Блогерки и блогери!
Мили браќа, уште помили сестри, и најмили комшики!
Немојте толку лесно да подлегнувате на смислени провокации.
Не дозволувајте правта што се крена околу блогерската конференција да ви ги нараси очите и да ви го замати видот.
До вчера г’з и гаќи, а сега Букарски против Шепард, чиниш Ејлиен против Терминатор (или Предатор ќе да беше)?
Мижи асан да ти баајам!
Се е тоа смислено сценарио.
Се е тоа разработена стратегија.
Се е тоа дел од конспиративната реклама за т.н. „блогерска конференција“.
Прво го подмитуваш Букаро со 10-тина пивца у некоја скопска кафана (шанкерката мора да е русокоса), па му потшепнуваш нешто, демек тајно – „Невладините сакаат да го стават блогерај под капа“. И - свршена работа!
Откако елегантно пополнетиот Алекс, ко што го родила мајка, и ко што го израснала Битола, ќе дрмне на екс десетина пивца, и откако ќе ќари насмевка и e-mail адреса од русокосата шанкерка, тогаш тој необично се преобразува во Суперблогерот Букарски. Со суперсонична брзина се уштекува на својот блог и дига невидена (а секому веќе позната) ЏЕЕЕВАААА, разоткривајќи ја најновата конспирација. Во стилот на Груевски, со лево кроше мава по невладините, со аперкат по блогерите што се дрзнале некаква си таму конференција да прават, а со десно кроше по коментаторите што се осмелиле по блогот да му какаат!
Дури и проникливата Би подлегна на провокацијата. Дури ни експертката по пропагандни техники не сфати дека кога Букарски е во прашање, доколку рекламата е понегативна, дотолку е истата поефективна!
Трачевите бргу се шират во усмрденото Скопје, за ескпресните понуди што ги доби Букарски после разбивањето на блогерскиот џган.
Првата понуда, велат, пристигнала од „букарашкото“ лоби во ВМРО-ДПМНЕ. Користејќи ги тајните масонски канали, „букарашите“ го ангажирале да распука со сите сили по Груевски и Владата. Оти, кога Букарски мава – лево кроше, метафора, десно кроше, цитат – тука нема промашај! Политичкиот рејтинг на „жртвата“ на Букарски експоненцијално расте. Кој не верува, нека се присети само како заврши „жртвата“ Боцевски после „Чуму“!
Втората понуда пристигна од штабот на Шеќеринска. Врската беше преку една невладина организација (ама блиска на „Владе“), која што лани упорно го билдаше писателскиот рејтинг на Букарски, спонзорирајќи ја неговата книга првенец со пари од влашкото банкарско лоби. Абер од штабот пристигна: „Аман, Букаро, плукај по Шеќеринска, маани наоѓај колку ти душа сака – сакаш за новата фризура, сакаш за новиот имиџ, сакаш за нејзините метросексуални склоности – ма, плукај за што ќе ти текне, чоече, за „влашкото лоби“, за „тутунската мафија“ - оти крајно време е скромниот рејтинг на милата ни Шеќеринска да почне да рипа.“
Третата понуда пристигна од „гробарите на македонската колумна“, преку еден бивш конзул, несуден масон, од неодамна инфилтриран како анти-блогер: „Аман бе Букар, дај почни пак да не пердашиш и „закопуваш“, оти откако престана да маваш со дрвја и камења по нас, читателите загубија секаков интерес, а уредниците сакаат буквално да не закопаат за век и вјеков. Некои од нас толку ниско паднаа, што дури и блогови почнаа да си отвораат. Аман, удри по нас со тоа сленгот Битолски, ако треба по педесет примероци од „Падобранот“ ќе ти откупиме, и по еден примерок со твој потпис лично на секоја од љубовниците ќе поделиме! Толку можеме, оти горчлив е лебот колумнистички, како што и самиот вкуси.“
Ете така, блогерки и блогери!
Ете така, мили браќа, уште помили сестри, и најмили комшики!
Не дозволувајте да ве залажат.
Конфликтот е фингиран. Играта Букаро vs. Вуна е разоткриена.
Се е тоа смислено сценарио зад кое се кријат политички интереси на влашкото лоби, на тутунската мафија, и на масонските ложи од нашите соседни земји.
Немојте да дозволите очите да ви ги мачкаат со поликолор, божемски земен на компензација од Колумбија!
И повеќе од јасно е дека сите овие „душегрижници“, сите овие „блогери“-волонтери, преку своите „невладини конференции“, сакаат да го стават под контрола нашиот блогерај! Сакаат да наметнат нов јарем во нашата слободна територија, во нашата Крушевска Република, во нашата бавча за културно сопкање на блогерите и тајно бришење на коментаторите.
Зарем ќе им дозволите да го направат тоа, вие славни потомци на Александар Македонски, внуци на Самуиловите ослепени војници, вие синови и ќерки на славните „Илинденци“, на бескомпромисните „анти-фашисти“ и на сите непрежалени борци кои ги дадоа своите животи за слободна и самостојна „Поранешна Југословенска Република Македонија“?