ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ: Заедно против Македонија?

5/14/2007

(блог колумна)

Работава дојде: СДСМ да те апне, или ВМРО-ДПМНЕ да ти го бапне!

Кога станува збор за приближувањето кон ЕУ, испаѓа дека обете „наши“ „стожерни“ партии неуморно работат во полза на македонската штета. Со едните итаме кон ЕУ со брзина на полжав, со другите трчаме со брзина на желка!

Што аир видовме кога СДСМ беа на власт?

Се искршија кутрите од работа на промоција и имплементација на основните принципи на кои се темели ЕУ. Устите им се испенија зборејќи везден за демократија, владеење на правото, и почитување на човековите права. Ѓоновите им се излижаа од трчање за да изградат систем каде што ќе функционира поделбата на власта и пазарната економија.

Ех, пусти желби наши.

Што видовме, што дочекавме:

Наместо владеење на нашите народни претставници во Собранието, не мелеше теледиригираната „гласачка машина“. Парламентарна дебата се претвори во карикатура - јавниот интерес и заедничкото добро беа девалвирани во монети за партиско поткусурување.

Наместо владеење на правото, владееше невидено партиско самоволие и рамнодушност кон корупцијата, митото и непотизмот во „партиските трла“ и „бачила“.

Наместо борба против дискриминација и донесување закони што ќе обезбедат почитување на човековите права, секојдневно не потресуваа мега-скандали како „Ел Масри“, „Беќиров“, Вранишковски, отпуштања/вработувања по партиска линија, а за последиците од полицискиот башибозук на „Алфите“ ич да не праиме муабет.

Наместо систем на функционална поделба на власта - „политичка оргија“ во која членовите на судската и законодавната власт не можеа да се доберат до прекидачот за да го запалат светлото и да протестираат: „Луѓе - ова веќе нема смисла, дајте да се организираме...“

Наместо функционална пазарна економија - монополистички олигархизам во кој народот го осиромашува кој попрво ќе стигне – најмногу преку арачот за струја, парно, телефон, вода, тв-претплата, градски превоз... Кај го има бре тоа, просечна плата да оди за сметки, а пола од народот воопшто да не зема плата?

Најтрагично од се, неколку месеци пред изборите, самозадоволните државни функционери на СДСМ заборавија дека 2006 е клучна за прием во НАТО и ЕУ, ги занемарија работните обврски и сите свои сили ги вложија во катастрофалната предизборна кампања во која на дело покажуваа дека ич не им е гајле за Македонија, туку само за нивните мрсни фотелји.

Демек, што се битни реформите ако загубат тие – тогаш, нека губи и Македонија!

Поминаа изборите. Дали нешто драстично се промени со промената на власта?

Дојде пролетта, расцутеа дрвјата, а никако да настапи демократската пролет, да почнат да цутат владеењето на правото, и почитувањето на човековите права.

Напротив, дојде сурова зима за малите и идни партии кои отсега прашање е дали ќе можат да се регистрираат. Партиските гласачки машини сеуште ја мелат парламентарната дебата од која никако да испливаат „добрите идеи“ кои треба да ги подржи владата. Затоа ли, кутрата ни Влада, мораше да плаќа дополнителни огласи во медиумите, за да прибере понекоја добра идеја од граѓаните? Кога веќе самата ги нема, мора од некаде да ги бара?

И на оваа влада, како и на претходната, малку и е гајле за тоа што нема партиски консензус во однос на главните политички приоритети: неопходните реформи за влез во НАТО и ЕУ. Демек, што се битни реформите ако загубат тие – тогаш, нека губи и Македонија!

И сега сме сведоци на партиско самоволие и партизирање на администрацијата, на непотизам и „тренирање строгост“ во државните служби сфатени буквално како „партиски трла“. Вистина, оваа влада е далеку побучна на тема „Нулта толеранција кон корупцијата“, ама ако ги игнорираме телевизиските спектакли за наивни гледачи, не се гледаат покрупни резултати.

Наместо сегашнава Влада да предложи закон за анти-дискриминација и да ги почитува меѓународните конвенции за човекови права, и оваа влада продолжи со отпуштања/вработувања по партиска линија, не отвори истрага за „Ел Масри“, не го затвори случајот „Беќиров“, продолжи да го прогонува Вранишковски, а „Алфите“ сеуште претставуваат сериозна закана по сигурноста на граѓаните.

Системот на поделба на власта пак не функционира – иако судскиот совет конечно почна да го чисти од р’ѓа судството, тој сеуште не е докомплетиран. После пет години, власта најпосле призна дека судовите сеуште немаат капацитет да ги судат хашките случаи. Уставниот суд сеуште ни пати од ненадлежност, неодлучност, и од отсуство на било каква иницијатива. Кохабитацијата претседател на влада – претседател на држава „функционира“ погубно за имиџот на Република Македонија - главни влогови во јавните препукувања и дискомуникацијата се токму јавниот интерес и општото добро.

Наместо функционална пазарна економија, уште дивее монополистички олигархизам во кој народот го осиромашува кој попрво ќе стигне – обичниот граѓанин сеуште тешко излегува на крај со основните сметки за струја, парно, телефон, вода, тв-претплата, градски превоз, книги и ужинка за децата... Народот нема пари да се лекува, а се повеќе слушаме за смртни случаи на сиромашни луѓе кои немале ниту сини картони, ниту пари да си платат лекување.

Цените рипаат нагоре, платите стојат во место, а бројот на невработените не се намалува. Никако да ги почувсвуваме ефектите од „успешната“ кампања „Инвестирајте во Македонија“.

Најтрагично од се, челниците на ВМРО-ДПМНЕ како да заборавија дека 2006 и 2007 се клучни за прием во НАТО и ЕУ, и сите свои сили ги вложија во тоа да останат на власт по секоја цена. Дури и по цена да немаат бадентерово мнозинство, неопходно за донесување на клучните реформски закони. Дури и по цена да стане сосем неизвесна речиси сигурната покана за прием во НАТО. Дури и по цена сосем да пресушат позитивните сигнали од Брисел, во отсуство на било какви позначајни чекори напред во агендата за приближување кон ЕУ.

Навистина, која е цената што ја плаќа Македонија за нарцисоидниот Груевски да може да ужива во сопствениот, нереално висок политички рејтинг?

И, најпосле, на што се должи неговиот висок углед кај граѓаните: на реални политички и економски успеси? На нереални политички очекувања од страна на електоратот? На манипулации со јавноста, или на нешто сосем четврто?

Бездруго, Груевски повлече неколку успешни потези кои наидоа на одобрување кај електоратот, меѓутоа, неговиот инает во однос на учеството на ДУИ во власта (без што нема бадентерово мнозинство, ниту стабилност), неговата тврдоглава стратегија - „на мртов претседател нож вади“, проѕирните манипулаци со рамковниот договор, непотребните заострувања на односите со декласиранииот СДСМ, неговата дарба да создава проблеми и онаму каде што најмалку треба (името на аеродромот), инсистирањето на маргинални политички теми сосем небитни за ЕУ-агендата, се се тоа сопки што Груевски самиот си ги поставуваше во неговата посакувана трка во „сто чекори“.

Колкава само политичка енергија се потроши во Собранието за Законот за празниците, за воведувањето на веронауката, за лустрацијата, за сосема маргинални пратенички прашања и одговори, за прибирање кворум, итн. – и тоа во годината каде што секоја собраниска минута требаше да биде испланирана и ефектуирана во функција на реформите што требаше да не доближат до ЕУ и НАТО?

Колку ли само енергија вложи владата за да го поправи „Милениумскиот крст“ и за да воведе веронаука, а сеуште немаме закон со кој ќе се заштитуваат религиозните права и слободи?

Слушам пред некој ден и не ми се верува: после фамозното писмо до директорите, главна тема на владината прес-конференција е новото писмо од премиерот, овојпат за потребата за физичко образование на учениците, со цел да произведеме успешни спортисти кои би требало да не претставуваат на меѓународен план?!?

Можеби оваа влада нема сериозни проблеми во односите со јавноста, ама има ептен сериозни проблеми со приоритетите. Освен ако клучен приоритет не и е перење на мозокот на гласачите.

И покрај сите критики упатени на адреса на Владата, не треба да се пренебрегнува фактот дека мнозинството од народот сеуште верува во оваа Влада.

Дали Груевски ќе знае да го искористи тоа? Досега покажа претходно невидена доблест да признава дел од грешките, некои од нив и веднаш да ги исправа. Се чини, токму од Груевски најмногу зависи дали ќе ги прескокне сопките што самиот си ги постави, и дали ќе создаде политичка клима во која севкупниот интелектуален потенцијал ќе се фокусира на ЕУ-агендата.

Секоја стратегија за купување време е губитничка стратегија, зошто време нема. Одамна помина пет до 12.

За жал, некои се сеуште толку лежерни и се прават како да е 3 и пол!

7 коментари:

Photo Volan рече...

Кутро и Мурто политика ... Е сега кој е Курто а кој Мурто нека одлучат двете најголеми МК партии ...

Unknown рече...

Да потсетам само што напишав на 5 јули 2006:
„За жал, додека вие, големите партии, си играте „Сјаши Мурто да узјаше Курто“, најголем дел од граѓаните на Република Македонија сакаат да избегаат од тука, да избегаат што подалеку од вас, некаде џенем во Канада, Австралија, Нов Зеланд...
Да се преродат. Со големи чекори.“
А сум пишел и на тема „Кој и да победи, ние губиме“ :(

Анонимен рече...

Малку ти е прерано пишана колумнава.
И едните и другите во моментов се во шок: СДСМ се во електричен (коматозен), а ДПМНЕ во адреналински (еуфоричен). Ќе стивне состојбата и тогаш дијагнозата полесно ќе се постави.
Но, страв ми е за издржливоста на пациентот

Unknown рече...

Можеби си во право дека преуранувам, и дека критиката е избрзана - дај боже да е така! (ова „боже“ молам да се сфати чисто како сленг :).
Инаку, мајстори сме за „успешни операции“ и за поставување на точни дијагнози на мртви пациенти.
Наместо обдукција, нам ни треба под итно реанимација и рехабилитација (но, без Андов и компанија, ако се може) :)

Анонимен рече...

„Најтрагично од се, неколку месеци пред изборите, самозадоволните државни функционери на СДСМ заборавија дека 2006 е клучна за прием во НАТО и ЕУ, ги занемарија работните обврски и сите свои сили ги вложија во катастрофалната предизборна кампања во која на дело покажуваа дека ич не им е гајле за Македонија, туку само за нивните мрсни фотелји. Демек, што се битни реформите ако загубат тие – тогаш, нека губи и Македонија!“
Да си ми жив и здрав.
Ова е една од разликите меѓу Македонија и новите земји членки. Во Бугарија претходните две влади свесно отидоа во изборен пораз, а се со цел Бугарија да ја доближат до целта, а тоа беше ЕУ. Ова колку да сфатат бугаромрзците во Македонија. Дека разликата меѓу двата народа не е во различниот јазик, туку во вложувањето во иднината на татковината.

Unknown рече...

Сале, кај нас очигледно многу повеќе се вложува во минатото.
Не знам само дали (и кога) и гласачите конечно ќе сфатат дека политичката дилема „или СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ“ е губитничка за иднината на Македонија
А од минатото не се живее.

Unknown рече...

И денешниот коментар во „Дневник“ вреди да се има предвид:
„И кога од Загреб, преку американскиот заменик-државен секретар Николас Барнс ќе стигне чиста како солза порака дека Република Македонија заостанува во реформите и дека ќе треба уште многу, многу да работи за да дојде до поканата за членство во НАТО, наместо отрезнување и сфаќање на нејзината суштина, домашната политичка елита самата себеси, па и на сите нас ни наметнува лажна дилема. Таа треба да одговори на прашањето што е подобро? Дали да веруваме во лага што носи насмевки или во вистина што носи солзи?!

Ни лагата, ни вистината, ни насмевките, ни солзите се во прашање. Во прашање е отсуство на желба за компромис и манифестирање единство, во чија основа е недостигот од реална и вистинска процена за чувствителноста на тајмингот на патот кон ЕУ и НАТО. И тоа на сите политички чинители и институции без исклучок! Навистина, што ќе му е на премиерот Никола Груевски уживањето во лавориките на високиот рејтинг или малограѓанските партиски обвинувања за кодошење на сметка на шефот на државата? Што ќе му е на претседателот Бранко Црвенковски гледањето сеир и обвинувањата на сметка на владата кога „заушки“ добива државата што ја води? А, притоа и да сака не може да се амнестира од одговорноста за севкупните состојби во државата како премиер на три досегашни влади.“

Мојот список со блогови

>> <<

Text

Archive

Recent Post

Архива на блогот

Footer Widget 1

Footer Widget 3

Blogger Tricks

Blogger Themes

Catwidget4

Букефалистички парадокси: Филип („љубител на коњи“) стана воин без коњ.

Comments

topads

Footer Widget 2

Популарни објави

Популарни објави

Popular Posts this month

Popular Posts this week