Во име на Македонија (1): ем „тешкото“, ем „сиртаки“?

5/02/2007

Инспириран од некои укажувања во текстот на студентката по новинарство Аманда Ривкин, „Апсурд од едно фино име“ (Форум плус, бр. 83, 27.04.2007, стр. 16-19), одлучив да започнам нов циклус постови за т.н. „битка за името“.

Како и многу други производи со етикета „истражувачко новинарство“, и овој текст повеќе или помалку успешно броди по сцилите на површноста и харибдите на егзотичноста.

Но, друго ми беше зборот. Она што особено ме заинтригира во текстот, беше следново укажување на авторката: „Нимиц вели дека, кога двете страни се на преговарачка маса, тој на делегациите им се обраќа употребувајќи ги имињата на двата главни града, односно Атина и Скопје.“

Атина и Скопје?!?

Навистина не ми е јасно. Ако е мошне упадливо дека едната страна во „спорот“ ја користи секоја прилика да ја нарекува другата страна „Скопје“, а нејзините граѓани „Скопјани“, и ако другата страна воопшто не покажува претензии да ја нарекува Грција „Атина“, ниту пак Грците - „Атињани“, тогаш како може да се протолкува ваквото обраќање на Нимиц во текот на посредувањето освен како симптоматичен гест на пристрасност кон Грција?

Ех, да беше само тоа.

Студентката на школата за новинарство на Универзитетот Колумбија укажува, исто така, дека „Нимиц досега им предложил десетина имиња на двете страни, но ниту едно не било прифатено. Неговиот личен фаворит е предлогот „Нова Македонија“, за што тој вели дека е „едно фино име“.“

Што да се каже за широкоградоста на „кумот“ Нимиц, кој „досега им предложил десетина имиња на двете страни“? Баш ме интересира, какви се имиња досега предложил, и дали притоа предложил и некое ново име за „Hellenic Republic“ (Ελληνική Δημοκρατία) која неофицијално се нарекуваGreece (Ελλάδα или Ελλάς).

Што да се каже пак за неговиот „личен фаворит“ - „едно фино име“ од еден „фин господин“ кој мудро ги советува фанатиците со зборовите „Уживајте го животот“? Или пак уште еден симптоматичен гест на пристрасност кон Грција, ако се земе предвид дека прифаќањето на предлогот „Нова Македонија“ би значело и признавање дека Грција има политичка моќ да биде непоканет „кум“ на нашата држава и покрај тоа што:

а) нема друга држава во светот (ниту федерална единица) која го носи името Македонија;

б) со нашето уставно име досега не имаат признаено 115 држави (како што потсети Милошоски);

в) Грција нема никакво право на монопол над името „Македонија“, исто како што и „Европската Унија“ нема никакво право на монопол над името „Европа“.

Да си признаам, не мало изненадување за мене беше и изјавата на Милошоски во која изразува подготвеност за решавање (или можеби поарно ќе беше да каже – разрешување?) на „спорот“ (или можеби поарно ќе беше да каже – расколот?) помеѓу Грција и Македонија.

Знам дека „дипломатската игра“ на релација Македонија-Грција-ОН крие многу непознати, ама не е лошо „фино“ да се размисли околу неколку „фини“ варијанти:

1) Изразувањето подготвеност за билатерално решавање на „спорот“ да биде проследено со широкоградо прифаќање на „финиот“ предлог од „финиот“ господин Нимиц, но врз основа на „финиот“ принцип на реципроцитет: Ако „Нова Македонија“, тогаш и „Нова Грција“! Ако ние „Новомакедонци“, тогаш и тие „Новогрци“!

Со тоа ќе покажеме дека сме „фини“ кон „финото име“ од „финиот“ господин Нимиц, но ако и само ако и Грците испаднат барем исто толку „фини“ како нас да прифатат да им бидеме и ние кумови ним, а не само тие нам.

Така, наместо Бакојани и Милошоски да си играат танго, можат заедно да заиграат ем „тешкото“, ем „сиртаки“. Само да не испадне на крај нешто како „тешкотаки“!

2) Ако првиот предлог не биде прифатен, тогаш протестно напуштање на т.н. „спор“ поради ригидност на другата страна и поради очебијни симптоми на пристрасност кај „олеснувачите“, користејќи притоа:

а) „постмодернистички“ аргументи дека тука воопшто не станува збор за спор, туку за раскол: за „таков случај на расправа помеѓу (најмалку) две страни кој не би можел праведно да се разреши, бидејќи недостасува правило за расудување применливо на обете аргументации“.

б) аргументи дека постојаното одложување на наметнатиот „спор“ е во интерес само на едната страна (Грција) која е во добивка со самото тоа што за времетраење на „спорот“ Република Македонија не се именува во ОН и во други меѓународни организации со своето уставно име;

в) аргументи дека основните човекови права, како што се правото на државјанство, и правото на идентитет на личноста, засегнати со т.н. „спор“, не можат да бидат предмет на преговарање и компромис, туку може да бидат само предмет на признавање, почитување и заштитување.

3) Протестното напуштање на т.н. „спор“ да биде проследено со уставни измени во кои „Република Македонија“ ќе добие уште една додавка – како „Европска Република Македонија“, „Југоисточно-Европска Република Македонија“, или „Вардарска Република Македонија“ (додавката би се однесувала на „Република“, а не на „Македонија“, па не би имала никаков ефект врз државјанството и идентитетот). За уставните измени би требало да се постигне најширок можен политички консензуз, а промената на името на државата од наша страна, без никакво мешање од кого и да е од страна, е нужна претпоставка не само за да му покажеме на светот дека не сме тесногради етно-националистички фанатици, туку и за да започнеме новa процедура за наше меѓународно именување во рамките на ОН и пошироко, со што конечно ќе ја тргнеме навредливата „привремена референца“ која се почесто е заменувана со уште понавредливиот „акроним ФИРОМ“.

Ако не преземеме вакви или слични чекори, тогаш може да се случи „личниот фаворит“ на Нимиц (или некое уште поступидно решение) да стане конечно и наметнато решение за „спорот“, по неуспехот на тешките „преговори“. Да потсетам само дека „Нова Македонија“ е кај нас име кое асоцира на „комуњарски“ дневен весник кој започна да се издава во 1944 како орган на народниот фронт. Наметнувањето на „Нова Македонија“ би значело и обистинување на пророчките завршни стихови од една детска „броенка“ која, ако добро паметам, завршуваше токму со зборовите „...Ста-ра Ју-го-сла-ви-ја, но-ва Ма-ке-до-ни-ја“.

3 коментари:

Анонимен рече...

„...Ста-ра Ју-го-сла-ви-ја, но-ва Ма-ке-до-ни-ја“. А броенката се вика „Компанија, месо-боранија“. И споров со имево баш таков испадна.
А нова Македонија, дека за „комуњарите“ се` почнуваше од нив, па така и Македонија требаше да биде „нова“, а згора на тоа и народна, демократска, социјалистичка, федеративна, кичеста во името како и во грбот (се` уште актуелен).
Е, а броенката во својата најхардкор варијанта завршуваше со „... славејчето пее Тито да живее
кукавица кука Хитлер да испука“

Unknown рече...

Фала ти што ме потсети на текстот. Делчето со Тито и Хитлер го бев заборавил.
Само да не испадне „Компанија, рикнула боранија“ :)

GoodBytes рече...

1. Не гледам потреба зошто би го менувале нашето име со цел на било кого да му покажеме дали сме националисти или не. Нашите атрибути се покажуваат на други начини.

2. Велиш „ќе ни наметнат“ име. Баш ме интересира кој тоа ќе ни наметне име и ќе ни каже што сме ние. Повеќето од големите сили веќе го кажаа својот став во наша корист.

Грција ги истроши сите аргументи. Да имаше барем еден валиден, со силата на својата дипломатија одамна ќе имаше „победено“. Времето е на наша страна, под услов да не попуштаме. Тоа што за Грците е дневно-политичка агенда, за нас е работа на национален идентитет. За Грците се работи за гласови за добивање избори, за Македонците се работи за крв која нашите дедовци ја лееле за ова име кое денес го носиме.

Мене не ми треба да влезам во НАТО, ЕУ или било каде како Новомакедонец или Евромакедонец.

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week