека македонската полиција се однесувала добро кон него, а адвокатот Гњидиќ ги запозна европратениците дека успеале преку интернет да го најдат хотелот каде бил задржан од македонската полиција и препознал еден од вработените.“
Тој не пропушти да ја спомене нашата гостопримливост (за која напишав и посебна
колумна).
Хјуман Рајтс Воч има специфична препорака до секретарот на Советот на Европа:
„We suggest that you ask the Macedonian authorities specifically to provide information about the Khalid el Masri case, referenced above—in particular, information about the cooperation of Macedonian intelligence services in handing over el Masri to the U.S. personnel who transported him to a secret prison in Afghanistan.“
Еве што вика еден анонимен дипломат во
„Дневник“:
„На сите им е јасно дека Македонија на САД и на нејзините агенти не можела да им даде негативен одговор кога најверојатно побарале услуга од македонските колеги во борбата против тероризмот.“ Република Македонија доби прилика за поправен испит на кој мора да одговори на
дополнителното писмо од секретарот на Советот на Европа, со рок до 7 април. Првиот пат добивме кец по транспарентност!
До кога ќе се браниме со молк и игноранција?!

„Државнику“, кај си, ш'о се стори?

Каква држава треба да бидеме?
1) Република Македонија треба да е уставна и парламентарна демократија.
2) Во Република Македонија треба да владее правото и да се гарантираат човековите права.
3) Во Република Македонија државната власт треба да е поделена на законодавна, извршна и судска.
4) Република Македонија треба да е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

А каква држава сме?
1) Република Македонија не е уставна демократија (После „Рамковниот договор“ - неусвоен од Собранието - Уставот е сосем маргинализиран)
2) Република Македонија не е парламентарна демократија (Парламентот е инструментализиран од Владата, наместо да ја контролира, а пратениците не се народни претставници туку партиски пиуни)
3) Во Република Македонија не владее правото, туку самоволието (Иако Рамковниот договор не е правен, туку политички акт, Владата упорно и упорно го имплементира)
4) Република Македонија не ги гарантира човековите права (Само граѓанинот може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот; но и кога ќе се повика, не го штитат ниту судовите, ниту Народниот правобранител)
5) Во Република Македонија не функционира поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (ниту судството, ниту собранието се немаат изборено за независност од Владата)
6) Република Македонија не е суверена држава (поради договорот за изземање со САД, присуството на НАТО, и поради интегративните процеси во ЕУ)
7) Република Македонија не е самостојна држава (Клучните одлуки ги донесуваат претставниците на „меѓународната заедница“ -
кликни да го видиш „државникот“ во „сендвич“)
8) Република Македонија не е демократска држава (Наместо држава на „демосот“, Република Македонија е прогласена за држава на „етносите“ во преамбулата на Уставот )
9) Република Македонија не е социјална држава, туку држава на „социјалата“ и безработицата.
Наместо да ја слушате Владата („И Сонцето е ѕвезда“), преслушајте го
The Dark Side of the Moon!

Враќање на смртната казна?

3/13/2006

Зебра лајф, Понеделник, 22:05.
„Има ли државата право да одземе живот на поединец? Која е најсоодветната казна за убиство? Ја осудувате или оправдувате смртната казна?
Дебатираат: Жарко Трајаноски и Саше Димовски.“
Гледајте, па коментирајте.

Крик против непристапноста!

3/12/2006

Како човек да се бори против цунамито од медиумска „слоботомија“?
Еве еден мал прилог. Во писмото на Адил Бакиу, објавено во „Дневник“, тој не потсетува дека на лицата со хендикеп им е ускратено правото на слободно движење: „Непристапни болници, амбуланти, продавници, банки, средства на јавниот превоз, кина, театри, и многу други објекти од кои имаме потреба во секојдневниот живот.“
Ќе го чуе ли некој гласот на Адил кој се обидува да ја разбуди нашата заспана соучесничка совест: „...реално, јас сум затвореник во СВОЈОТ непристапен град“?
Ќе допре ли крикот на субалтерните до оние кои треба да овозможат пристапност, во сеопштата заглушувачка медиумска бука?
Трагично, но ниту Народниот правобранител, ниту повеќето невладини организации за човекови права не се пристапни за дел од лицата со посебни потреби.
На минатите избори, најголемиот број избирачки места не беа пристапни за лица во количка. Ако сакаме фер и праведни избори, тогаш треба да обезбедиме услови за универзално остварување на правото на глас.
Практичен предлог: ако се организираат избори во избирачки места непристапни за лицата со посебни потреби, против организаторите да се покренат кривични пријави за повреда на избирачко право. Имено, службено лице кое „на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“ (чл. 159 ст. 1 од КЗ).

„Секси“ авто-гол

Во најновата колумна „Сексуални работнички“, Ѓорѓи Марјановиќ ги споделува со читателите своите дилеми:
„Имам извесни дилеми само околу тоа како да ги класифицираме академиците, универзитетските професори и другите (вклучително, се разбира, и новинарите) што се проституираат со политиката. Дали се тоа „научни сексуални работници“, „јавни сексуални работници“ или „медиумски сексуални работници“?“
Довчерашниот универзитетски професор, како да заборава дека и самиот станува жртва на сопствениот сарказам и „политички коректен“ хумор, имајќи предвид дека беше и сеуште е актуален претседател на „Лигата за демократија“, која цело време отворено нуди интелектуални услуги, де на партиите од власта, де на партиите од опозицијата.
Толку ли брзо заборави на неуспешниот „threesome“ заедно со Партијата на зелените (на Јован Манасиевски) и Демократската партија (на Гошев), после кој мораше повторно да ја воскреснува „Лигата“ на нашата политичка егзибиционистичка сцена?

Окупација на разумот

Боцевски јава на Фукујама, загрижен за македонските војници и отсуството на јавна дебата, а окупираните Ирачани и Аганистанци (многумина од нив жртви на „friendly fire“ и „колатерална штета“) ич не ги спомнува.
Анти апелира да признаеме дека сме окупатори, и да си се вратиме дома.
Просто се наежив од хипокризијата во
текстот на Фукујама: од фразите „беневолентна хегемонија“, од „неоконзервативистичкото верување во универзалноста на човековите права“, од „периодични превентивни одбранбени војни“ против терористичките закани кон САД.
Сепак, Фукујама признава дека и по инвазијата на Ирак таму (и во Авганистан) се води војна, не затоа земјата е нападната и окупирана од САД, туку што затоа што Ирак станал „магнет, тренинг игралиште и оперативна база за џихадистичките теористи, со изобилство американски мети за отстрел“. Фукујама не само што признава дека се водат „контра-востанички“ војни, туку инсистира на победа со триумфалистичкиот жаргон на Буш: „We are fighting hot counterinsurgency wars in Afghanistan and Iraq and against the international jihadist movement, wars in which we need to prevail.“
Уште неколку прашања кои заслужуваат одговор:
1) Дали Собранието донело одлука за наше приклучување во војната во Ирак? (според чл. 68 од Уставот) Ако не донело, тогаш нашата надворешна политика негира дека во Ирак се води војна.
2) Против кои оски на злото се бориме во т.н. „антитерористичката коалиција“?
3) За какви „мировни операции“ станува збор (неодобрени од ООН), кога дури и идеолозите на нашите сојузници признаваат дека се водат војни на туѓа територија?
4) Од кога терористите почнавме да ги делиме на „исламски“, „џихадистички“ (Фукујама) и останатите?

Уредувачка политика или цензура?

3/11/2006

Од еден од моите коментатори го добив следниов мејл:
„Жарко, еве ти материјал за пост за цензура. Се состои од два избришани коментари кај Анти, и од нашата после-преписка (3 мејла)... Ако одговори Анти, ќе можеш и тоа да го вклучиш на постот... Ако мислиш дека е разумно материјалов да се стави на твој пост - бујрум. Ако не - пак, се е во ред, ништо страшно и ништо битно. Поздрав, Рез(име)“
Со оглед на тоа дека се појавија многу недоразбирања во однос на блогот како медиум, а прашањето за границите на правото на слобода на изразување во блогосферата станува се поактуелно, одлучив да ја објавам следната преписка во коментарите на овој пост.
Во првиот коментар можете да ги прочитате коментарите за кои Рез(име) тврди дека му се цензурирани на постовите кај Анти (
"Осум разлики меѓу капитализмот и социјализмот" и "Геро се шири ко птичји грип!" ) и неговиот приватен мејл кон Анти со барање да му се вратат избришаните коментари.
Во вториот коментар можете да го прочитате одговорот на
Анти. (авторизиран)
Во третиот коментар е „разделбата на Рез(име) со Анти“.
Апелирам до коментаторите на овој пост да претпочитаат критичка и аргументирана полемика во врска со горливото прашање („Уредувачка политика или цензура?“) и на дело да покажат дека правото на слобода на изразување во блогосферата подразбира и одговорност.

Прашања кои заслужуваат одговор

3/10/2006

Во денешниот коментар на Дневник - Кој спие на големото уво?, авторот го потсетува Собранието дека сеуште не е изгласан Законот за следење на комуникациите, со кој треба да се имплементира уставниот АМАНДМАН XIX: кој вели дека „Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката.“
Прашање број 1: На кој начин Македонија (ќе) се бори против тероризмот и организираниот криминал кога во отсуство на закон, прислушкувањето е неуставно?
Прашање број 2: Како индивидуите кои се сомневаат дека се прислушкувани можат да го заштитат своето уставно право на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, кога јавна тајна е дека во Република Македонија сеуште се врши прислушкување без никаква контрола?

Мало појаснување

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, го објави на својата веб-страница Отвореното писмо до ЕКРИ, со барањето комисијата „да го преиспита прашањето дали г. Љубомир Д. Фрчкоски ги има потребните квалитети за член на ЕКРИ“.
Токму на ова писмо реагираше г-нот Фрчкоски во својата
колумна во „Дневник“, на која следеше моја реакција во еден од претходните постови.
Иако учествував во подготвувањето на писмото, крајната содржина не ми беше позната во време кога ја објавив реакцијата, до утрово кога видов дека писмото е објавено на веб-страницата на Хелсиншкиот комитет.

Уште еден „Автогол“

3/09/2006

Во опширните коментари на мојот пост Автогол, посветен на колумната на Букарски, ја направив следнава дигресија:
„(Еднаш кога ми објавија
колумна во „Време“ под колумната на Ферид Мухиќ, извори од редакцијата ми кажаа дека мојот несуден ментор лично им се јавил да се жали зошто објавиле текст под неговиот. Бљак!)“
На паузата на една трибина (за која поопширно известува
Анти), при поздравувањето со мојот поранешен професор, пријателски ми беше укажано дека тоа што сум го објавил на мојот блог не е вистинито, и дека не било коректно од моја страна да објавам таква дезинформација, без да се консултирам со него.
Мојата прва проценка во тој момент беше дека станува збор за пропуст од моја страна, и затоа најавив дека ќе следи извинување на мојот блог. Истата вечер, го објавив следниов
коментар:
„Со оглед на тоа што професорот Мухиќ лично демантираше дека реагирал по повод објавувањето на друг текст под неговата колумна, чувствувам потреба јавно да му се извинам за тоа што неговото име беше споменато во таков контекст.Памет блогери - не верувајте во се што ќе ви кажат новинарите, па дури и ако се уредници во некој весник!“
Бев пријатно изненаден кога ја прочитав денешната колумна на Ферид Мухиќ
Тестирање карактер. Во колумната потпишана од универзитетскиот професор, по којзнае кој пат Ферид Мухиќ се претставува себеси како жртва на цензура од времето на СФРЈ, откако не му била објавена веќе најавената книга: „...веќе отпечатена книга беше уништена, по наредба „од висока идеолошка инстанца“...“. Во пред-предговорот на книгата „Доминација и револуција“ (издадена прв пат од Аз-Буки, 2005 год.), Ферид Мухиќ објаснува дека уредникот на „Малата библиотека“ на „Идеје“ од Белград во септември 1972-та „го извести авторот дека од ЦКМ дошол фиљан човек со барање книгата на Ферид Мухиќ Доминација и револуција да не се појавува. И така бидна.“ (стр iii).
Најнапред, Ферид Мухиќ го објаснува своето доблесно поведение во врска со случајот:
„И „високата инстанца“, и јавачот што ја пренесе наредбата до издавачот во Белград, и денес ги среќавам и при тоа имаме сосема нормален разговор во кој никогаш не им спомнувам дека ја знам целата приказна.“
Професорот Ферид Мухиќ си има нормален муабет со своите цензори, ним ништо не им спомнува и ден-денес дека ја знае целата приказна, а приказната детално ја опишува не само во пред-предговорот на книгата, туку и во денешната колумна. Изненадувачки, во колумната Ферид Мухиќ сугерира дека со таквата автоцензура го поминал „тестот на карактерот“:
„Тоа јас го викам „тестирање карактер“. А го спомнувам тоа само за да посетам на златното правило секоја приказна слушната од други, за некој близок човек, секогаш да се проверува лично со него. Многу пријателства се урнаа заради непочитувањето на ова правило! Така деновиве слушнав две работи:1. веста дека еден мој драг пријател поверувал (без тоа да го провери лично, во разговор со мене) на толку неверојатна интрига каква што е дека јас сум се залагал да не му се дозволи да објавува свои текстови?? Каков кобен превид, да се поверува во таквата вест која заслужува да биде прогласена за најневеројатната вест на милениумот! И тоа го означувам како „тестирање карактер“...“
Професорот најнапред вели „слушнав“, од што заклучувам дека не го прочитал она што сум го запишал како коментар на мојот блог во кој лично се спомнува со име и презиме. Бездруго, и професорот Мухиќ е жртва на „рекла казала“ затоа што ако го прочитал она што експлицитно го пишува на мојот блог, немало да поверува во лагата дека сум му забележал дека се залагал да не ми се дозволи објавување на мои текстови. Такво нешто не сум поверувал, туку сум поверувал дека „мојот несуден ментор лично им се јавил да се жали зошто објавиле текст под неговиот“, како што е и објавено.
Значи, професоре, ако веќе го афирмирате златното правило „секоја приказна слушната од други, за некој близок човек, секогаш да се проверува лично со него“, тогаш лесно сте можеле лично да се уверите што е навистина напишано. Впрочем, кога лично ми укажавте како на „близок човек“ (без да знам дека всушност го практицирате вашето „златно правило“) јасно ви кажав што е навистина објавено на мојот блог. И покрај личната проверка, Вие не сте поверувале во она што ви го кажал вашиот „драг пријател“, туку во „рекла казала“ - истото за што го обвинувате „драгиот пријател“ во вашата колумна. Нели е тоа очебиен доказ дека само декларативно се залагате за вашето „златно правило“?
Колумната, во која сугерирате дека не сум го поминал вашето „тестирање карактер“, и во која немате храброст дури ни да го споменете моето име и презиме, не е потпишана од „драгиот пријател“, туку од универзитетскиот професор Ферид Мухиќ. Како универзитетски професор, научник и публицист, имате должност да ги наведувате изворите кои ги користите во вашите јавни написи. Во Вашата колумна имате направено елементарна методолошка грешка - коментирате нешто што не сте го ни прочитале, врз основа на „рекла казала“, иако е јавно објавено и достапно секому.
Предноста на блогот како медиум е и тоа што сте можеле да оставите Ваш коментар, и јавно да го демантирате или појасните она што го објавив во врска со Ферид Мухиќ. Иако не го сторивте тоа, јас јавно Ви се извинив зошто сум објавил информација која што лично не сум во состојба да ја верификувам. Вие го игнориравте моето извинување, моето лично укажување што е навистина објавено, и ја искористивте вашата колумна за да го оцрнувате карактерот на Вашиот „драг пријател“ врз основа на „рекла казала“ кои беа оспорени од моја страна!
Анализата на вашите „пријателски“ постапки во последниве неколку дена, и обидот да ја напумпате мојата мала дигресија како „кобен превид“, „неверојатна интрига“ и „најневеројатната вест на милениумот“, создава се поголеми сомнежи кај мене во Вашите декларирани намери да се борите за моето право јавно да ги изнесам своите ставови. Имено, ако навистина Ве интересирале моите ставови во кои сте лично споменати, ќе сте го прочитале мојот блог и коментарите пред јавно да го доведувате под прашање мојот карактер.
На едно место пишувате: „Му се восхитувам на оној што, наместо да гледа како да го повреди и понижи другиот а за тоа да остане неказнет, постојано се дума како да го израдува, охрабри и утеши секој на кого тоа му е потребно.“ За жал, Вашата денешна колумна е кристално јасен пример за тоа колку Вашите „пријателски“ постапки се во согласност со „убавите думи“ што ги проповедате во јавноста. Уште еднаш Ви благодарам што ме израдувавте и охрабривте со денешнава колумна. Има ли поголема утеха од начинот на кој ја остварувате вашата идеја за „Кралската привилегија на доблеста“?!

Нетолеранција и игноранција

3/08/2006

Продолжува сапунската серија за „интелектуалци“, турбо-фолк варијантата на „Сексот и градот“ - „Сам Фрчко против сите“. Како што е полицијата „поблиску до народот“ (на пендрек растојание), како и „жолтите“ весници со деталните описи на секоја епизода од „Касандра“ (и клоновите), така и Фрчкоски се обидува повторно да се „упика“ срозувајќи го „интелектуалистичкиот“ жаргон на ниво на задоволовање на локално-сеирџиски потреби.
Во најновата турбо-фолк епизода „
Лошите тетки“, експертот по сештологија повторно се обидува да ја манипулира јавноста дека Охридскиот договор е „правно-политички акт“ иако Уставниот суд јасно укажа дека Рамковниот договор е политички акт, а „не е правен акт што може да биде предмет на уставно судска оцена“. (уште)
Овој пат, новина е тоа што покрај „Рамковниот“ се спомнува и Уставот (кој што бил „на негова основа“), па оттаму барањата за измена ќе биле „против Уставот и потоа против Охридскиот договор“. Фрчкоски мудро ги премолчува разликите помеѓу одредбите од „Рамковниот“ и од Уставот, а како да не бил тука во 2005 год., кога донесовме толку нови Уставни амандмани кои, секако, ги немаше во „Рамковниот“ (па никому ништо).
Но, не станува тука збор само за наивен обид да се создаде од себеси жртва на некаква „денунцијација“ како палаво мангупче со пис јазик. Фрчкоски (типично за него) со навредлив говор ad hominem возвраќа на аргументите дека е апсурдно наш претставник во ЕКРИ да биде некој кој тука умешно култивира навредлив говор, сексистички говор, и други форми на нетолеранција. Навистина, објаснете ми, како Фрчкоски се бори против навредливиот говор, сексизмите, ксенофобијата, религиозната нетолеранција... - што е дел од мисијата на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата? Со тоа што дава свој личен пример како треба да се навредува секој кој има поинакво мислење, со тоа што ги нарекува нашите политичарки „невротични кучки“, „истоштени квазиисусовки“, „девојки од работните акции“, со тоа што ја прогласува Јовановата црква за „кула од карти, пепел и пепел ќе остане“?
Наместо противаргументи, кутриот Фрчкоски плаче дека „оваа лоша тетка ме цинкари, ја денунцира мојата дребност во Стразбур (во Европската комисија за борба против расизмот и дискриминацијата ЕКРИ, во која ја сум независен експерт)“.
„Кутриот“ Фрчкоски не заборава да спомене дека е „независен експерт“, а мудро премолчува дека како член на ЕКРИ е именуван од својата Влада, согласно
критериумот „висок морален авторитет и признаена експертиза во справувањето со расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата“.
А за каков експерт станува збор, показател е тоа што човекот не знае ниту точно да го наведе името на комисијата каде што го назначиле. Скриј се професоре Фрчкоски - тоа не е „Европската комисија за борба против расизмот и дискриминацијата ЕКРИ“ туку Европска комисија против расизмот и нетолеранцијата (European Commission against Racism and Intolerance). Само поради тоа треба да се дистанцираат од тебе, затоа што лажно ги претставуваш.
Фрчко вели дека е „недостојно за споменување“ критикувањето на неговиот учебник за човекови права, поради незнаење. Ај да видиме што е недостојно:
„Меѓународното право за правата на човекот, по дефиниција, претставува: збир од норми содржани во современите меѓународни конвенции и договори, во кои државите преземаат обврски да ги признаат, да ги почитуваат, да ги заштитуваат и да ги гарантираат – специфичните права на своите граѓани во рамките на нивната територија.“ (Фрчкоски, Љубомир Данаилов. Меѓународно право за правата на човекот. Магор, 2001, стр. 11.)
Професоре, кој ти даде диплома? Меѓународното право за правата на човекот се занимава со меѓународните инструменти за човекови права, во кои носител на правото е човекот, а не граѓанинот. Убеди ме дека секој човек е граѓанин (државјанин) - па ќе ти го читам понатаму учебникот. Да сум ти ја професор Фрчкоски, на испит не би те пуштил за ваква елементарна утка, камоли да те признавам за експерт по човекови права! Да бараш да ти ги врати парите тој што те учел човекови права, оти или ништо не те научил, или пак како палаво учениче си бегал од првите часови.
Научи прво во која комисија те поставиле за член, почни од Wikipedia да читкаш за
International human rights law, за нетолеранција, па можда после некое време ќе правиме и муабет за човекови права.

8-ми март

Честитки до сите што нема да подарат ништо на „поубавиот пол“ денеска!

А слободата на изразување?

3/07/2006

Го поздравувам потегот на Вуна (и останатите) јавно да реагира и протестира против навредливиот говор полн со негативни стереотипи, изразени во песната „Ода за незнајната Учка“. Беше прекрасно да се чита пост кој заслужи над илјада посети.
Сепак, она што загрижува во дел од коментарите е отсуството на култура во однос на правото на слободно изразување, дури и кога станува збор за информации кои навредуваат, шокираат, или вознемируваат.
Би потсетил само на една препорака на HRW околу случајот карикатури: „Општество изградено на слободата на изразување и вредностите на жестока дебата би требало, секогаш кога е можно, да го пресретнува навредливиот говор со повеќе говор - со денунцијации, приговори, објаснувања - наместо со цензура од името на јавната безбедност.“
Затоа, апелирам до борците за правото на слободата на изразување и во вакви чувствителни случаи да го кренат својот аргументативен меч против повиците за цензура и ограничување на слободата на печатот.
Истовремено, ги поздравувам сите обиди во јавноста (во блогосферата веќе имаше неколку такви иницијативи) за аргументирано спротиставување на сите облици на навредлив и омаловажувачки говор, говор на омраза, или говор кој поттикнува негативни стереотипи, непочитување на разликите, хомофобија, сексизми, расизми, религиозна и други форми на нетолеранција.

Зошто сум ЗА политичка коректност!

3/05/2006

1) Затоа што не сакам да ме нарекуваат „Славомакедонец“, „Македонче“ „каур“, „балканец“... и секогаш ме вади од такт кога ќе слушнам „Шиптар“, „Циган“, „Бугар“, „Цинцар“... - со наци-акцент a la Анте Поповски;
2) Затоа што ми е преку глава да слушам дека сите жени се „курви“, „ороспии“ или „кучки“ (како „жената треба да се млати и да се „чука““), или дека сите мажи се свињи;
3) Затоа што ми се темни од навредливи изрази и говор на омраза во нашите медиуми и графити кои повикуваат на линч и гасни комори;
4) Затоа што се надевам дека пцовките не се единствениот наш адут во „културниот натпревар меѓу народите“;
5) Затоа што колку и да сакате да ги омекнувате зборовите „педер“, „сељак“, „проститутка“, „наркоман“, тие ќе бидат сфатени како навреда од најголемиот број не-хетеросексуалци, луѓе кои не се родени во град, сексуални работнички, и корисници на дроги;
6) Затоа што во земја во која цути расизмот, ксенофобијата и религиозната нетолеранција, нема ништо полицемерно од легитимирањето на навредливиот и омаловажувачки говор како „слобода на изразувањето“;
7) Затоа што правото на слободата на говорот не може да се толкува како апсолутно, и над правото на човековото достоинство кое мора да се почитува и заштитува.

(Инспириран од Хипи крикот на Вуна)

Автогол

„Фајтерската“ колумна на Букарски „Notes of a dirty old men“ (уште), започнува со цитат на Буковски а завршува со следниов цитат на Боцевски: „Колумните се преполни со одлично избрани цитати... тоа што недостасува е СТАВ.“
Прекрасен прилог на Букарски кон колумнистичката цитатотоксичност!
До кога бе „фајтери“ со цитати?

„Емоционални филмови“

3/03/2006

Инспириран од блогерската препорака на Анек во „Без жалби и поплаки“, за промена пишувам нешто што ми има оставено позитивен впечаток.
Пред неколку седмици, порачав мала боза и баклава во „Ескимо“, и подадов петстодинарка за да платам. Девојката што работеше во слаткарницата учтиво ми побара ситно, а откако реков дека немам ситно, следуваше изненадување - „Нема проблем, ќе платиш следниот пат.“ За момент се почувствував дека не се наоѓам во Скопје - Македонија.
Следниот пат беше вчера. Веќе имав заборавено на случката, кога рутински порачав мала боза и еклерче (по препорака на истата девојка која рече дека еклерчето е потазе од индијанката). Дури кога ги извадив парите да платам, се сетив на долгот од минатиот пат, го пријавив на девојката, која ми наплати без никаков коментар.
Се чувствував убаво кога излегов од слаткарницата.
Ми остана само уште една дилема: дали бозата од „Ескимо“ е подобра од бозата во „Апче“? Наредниот пат ќе купам литрo боза од „Апче“ и литро од „Ескимо“ за да направам едно споредбено истражување.

Зависници или корисници?

Во денешен „Утрински весник“ објавени се контрадикторни статистички резултати за регистрирани корисници/зависници од дрога. Во написот со сензационалистички наслов - „Деца во канџите на хероинот“ - се тврди дека „Според податоците на МВР, во земјава има 7.126 зависници на дрога“, додека во поднасловот фигурира бројката од „7.127 корисници“.
Во текстот објавен на соседната страна - „Во Македонија е зголемено уживањето наркотици“ (МИА/Макфакс) се вели: „Официјалните македонски статистички податоци во врска со бројот на корисници на дрога не се прецизни, но сепак, Владата проценува дека тој број изнесува меѓу шест и осум илјади корисници. Повеќето од нив користат марихуана, по што следува хероинот и екстази.“
„Дијагностицирањето“ на сите регистрирани корисници на дрога како зависници од дрога, од страна на МВР и медиумите, оди на штета на мнозинството корисници (рекреативни корисници на марихуана) кои се под постојана закана од социјално исклучување и полициско вознемирување.
Во моментов, во европските земји се водат кампањи (адресирани до ООН) за запирање на „војната против дрогите“ и за слободата да се одгледуваат природни растенија за лична употреба. (И Боливија води војна против компанијата „Кока кола“ која единствено има дозвола да ги комерцијализира производите врз база на растението Кока).
И дебатата за канабисот не стивнува, со проценката дека регуларно го консумираат 10% од возрасните во Европа. Кога би биле на европско ниво, тогаш кај нас би имало над 200.000 регуларни корисници на канабис.
Трошоците на ЕУ за спроведување на неефективните политики базирани на забрана на дроги изнесуваат 6,5 милијарди евра годишно, односно 18 милиони евра, дневно! Боли глава.

Приоритетите на Македонија

3/02/2006

Република Македонија беше спомената како една од четирите држави кои „не ја искористија шансата да поднесат адекватни одговори и да ги тргнат сите сомнежи за нивното наводно непримерно однесување“ (уште)
Во својот извештај, Тери Дејвис, генерален секретар на Советот на Европа, експлицитно констатира дека „поранешната Југословенска Република Македонија“ воопшто не дава никаков одговор на прашањата за инволвираност и официјални истраги“. Во извештајот е напоменато дека Македонија не одговорила ниту на барањето за правна помош од 2005 год. на Сојузна Република Германија во врска со кривичната истрага за еден случај на киднапирање (случајот „ел Масри“).
Од Македонија ќе се бараат натамошни објаснувања и појаснувања.
На кое прашање воопшто не одговорија нашите власти: „Дали од 1 јануари 2002 год. било кој јавен службеник бил инволвиран, со дејство или пропуштање на дејство, во такво лишување на слобода или транспорт на притворени лица; дали некакво официјално истражување е во тек или било спроведено“. (уште)
Обврската на Република Македонија да даде одговор на прашањата произлегува од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Во одговорот потпишан од Елеонора Петрова Митевска, се тврди дека заштитата, почитувањето и промоцијата на човековите права и слободи е од приоритетно значење за Република Македонија. Во одговорот се појаснува и дека „Притворените лица мора да бидат веднаш изнесени пред суд, со максимум период од 24 часа од моментот на притворање, и судот - без одолговлекување - ќе одлучи за законитоста на притворот.“
Наградно прашање до Џанго - колкумина од притворените лица од страна на „Алфите“ како уживатели на дроги биле досега изнесени пред суд?

Како се разгорува омраза?

3/01/2006

Врховниот суд ја претекна нашата петиција за помилување на Вранишковски, намалувајќи му ја казната на 8 месеци (исто толку колку што е в затвор):
„Практично Вранишковски ја отслужил казната за единственото од трите кривични дела за кое беше осуден - разгорување на верска, расна и национална омраза.“ (повеќе)
Не е прв пат нашите судови да изрекуваат казни само за да го покријат времето поминато во притвор или во затвор.
Нашиот кутар Претседател продолжува да дава парадоксални изјави дека „државата нема да се меша во црковните работи“, а во исто време лобира за МПЦ кај поглаварот на Романската црква (повеќе). Претседателот ја пропушти шансата, и не даде на време помилување за контроверзното календарче.
Така, станавме земја во која помилување добија т.н. „терористи“ (заедно со сите бранители кои правеа недела за време на конфликтот), оние што ги прислушкуваа новинарите и опозиционерите, но не и „Расколникот“ претворен во монструм од страна на медиумите, и осуден од сите судови заради неговото „проклето“ календарче.
Наравоучение: Верска, расна и национална омраза не се разгорува со демолирање и палење на верски објекти, ниту со јавни расистички испади во кои сите „Црнци“ се перцепираат како закана по нашето здравје, ниту со навивачки и протестни скандирања со кои одредени етнички групи се праќаат во гасни комори.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week